,,Власта пали учебници во Прилеп“, а оган никаде нема
Пост објавен на Фејзбук пренесува портал во текст со наслов: ,,Власта пали учебници во Прилеп“, во прилог на кој е објавено и видео на кое се гледа како на трактор се товараат книги. Текстот и видеото не посочуваат на која локација се товарат книгите, како што пишува во насловот дека тоа е во Прилеп. Текстот не е потпишан, ниту пак информацијата е проверена.
Иако во насловот на текстот се посочува дека „Власта пали учебници во Прилеп“ ниту во текстот, ниту во објавата од фејзбук, не се споменува дека учебниците се палеле, туку само дека тие се носат на депонија. Авторот сметал дека си ја завршил новинарската работа, со тоа што просто го пренел постот од Фејсбук:
„Не! Не е ова Бабелплац во Берлин 1933 година и горењето книги од Нацистите. Ова е во Прилеп вчера. Лудата власт во Македонија, на чело со Мила Царовска и Заев, фрла учебници во трактор и потоа ги носи на депонија. Тотално откачување од здрав разум имаме. Добредојдовте во ТОТАЛИТАРИЗАМ!“.
Насловот не е поткрепен, ниту со видео, ниту со фотографија, туку станува збор само за претпоставка.Се пренесува само фејзбук објавата и истата не е проверена кај релевантните институции.
Во Кодексот на новинари стои:
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Според ,,Прирачникот за етичко информирање за време на избори“ на ЗНМ, Медиумите треба да применуваат чесен пристап во стекнувањето информации и во нивното презентирање.
„Притоа тие треба да избегнуваат сензационалистички прикази на темите и настаните, како и погрешни претпоставки што би можеле да ја доведат јавноста во заблуда“
Во насоките за етичко известување во онлајн медиумите, што е интерпретирана примена на Кодексот на новинарите во онлај сферата, во член 4 се вели дека „Онлајн медиумите нема да ја злоупотребуваат одредбата за заштита на доверливите извори и да се повикуваат на непостоечки „анонимни извори“, со цел да манипулираат со информациите или да пласираат лажни и измислени информации со кои јавноста се доведува во заблуда.“
За разлика од авторот на текстот што го рецензираме, дел од медиумите ги истражија наводите од социјалните мрежи. Според овие истражувања, во Прилеп навистина се собирале учебници, но тоа не се учебници за четврто одделени, на што се алудира во објавениот текст и во согласност со актуелниот момент, ниту пак книгите што се товарат на трактор се носени на депонија за да се палат.
Во телевизиска изјава, директорката на ОУ Блаже Коневски од Прилеп, потврди дека во училиштето имало таква активност, но и дека „се работи за законска постапка врз основа на Правилник за отпис и расходување на средства. Тврди дека се работи за „стари учебници и неупотребливи материјали, вежбанки кои пречеле во работна просторија која им била потребна и решиле да го ослободат просторот“
Овие книги не завршиле на депонија ниту пак биле запалени туку , како што тврди директорката, нив ги откупила овластена фирма за откуп на стара хартија која потоа се носи на рециклирање. Паричните средства од таа активност се уплаќале на сметката на МОН.
Насловот на текстот на кој е пренесено видеото е преувеличен и сензационалистички и служи како мамка за кликови, но и за манипулирање на јавноста со користење на дезинформации.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.