Со стара фотографија која не соодветствува со настанот и генерализација во текстот се изнудуваат кликови на читателите
Рецензираме текст од веб порталот со наслов: „Не можејќи да го претрпат поразот, членовите на СДСМ почнаа насилно да се тепаат по улици“, каде како илустрација е искористена стара фотографија и не е поврзана со конкретниот настан. Фотографијата објавена во овој новинарски текст е всушност фотографија од тепачка во месец март оваа година во Струмица. Настанот во продолжение според текстот, се случил во Струга.
„Во инцидент со употреба на физичко насилство денеска во Струга настрадал претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани Ѓорѓи Влајнкиноски. Лицето кое го извршило нападот е зет за сестра на Јанковски и важи за најголем активист на СДСМ во Вевчани“, пишува порталот.
Во сaмиот наслов има генерализација дека членови на СДСМ почнале насилно да се тепаат по улици, односно впечатокот е дека сите членови на оваа политичка партија почнале меѓусебно насилно да се пресметуваат.
Исто така не се посочува конкретно место, туку читателот има впечаток дека тепањето е по сите улици. Со овој наслов се претставува и искажува нешто на ниво на општ заклучок што не се однесува на единечното, туку на нешто пошироко и општо.
Подолу во текстот, креаторот на истиот се повикува само на извори од полицијата, кои не се потврдени од таму.
„Инцидентот е пријавен во полиција а Влајинкоски во моментов е во струшката болница, потврдуваат членови на неговото семејство“.
Меѓутоа тука нема официјална потврда во случајов од СВР Струга, односно информацијата не е запишана во дневните билтени на МВР иако во текстот стои дека инцидентот е пријавен во полиција.
Во овој дел од текстот има прекршување на првиот принцип од Кодексот на новинари во кој стои:
„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“
Исто така прекршен е членот 1 став (1.5) од Насоки за етичко известување на онлајн медиумите:
„Онлајн медиумите ќе настојуваат секогаш да го наведат изворот на информацијата со конкретно и прецизно упатување на тој извор“.
Со фотографијата која не соодветствува со настанот се прекршува членот е (1.3) од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите во кој јасно стои дека
„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст“.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.