Укинувањето на студентскиот оброк за еден студент портал го поврзува со поразот на изборите
ДЕФИНИТИВНО ИЗБОРИТЕ ЗАВРШИЈА: МОН НА СТУДЕНТИ ИМ ГО УКИНУВА ПРАВОТО НА СУБВЕНЦИОНИРАН СТУДЕНТСКИ ОБРОК е насловот на текстот на портал, кој со просто пренесување на Фејсбук пост констатира:
“Крчмата се затвара, крчмарот го носи рачунот за испиеното и изеденото”.
Порталот пренесува објава на студент кој во прилог го ставил писмото што го добил од Министерството за образование и наука (МОН), во кое го известуваат дека оваа студиска година нема да биде корисник на студентски субвенциониран оброк.
Порталот не се ни потрудил да пренесе дел од објаснувањето на МОН зошто студентот не е корисник на правото. МОН во писмото го известува студентот дека по направените проверки во Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување, утврдува дека студентот не ги исполнува условите.
Исто така, авторот на краткиот текст не го применил основното новинарско правило – да се праша другата страна, односно Министерството. Текстот од две реченици го дополнува со прашањето:
„На колку студенти после само 12 часа од завршување на изборите на нивното електронско поштенско сандаче им стигна “честитката” од Министерството за образование и наука и Министерката Мила Царовска дека им се прекинува правото на субвенциониран студентски оброк?“, прашува порталот.
Објавата на порталот не се разликува од пишувањата на дел од опозициските партии, кои или споделуваат Фејсбук постови или коментираат со идентична констатација – дека цената на изборниот пораз на власта е испорачана на студентите.
Мало пребарување на темата води кон неколку обработени новинарски текстови, чии автори побарале и добиле објаснување од Министерството за образование и наука.
Во еден од текстовите е пренесен одговорот од МОН, каде се појаснува дека 70-тина студенти го добиле овој одговор:
„На повеќе од 70 студенти им е стигнато известување дека се одбиени, бидејќи мејлот им се води на друго лице и од тие причини се известени дека им се укинува, а во суштина тие ги исполнуваат условите. Проблемот е што повеќе студенти аплицирале од еден ист мејл. Некои коишто добиле известувње дека се одбиени, веќе ги добиле средствата, уплатени им се на сметка.“, одговориле од МОН.
Во „Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“ во насоките за примена на членот 1 од Кодексот на новинари пишува:
„Онлајн медиумите ќе известуваат само врз основа на факти чие потекло му е познато на новинарот, повикувајќи се на различни извори на информации и, по правило, потпирајќи се на јасно идентификувани и веродостојни извори. При користењето информации добиени од социјалните мрежи, од веб-страници, блогови или други извори на интернет, онлајн медиумите внимателно ќе ја проверат нивната веродостојност и кредибилност “.
Аудио плејерThis project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.