Таравари дезинформира со тврдењето дека македонската влада не нарачала 800.000 вакцини преку Ковакс

Таравари дезинформира со тврдењето дека македонската влада не нарачала 800.000 вакцини преку Ковакс

Тврдењето на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари во текот на гостувањето на ТВ АлсатМ (18.02.2021), дека за Македонија се резервирани само 103.200 дози на вакцини е неточни и со тоа тој ја дезинформира јавноста.

„Јас го проверувам, сега го гледам системот Ковакс на телефон и ги гледам броевите дека Македонија е во системот Ковакс. Министерот рече дека нарачавме над 800 илјади вакцини преку системот Ковакс и сега гледам, резервиран број за Македонија е 103.200 вакцини“, рече Таравари на Алсат М. Оваа изјава потоа ја пренесоа повеќе медиуми.

Тоа што поранешниот министер за здравство го гледал, всушност е документот на Ковакс системот со прогноза за раната достапност на дозите на вакцината Pfizer-BioNTech и вакцината AstraZeneca/Oxford, издаден на 02-ри февруари.

Во објанувањето се вели дека „овој документ содржи информации за индикативна дистрибуција на 240 милиони дози на AstraZeneca/Oxford вакцина и 96 милиони дози на вакцината АстраЗенека/Оксфорд, според договорот за претходна набавка помеѓу Гави, Алијансата за вакцини и AstraZeneca, за Q1 и Q2 2021 година.  Исто така, содржи преглед на распределба во првиот круг од 1,2 милиони дози за употреба во итни случаи на СЗО и одобрената вакцина Pfizer-BioNTech одобрена (EUL) за Q1 2021 година“.

Понатаму се објаснува терминот „индикативна дистрибуција“, кој  е „со цел да обезбеди привремени упатства за учесниците во објектот – нудејќи планирање/сценарио за да се овозможат подготовки за конечна распределба на бројот на дози што секој учесник ќе ги добие во првите рунди на дистрибуција на вакцините. Затоа, тој не е обврзувачки и може да биде предмет на промена“.

Во овој документ со проекција на можна распределба на вакцината против корона вирусот, навистина стои бројот од 103.200 дози, но тоа е само потенцијален план за распределба за македонските граѓани на дози за првиот квартал од годината.

Од друга страна, на документот со резервирани вакцини за Северна Македонија од Ковакс системот, пишува дека се 05-ти јануари 2021 година се резервирани 800.000 дози.

Јавно искажаниот збор кога поткрепен со конкретни бројки, тежи,  особено за тема од значаен интерес на граѓаните, во време на пандемија и болест од која секојдневно умираат луѓе.

Од друга страна, задача на новинарите и медиумите е кога пренесуваат вакви изјави да проверат и со тоа ја остварат својата улога во општеството. Во принципите до Кодексот на новинари пишува дека новинарите со својата работа „ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“. Во член 1 пишува: „Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.