Од дезинформација до сајбер омраза
Тврдењето на првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев дека ќе се укинуваат катедрите по македонски јазик и по македонска книжевност беше демантирано од Филолошкиот факултет во Скопје. Меѓутоа од петокот, кога објави академик Коцарев, па до демантот во понеделникот, се случи долг викенд на силна јавна дебата, која селејќи се на социјалните мрежи премина во сајбер омраза.
„На сите им е јасно дека се удира по Блаже Конески“, пишува Коцарев додавајќи дека како што вели тој, последниот удар се „реформите“ на Филолошкиот факултет со кои престануваат да постојат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност.
-УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност. Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам – пишува Коцарев.
Поради јавниот интерес, веста ја пренесоа голем дел од медиумите, што пак, на социјалните мрежи резултираше со говор на омраза. Токму новите медиуми повторно станаа плодна почва за искривување на сликата на она што претставува слобода на изразување, а граѓаните ја искористија веста како ‘поттик’ да го искажат својот револт од непрежалената промена на името на државата.
Коментарите на веста која се актуелизираше изминатиот викенд, изобилуваат со пцовки, а дел од граѓаните бараат ‘бришење од книгата на живите за предавниците’. Додека во некои коментари има поддршка за Коцарев, а во други обвинувања зошто претходно не се спротивставил на она кое го тврди, интересно е тоа што и едните и другите изобилуваат со непочитување на јазичните правила.
Во академските кругови пак, првата реакција пристигна од раководителката на катедрата по македонски јазик проф. д-р Искра Пановска – Димкова. Таа го демантираше Коцарев и објави дека „претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ“
„Истовремено не посочува ниту една институција, а не пак лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Категорично тврдам дека досега од ниту едно место до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било „гласини” дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, барам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите“, напиша Пановска – Димкова.
Тврдењето на Коцарев го демантираа и професорите од Филолошкиот факултет преку отворено писмо до јавноста.
„Манипулативни и невистинити се тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик. Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“ – се вели во соопштението.
Писмената реакција беше споделена и од страна на професорката Румена Бужаровска, која се огласи на социјалната мрежа Фејсбук.
„МАНУ би требало да се огради од тоа што нејзиниот претседател скандалозно и тенденциозно шири лажни вести. Каква брука“ – кусо коментира Бужаровска.
По бурата реакции, Коцарев сепак изјави дека изнесеното тврдење било негов личен став.
–Се радувам што на Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и македонска книжевност. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со единствена цел, заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески – вели првиот човек на МАНУ во изјава за Телма ТВ.
Дебатата на оваа тема се случува во период кога со месеци наназад, од соседна Бугарија пристигнуваат пораки дека македонскиот јазик претставува бугарски дијалект, што само го актуелизираше патриотизмот кај дел од јавноста, а една неаргументирана изјава, односно дезинформација резултираше со сајбер-омраза или нетолерантен говор во електронската комуникација.
Говорот на омраза на интернет, според Водичот за информатички и комуникациски технологии, објавен од Метаморфозис, е застапен на социјалните мрежи иако тие имаат правила кои го забрануваат ваквиот начин на изразување. Она што може да го направат корисниците за да се заштитат од ваквиот говор, е да ги користат механизмите за пријавување користејќи прецизни аргументи.