Меѓу фактите и полуинформациите: Дали седмооделенецот Дамјан Давков можел да учествува на натпревар за средно образование?

Меѓу фактите и полуинформациите: Дали седмооделенецот Дамјан Давков можел да учествува на натпревар за средно образование?

Истражените и потврдените факти се важни, влијаат и придонесуваат за расчистување на јавно искажани дилеми. Ова особено кога дебатата од медиумскиот простор продолжува на социјалните мрежи, а потоа почнува дадобива и политилчки конотации, кога се вмешуваат политичките партии, создавајќи амбиент и јавно мислење со одредена нивна, политичка агенда. Тогаш јавноста станува уште позбунета, а нецелосно истражените факти остануваат во позадина на таа веќе политички обоена дебата.

Многу текстови се напишаа за недоделувањето на награда од страна на Министерството за образование и наука (МОН) на основецот Дамјан Давков од Штип, кој победи на Државниот натпревар по математика за прва година средно училиште. Иако Дамјан учествувал и победил на натпревар за средно образование, државата, сепак одби да му даде награда. Ова е пример, во кој надлежните институции пропуштија уште во првите денови од таа јавна дебата да објаснат и да ги соопштат правилно фактите, додека новинарите и медиумите не до крај одеа со своите истражувања.

Во Кодексот на новинари, во член еден се вели: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Во случајот на Дамјан Давков, јавноста добиваше информации „на лажиче“, што оставаше простор за многу шпекулации.

Во соопштението до јавноста, МОН оценува дека Дамјан не може да добие награда бидејќи е редовен ученик во основно образование, а натпреварите се за ученици во средно образование.

„Имено, согласно законите за основно и средно образование, како и согласно правилниците за организирање на општински, регионални и државни ученички натпревари од страна на акредитирани здруженија на наставници од страна на МОН, на ученичките натпревари за основно образование можат да учествуваат само ученици од основни училишта и на натпреварите во средно образование да учествуваат само средношколци. Во конкретниот случај, се работи за ученик од основно училиште „Ванчо Прке“ од Штип, кој учествувал на натпревар за ученици од средни училишта, што не е во согласност со правните прописи кои ја регулираат оваа тематика“ (mon.gov.mk).

Без оглед на неоспорениот талент на Дамјан, остана неразјаснето дали Дамјан како седмооделенец, можел да учествува на натпревар за прва година средно образование.

Организирање на натпревари е предвидено со Законот за средното образование, каде во член 24-а од законот, се вели дека „за учениците што покажуваат особен успех по одделни предмети се организираат натпревари на општинско, регионално и државно ниво“.

Во конкретниот случај натпреварот е на државно ниво, а го организира Сојузот на математичари на Македонија (СММ) како акредитирано здружение на наставници за организирање на натпревари за учениците од средните училишта по наставниот предмет Математика.

При организирање и спроведување на натпреварите по математика, Сојузот работи според својот Статут и Правилниците за организирање и изведување на натпреварите.

Во Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општинско, регионално и државно ниво во средно образование, членот седум вели дека на натпреварите можат да учествуваат сите редовни ученици од средните училишта.

Спорната ситуација настанува токму тука. На натпреварите, според Правилникот на Сојузот, можат да учествуваат редовни ученици од средно училиште, но ученикот Дамјан Давков е во основно образование.

Сојузот на математичари има поприлично организиран сајт, каде можат да се најдат критериумите, останатите документи за организирање на натпреварите, вклучувајќи ги и готовите електронски обрасци за пријавување за учество на овие натпревари. Во овие обрасци, нема можност основец да се пријави за натпревар во средно образование. Има две различни форми, едната е за пријавување на натпревар по основно образование – каде ученикот може да бира одделение, од четврто до деветто, додекаа во тие за средно образование може да се бира од прва година до четврта. При тоа, се наведува името на наставникот ментор.

Според ова, немало никава можност Дамјан, како седмооделенец, да се пријави за учество на натпревар за прва година средно образование. Тоа го потврдија и во писмениот одговор од СММ, кои потврдија дека пријавувањето за улество на натпреварите, е исклучиво електронски, преку формите објавени на сајтот на Сојузот. Сепак, не одговараат како Дамјан бил пријавен за натпреварот.

„При организирање и спроведување на натпреварите по математика, Сојузот работи според својот Статут и Правилниците за организирање и изведување на натпреварите, кои беа запазени и во случајот со ученикот Дамјан Давков. Сојузот секогаш се стремел да го поттикнува натпреварувачкиот дух на најталентираните ученици, а нивните успеси на меѓународните натпревари биле најдобра афирмација на нашата земја. Ова е впрочем и пракса на професионалните математички здруженија на сите најуспешните земји на меѓународните математички олимпијади. За учество на овие меѓународни натпревари не постои најмала возраст на учесниците, туку само најголема возраст., велат од Сојузот.

МОН пак, тврди дека нема законска основа да му се даде награда за натпревар во средно образование на ученик кој е во основно. Министерството се повикува на членот 24-а од Законот за средното образование и Правилникот за огранизирање на натпреварите.

„Ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар, бидејќи ученикот е редовен ученик во основно образование, односно наставникот е наставник во основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници во средно образование”(МОН соопштение).

Мајката на Дамјан, Никица Давкова, која и самата е наставник по математика во основно училиште, меѓутоа, вели дека не е точно дека на натпреварите за средно може да учествуваат само ученици од средно, бидејќи зборот „само“ го нема, што донекаде го потврдува и Сојузот, со изјавата дека нема најмала возраст на учесниците, туку само најголема.

Неспорен е талентот на Дамјан и дека ученици како него немаат конкуренција во своите генерации. Меѓутоа, во случајот што продолжува да ја бранува јавноста, должнот на новинарот и медиумите е да се придржуваат кон основните стандарди и при изнесување на фактите да се водат од принципот на плурализам на извори на информации и колку што може целосно истражување на фактите. При тоа да се инсистира на одговор на сите инволвирани во случајот, особено на надлежните институции, кои се долќни да и’ објаснат на јавноста.