Мицкоски дезинформира дека Македонија ќе купува јаглен од Косово
Изјавата на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дадена во Битола во текот на предизборните настапи дека Македонија ќе купува јаглен од Косово за термоцентралата РЕК не е точна. Државата навистина интервентно ќе купува јаглен, меѓутоа од каде не се знае, бидејќи тендерот за набавка се’ уште не е завршен. Рокот за доставување на понуди е продолжен до понеделник, 18-ти октомври.
Мицкоски во изјавата вели:
-Истото како проблем е и во рамките на Европската Унија, но таму некако имаат стратегија, а кај нас стратегијата е граѓаните да дадат 20 милиони евра и на тој начин да се донесе јагленот од Косово и тој јаглен да се гори тука во Битола, ако добро ги разбрав, има тука луѓе од РЕК Битола кој ќе ме корегираат, тоа што мислам дека од прилика е така, изјави Христијан Мицкоски. Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Одговор побаравме од Електрани на С.Македонија (ЕСМ), од каде информираат дека тендерот не е завршен, па според тоа, не се знае од каде ќе се набавува јагленот за РЕК.
„Тоа што во моментов не е познато е од каде ќе се набави јагленот, односно од кој производител и од која држава, колкава максимална калорична вредност ќе има, каква ќе биде дневната динамика на пренесување, по кои патни правци и тн. Односно, во зависност дали ќе доаѓа од Грција, Албанија, Косово, Србија или други држави во регионот, од тоа ќе зависат одговорите на поставените прашања. Единствено е извесно дека испораката ќе се одвива со камионски транспорт, поради недоволниот капацитет за оваа потреба на железничкиот товарен транспорт“, одговорија од ЕСМ.
Во исто време со изјавата на Мицкоски, во неколку дигитални медиуми беше објавена истата информација за набавка на јаглен од Косово.CKAНДАЛ: Мaкедoнија ќе купyва jaглен од Кocoво е еден од насловите, каде се пренесува изјава на експерт за тргување со енергија, чии име не познато. Порталот ги пренесува ставовите на експертот, кој како што пишува побарал да остане анонимен.
– Тоа купување ќе ја чини државата повеќе од 50 милиони евра, особено ако знаеме дека железницата е нефункционална за транспорт и ќе треба да се користат камиони. Но тоа не е се, бидејќи струјата произведена од овој јаглен ќе треба да му се продаде на универзалниот снабдувач со кого веќе имаме договор цената да биде 36 евра по мегават/час. Ние мора да го продадеме ова производство по таа цена, иако на пример цената на слободниот интернационален пазар во моментов е 165 евра, а утре ќе биде 197. На универзалниот снабдувач ќе му дадеме нешто многу поевтино отколку што сме го платиле и тука ќе загубиме повеќе од 10.000.000 евра, вели експертот за тргување со електрична енергија кого го контактиравме, а при тоа сакаше да остане анонимен, објавува порталот.
Од ЕСМ потврдуваат дека железницата не е функионална и од каде и да се купува јагленот, транспортот ќе се одвива со камиони. Како илустрација ја изнесуваат набавката на јаглен за ТЕЦ Осломеј, кај Кичево, изминатото лето.
–Последната набавка на јаглен за РЕК Осломеј во текот на летото се одвиваше со камионски транспорт од наоѓалиште во околината на Струга и од рудник од Косово, за кои се доби економски најпововолна понуда. Други понудувачи на тој повик беа од рудници во Србија и Грција, објаснуваат од ЕСМ.
Дали навистина набавката на јаглен за потребите на РЕК ќе биде од Косово, Грција со коп во близина на РЕК, Србија или друго место, ќе се знае по завршувањето на тендерот.