Портал манипулира со фотографија за да прикаже поддршка од противкандидат
Со фотографија од пред почетoкот на изборната кампања, текст на портал го насочува читателот да мисли дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски, кој не влезе во вториот круг на избори, го поддржува неговиот противкандидат, Максим Димитриевски, кој оди понатаму во вториот круг на Локалните избори.
„ПРОТИВНИЦИТЕ НА ВЛАСТА СЕ ОКРУПНУВААТ ЗА ВТОРИОТ КРУГ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ“ е насловот на текстот, каде пишува:
„Низ социјалните мрежи може да се забележи како актерот Тони Михајловски со силна енергија во позитивна атмосфера се поздравува со независниот кандидат за градоначалник на Куманово Максим Димитриевски“.
„Поздравувањето“ е од фотографијата од Мото рок фестивалот, што се одржа од 25–27 септември во Куманово, непосредно пред почетокот на предизборната кампања на 27-ми септември. Михајловски и Димитриевски со туркање на рака на направената фотографија на фестивалот шеговито ја најавуваат партиската борба во првиот круг на Локалните избори.
Максим Димитриевски, како актуелен градоначалник, го отвори фестивалот на 25-ти септември. Фотографиите од отворањето, Димитриевски ги сподели на своите социјални мрежи истата вечер по свеченоста. Овие фотографии се објавени и на ФБ профилот на организаторот на фестивалот, Мото клубот „Мечки“ од Куманово.
Под фотографијата што споменатиот портал ја објавува на 19 октомври стои:
„Вежбаат за второ полувреме: Тони и Максо“
Овој дел од текстот е типичен пример на недостиг на контекст, каде авторот намерно манипулира со изнесените податоци. Во Насоките за етичко известување во онлајн новинарите на СЕММ, пишува:
„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст“.
Текстот во вториот дел сугерира дека опозицијата се окрупнува пред вториот круг на Локалните избори. При тоа, се споделуваат уште два статуси од Фејсбук на поранешниот директор на Драмски театар од Скопје, Сашо Тасевски и на претседателката на партијата Глас од Македонија, Солза Грчева.
„После дебаклот на политиките на СДСМ пренесени преку севкупниот резултат од локалните избори на државно ниво, голем фронт на противниците на актуелната власт предводена од Зоран Заев се окрупнуваат околу кандидатите за вториот круг од локалните избори, поддржани од ВМРО-ДПМНЕ или останатите кандидати за градоначалници кои се спротивставуваат на актуелната политика на СДСМ“, пишува порталот.
Со наводите од текстот се крши и Кодексот на новинари, каде во принципите на однесување стои:
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.
Кодекс на новинари
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.