Кандидатка за градоначалник не ги нарекува граѓаните „ретардирани кленови“
Рецензираме текст чиј наслов „(ВИДЕО) Скандалозен прес на Данела Арсовска: Од партија ми рекоа да не зборам за политика, само да се смешкам и да ветувам големи будалаштини кои не можат да се остварат и скопјани како ретардирани кленови ќе гласаат за мене!“ кој е полн со „внесени зборови во уста“, чија цел и е дискредитирација на кандидатка за градоначалник на Град Скопје при нејзиното обраќање до публиката со користење на навредливи зборови.
Насловот пренесува личен став на новинарот, кој ја следел прес-конференцијата на Данела Арсовска. Приложеното видео укажува дека прес конференцијата воопшто не е скандалозна како што наведува насловот, а Арсовска не ги користи навредливите фрази кои ги употребил новинарот во насловот.
„Многу скандалозен прес на Данела Аровска на денешната прес конференција за медиумите, која очигледно милси дека ќе вети блесави ветувања, а скопјани ќе се фатат на тоа како кленови“, пишува понатаму авторот.
Во видеото кандидатката објаснува дека не е член на политичка партија, дека е поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и неколку останати помали партии. Арсовска, при тоа кажува дека не говори во име на партијата, а нејзините ветувања се дел од кампањата за градоначалник.
Факт е дека Данела Арсовска е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и од група независни граѓани, кои ги дале потписите за нејзината кандидатура. Нив кандидатката воопшто не ги нарекува “ретардирани кленови“, како што сугерира насловот.
Со овој наслов, новинарот кој го објавил текстот, го прекршил Кодексот на новинарите и членот 10 во кој се вели:
„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). “.
Кодексот е прекршен бидејќи насловот и текстот, кои се говор на омраза и може да поттикнат насилство во предизборната кампања.
Прекршени се и член 14 од овој документ, во кој се вели:
“Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“, како и член 15 во кој се вели “Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојиво со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“.
Новинарите во изборните процеси имаат посебна улога, дефинирана и со Изборниот законик и редица други документи. Во „Новинарскиот прирачник за известување од избори“ на ЗНМ и Фондацијата Конрад Аденауер, стои дека „новинарите мора да известуваат со факти и непристрасно за платформите и кампањите на сите вклучени политички партии и кандидати, за да може гласачот да прави разлика помеѓу нив и да носи одлуки кои се донесени врз основа на кредибилни информации“.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.