Домашните медиуми се фатија на „бугарска коментаторска јадица“: И Христијан и Роза Мицкоски имаат македонски пасоши
Лажна вест за лидерот на најголемата опозициска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави денес бугарската агенција БГНЕС. Медиумот пренесе дека Мицкоски е оженет со Бугарка, повикувајќи се на бугарското државјанство на Стевица Јанева, сестра на сопругата на политичарот, Роза Мицкоска.
Ако Стевица Јанева има бугарско државјанство врз основа на докажани корени, затоа што тоа се дава при докажување дека предците ти се Бугари, тогаш излегува дека и Роза Мицкоска е Бугарка – пишува новинската агенција (bgnesagency.com – 25/02/2021)
БГНЕС и’ пласира на бугарската публика неточна информација со коментаторски тон на известување спротивно од постулатите за вистинитост и објективност кај веста како новинарски жанр.
Според новинарската етика, медиумот е должен да ги контактира сите засегнати страни за да може објавата да резултира со избалансирани информации. Во овој случај, наведената бугарска новинска агенција ниту го има исконтактирано Мицкоски на кој се однесува текстот, ниту пак неговата сопруга за да ја праша дали е Бугарка.
На крајот, медиумот заклучува дека македонскиот политичар е „познат по својата остра антибугарска реторика која произлегува надвор од добриот тон“. Авторот на текстот е непознат, па останува непознато и кој ги препознал јавните обраќања на Мицкоски како антибугарски. Имено, објавата завршува националистички со коментаторски тон, без да се посочи барем една изјава како пример во прилог на пласираното.
Ваквата објава се протна и во македонскиот медиумски простор, каде повторно отсуствува контактирањето со другата засегната страна. Домашните новинари дури се фатија и на коментаторската јадица со преводот на делот со ‘антибугарската реторика’. Опозиционерот сепак се огласи преку социјалната мрежа Фејсбук, каде оцени дека се работи за лага, па иако не сите, дел од новинарите го пренесоа и неговиот став.
И јас, и мојата сопруга имаме единствено македонски пасош. И ќе продолжам да се борам за македонските национални интереси. Колку повеќе лажат, толку повеќе ќе удираме по мафијата. Нема да му помогнат ниту “браќата и пријателите” на Заев кои гледаат дека Владата е сериозно разнишана – кусо напиша Мицкоски, не пропуштајќи да го спомене својот политички противник.
Со ваквиот фејсбук-статус тој повторно стана „тема“ на бугарските новинари. Мицкоски „побива“ непостоечка лага е насловот на вечерашната објава на БГНЕС (bgnesagency.com – 25/02/2021).
Медиумот повторно зазема коментаторски пристап оценувајќи го неговиот стил на изразување како патетичен. Непочитувањето на новинарската етика е застапено и во оваа, втора објава на медиумот кој тврди дека стои настрана и од бугарската и од македонската политика додавајќи дека го почитува правилото да не се импровизира во она што им се пласира на читателите. Сепак, новинарските правила велат дека коментаторот и веста се различни жанрови, но и дека на публиката треба да и’ се предочи дали текстот (особено кога е коментар каде преовладува субјективноста) е авторско дело на еден од новинарите во дадената редакција или пак, е редакциски коментар. Во случајов, тоа останува непознаница.
Со самото ова, медиумот го прекршува Етичкиот кодекс на бугарските медиуми кој е објавен на веб страницата на Националниот совет за новинарска етика.
Тоа се согледува во точките 1.1.4 и 1.1.6 каде се вели:
Јасно ќе ги разграничуваме фактите од коментарите и претпоставките.
Ќе се стремиме да ја проверуваме информацијата пред нејзиното објавување, да бараме и да користиме различни извори;