Кој ќе го замени Заев „открива“ портал ама во текстот ни збор за откритието
Техничка вест која јавува дека на местото на премиерот Зоран Заев во оставка, во Белград на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ оди вицепремиерот Никола е искористена преку насловот да шпекулира со сигурност дека Димитров ќе биде новиот премиер.
ЧОВЕКОТ ШТО ПОТПИША ПРОМЕНА НА ИМЕ СТАНУВА НОВ ПРЕМИЕР НА МАКЕДОНИЈА објавува порталот преку наслов кој квалификува дека „новиот премиер“ е тој кој „го продаде“името на државата.
Насловот е сосема несоодветен за текстот, кој информира дека ќе се одржи работен состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ на кој учествува Димитров, со детали од агендата на средбата.
„Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата“, пишува порталот.
Никаде подолу во текстот нема збор за тоа како Димитров „станува премиер“, ниту пак објаснување што е познато во јавноста дека Заев го откажа учеството на работната средба во Белград, по што било одлучено Димитров да го замени.
Уште еден пример на клик бајт наслов, чија намера е да ја натера публиката да го отвори текстот и да прочита, без да го даде очекуваниот одговор од насловот, внатре во текстот. Всушност со отворањето на текстот, читателот почнува да се прашува дали е направена техничка грешка, па под насловот е ставен сосема поинаков текст. Насловот е манипулативен и е искористен да ја пренесе шпекулацијата со можниот заменик на Зоран Заев на премиерското место.
Авторот, кој патем, не е познат на јавноста, бидејќи текстот не е потпишан, ја искористил актуелноста на темата со оставката на Зоран Заев за да донесе публика на сајтот. Но, во исто време, вниманието на јавноста ја користи за да тврди дека Никола Димитров, ќе биде новиот премиер, кој е човекот што го потпиша Преспанскиот договор, со кој се промени името на државата.
Порталот со оваа објава, го прекршил основниот принцип на информирање од Кодексот на новинари, каде пишува дека основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.
„Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни, пишува во членот 1 од Кодексот.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.