Македонска а не бугарска компанија ја изработила апликацијата за попис во странство

Неколку македонски дигитални медиуми објавуваат идентичен текст со различни наслови, пишуваат дека интернет платформата преку која од денеска се попишуваат македонските државјани во странство е направена од бугарска фирма. „Скандалозно: Софтвер инжинер открива бугарска врска во македонскиот попис“ и „Има бугарска врска во македонскиот попис: Софтвер инжер со скандалозно откритие“ се насловите на текстовите базирани на твит, кој го пренесуваат во целост:

Страната https://t.co/6TCwHTCWPJ за #попис2021 е изработена од компанијата @ScaleFocus, што му е седиште во #Бугарија и CEO e Иван Иванов. Баш од една Држава што ја блокира #Македонија кон #ЕУ. Како не вие е срам @SDMMakedonija? 

Веднаш потоа авторот коментаторски прашува:

Посебно прашање во овој контекст е и зошто македонски софтвер компании и
инженери, кои важат за успешни и на меѓународен план, не ја добиле оваа зделка која
е важна и од безбедносна и највисока државна важност
“.

Со тврдењето дека бугарска фирма ја изработила веб апликацијата за попис на македонските државјани, овие медиуми дезинформираат. Изработката на апликацијата е на компанијата Скеил фокус од Скопје, регистрирана во 2019 година. Во Централниот регистер на РСМ е регистрирана како Друштво за компјутерско програмирање, информатичка технологија и услуги СКЕИЛ ФОКУС ДООЕЛ Скопје, со седиште во Општина Центар. Компанијата аплицирала и добила и државна помош од македонската влада, со одлука донесена на седница од 16.12.2019 година.

Во податоците за членки на Стопанската комората за информатички и комуникациски технологии МАСИТ пишува дека Скеил фокус „има над 200 активни проекти и со веќе реализирани 300 проекти за 500 партнери од листата на Forbes 500. Со канцеларии во 6 земји низ светот и со над 1000 вработени во канцелариите во Бугарија, Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Швајцарија и Германија, “Скеил фокус”, е исклучително брзорастечка компанија, потврдено со извештајот на „Фајненшл Тајмс“ од 2019 година, кој ја вбројува компанијата во 1000-те најбрзорастечки компании во Европа, со повеќе од 100 награди и признанија“.

Македонската канцеларија на „Скеил фокус“ е една од шестте на истоимената компанија со седиште во Софија, Бугарија.

Од Државниот завод за статистика потврдија дека „Скеил фокус“ ја постави платформата за попис, но дека се работи за македонска компанија.

При потпишувањето на договорите за работа, компанијата се обврзува на задолжителна проверка на ангажираните луѓе од страна на Министерството за внатрешни работи. По добивањето на одобрението од МВР, ангажираните и одбрени лица, потпишуваат Изјава за обезбедување тајност и заштита на обработката на индивидуални податоци.

Авторите на овие идентични текстови пропуштиле да ги проверат податоците што ги прочитале на социјалните мрежи. За ние е доволно дека корисникот на социјалната мрежа Твитер, кој ја објавил информацијата, е како што пишуваат „е основач на повеќе софтверски фирми и важи за
сериозен професионалец“. Меѓутоа, работата на новинарите е да ги истражат и проверат фактите, по што професионалното новинарство се разликува од тоа што се побликува во неформалните канали, каде ги вбројуваме и социјалните мрежи.

Во Кодексот на новинари, во основните принципи пишува: почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Во членот еден Кодексот го обврзува новинарот да ја провери информацијата колку што е тоа можно и да инфрмира доколку станува збор за шпекулација.

#dezibformacii #дезиформации