Мамец за брза заработка до 3500 евра претставена како нов метод на анонимен професор
Групирани со новинарски текстови за актуелни случувања во Македонија, две објави на портал водат кон идентичен текст во кој професор дава совети на македонските корисници како да заработат со само 50 евра влог.„Откри тајна на финансиските корпорации како да се заработат 1200 евра, а дури и 3500 евра месечно без ризик и дополнителен труд“, е насловот на текстот, кој е типичен клик бејт. Анонимниот француски професор од извесен „истражувачки центар од Лион“- повторно анонимизиран, кој држи снопчиња пари во рака, повикува на храбро вложување, без никаков труд и тешка работа.
„Секој македонски граѓанин и Европеец може да заработи дополнителни 1200 евра, 2500 евра, а дури и 3500 евра месечно без ризикување на заштеда и инвестирање илјадници евра“ , ја пренесува порталот препораката на наводниот професор.
Приказната добива уште поголема примамливост со тврдењето дека „уште првиот ден се заработува од 50-120 евра на чисто“. На крај се добива 1660 евра дополнителна плата, убедува текстот. Како дополнителни аргументи читателот да се „залепи“ на неверојатната приказна за овој нов финансиски метод, текстот пишува за голготата, заканите и прогонувањето на анонимниот професор од страна на алчните финансиски институции.
Кога ќе се пребара по објавената фотографија, ликот на наводниот професор може да се најде како илустрација за текстови објавени во повеќе странаски медиуми. На сајтот The Hans India, фотографијата на професорот е искористена за текстот под наслов „Богатите луѓе имаат многу помалку Фејсбук пријатели од странство“. На The sun daily, се илустрира текстот под наслов „Во текот на корона периодот има повеќе од 3400 нови милионери“.
Понатаму, а со цел да се добие поголема веродостојност на рекламниот текст, споменатиот македонски портал, го сместува во делот каде се споделени актуелни текстови од Македонија, за реални настани. Таму е поместен уште еден текст со атрактивна девојка. „Инвестирала ситни пари во Биткоинти. Сега живее како кралица“ е насловот, но кога ќе го отворите, го добивате сосема истиот текст со новиот метод на анонимниот француски професор.
Се работи за типични рекламни, чија крајна цел е примамат луѓе да платат пари, преку кои им ветуваат заработка. По долгите редови на розева приказна за успехот на методот на заработка, се оди од страна до страна и на крај објавата повикува да се оди на линк каде треба да се уплатат 3990 денари, кои со попуст стануваат 1990 денари за „инвестициски пакет со попуст од 70%“. „Пакетите“ брзо се трошат, бидејќи прозорчињата на сајтот предупредуваат дека се намалува бројката на слободни пакети, додека вие се’ уште размислувате.
Ова е една од типичните текстови кои мамат, со цел да наплатат пари од посетителите на интернет страната. Износот е прилагоден за стандардот на македонскиот граѓанин, кој дополнително се убедува преку споделени искуства на ФБ корисници, кои изгледа дека веќе влегле во шемата. Секако, ова само уште еден прилог во измамата преку наменски креирани профили. На ваков начин се продаваат и скапи лекови и чаеви за машка потенција, средства кои го менуваат изгледот преку ноќ, па и криптовалути.
Дирекцијата за заштита на лични податоци предупредува на ваков тип на финансиски измами кои, како што пишува, опфаќаат и лажни веб страници на финансиски инситуции. „За жал, голем е бројот на корисници кои не се запознаени со овој вид на измама“, пишува, ДЗЛП.
Во начините и алатките за измама Дирекцијата се и:
„Пораки со кои се намамува корисникот да уплати одредена сума на пари на лажна сметка (На пример, порака за драстично намалување на цената на одреден производ кој може да се купи само на Интернет)“.
Медиумската и интернет писменоста се’ уште останува голем предизвик за македонското општество ако се суди според податоците од бројни домашни и странски инстражувања, се високоподложни на дезинформации и лажни вести. Често пати на своја финансиска штета.
Медиумите од своја страна се должни во најмала рака да издвојат што е новинарски продукт, а што рекламен текст, но и да предупредат доколку во позадина е измама.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.