FAKE NEWS: Македонскиот Устав ќе се отвора само затоа што тоа го бара екс министер на Бугарија
ЕКСПЛОЗИЈА! БУГАРИЈА ГИ ПРЕТСТАВИ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ: Ќе се отвора повторно македонскиот устав за бугарите да влезат како рамноправен народ е насловот на текст во македонски портал, од каде читателот заклучува дека отворањето на Уставот е завршена работа. „Експлозијата“ е во насловот, додека текстот е превод на пренесено интервју на поранешен бугарски министер даден за ТВ Bulgaria on air . Во интервјуто, Бојко Ноев, екс министер за одбрана зборува за бугарското вето кон Македонија и како што тврди, „дискирминацијата на македонските Бугари“.
Меѓутоа, никаде во текстот понатаму нема потврда на насловот, дека Македонија навистина ќе го отвори Уставот , туку е пренесување на акценти од видео интервјуто дадено на Ноев за бугарската телевизија. Всушност, целиот текст е превод што го објавуваат повеќе бугарски портали.
„РСМ нема да започне преговори за членство во ЕУ додека не ја гарантира рамноправноста на македонските Бугари“, е насловот на текстот од видео интервјуто на Ноев објавен на сајтот на ТВ Bulgaria on air.
„Не само што Бугарите мора да бидат вклучени во Уставот, туку мора да има и свечена декларација од нивниот парламент во која се вели дека Бугарите се еднакви со сите народи во РСМ“, порачува Бојко Ноев.
Не е прв пат дел од македонските медиуми да пишуваат дека отворањето на нашиот Устав е готова работа. Бугарите влегуваат во македонскиот Устав: Заев ја убедувал Меркел дека португалскиот предлог е добар, е само еден од ваквите наслови.
Меѓутоа, отворањето на Уставот воопшто не е едноставно, туку сложен процес кој има повеќе фази. Апстрактот „Постапка за измени на Уставот на Република Македонија“ на професорот Андон Мајхошев од правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, ги објаснува петте фази, во кои учестуваат повеќе институции:
„Прво, давање предлог за пристапување кон измена на Уставот; второ, донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот; трето, утврдување на нацрт на актот и негово ставање на јавна дискусија; четврто, утврдување на предлог на актот, и петто, одлучување и прогласување на уставната измена од страна на Собранието на Република Македонија“.
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање рече дека Уставот може да биде отворен пред влезот на Македонија во ЕУ.
„Земјите од регионот кога пристапуваат кон ЕУ имаа пракса непосредно пред полноправното членство да го отворат уставот и да ги додадат другите заедници покрај немнозинската. Јас сум рекол неколкупати да ги додадеме и Хрватите и Бугарите, но тоа не значи дека ние треба во овој момент да го отвораме Уставот за овие прашања. Многу е важно да знаат сите дека немаме проблем да ги додадеме и другите етнички заедници“, изјави премиерот Зоран Заев.
Според тоа, отворањето на Уставот ниту е завршена работа, ниту ќе се случи само затоа што некој поранешен министер во Бугарија тоа го побарал во телевизиско интервју.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.