Потценување на читателот е објавување на рецепт против рак од анонимна докторка

Потценување на читателот е објавување на рецепт против рак од анонимна докторка

Рецензија на текстот „ДА ВЕ ЗАОБИКОЛИ РАКОТ: Рецепт на позната докторка за исфрлање на токсини од телото“

Рецензираме вест објавена на порталот Женски магазин со која се тврди дека според „позната докторка, постои рецепт со кој се спречува болеста рак“. Веста односно текстот не содржи информации за докторката, нема име и презиме, каква е нејзината научна релевантност и на што се базира – научни истражувања, какви и кои се резултатите, за да може веста да и’ биде корисна на целната публика. Нема релевантен извор, кој може да ја потврди стручноста на споменатата докторка, особено кога се изнесува така важно тврдење дека со рецептот за кој зборува текстот, го „спречува ракот“.

Не случајно одбираме ваков текст за рецензирање. Во време на засилен интерес на публиката за здравствени теми во актуелната пандемија и загриженоста за сопственото здравје, како и тенденциите за здрав живот, текстовите од ваков тип, каде дополнително се предлага и рецепт, стигнуваат до значајна публика. При тоа, не е занемарлив и бројот на читатели кои веруваат дека доколку редовно се приготвува рецептот, ќе бидат заштитени од одредена болест.

Новинарството е базирано на факти, а кредибилноста на новинарскиот продукт треба да содржи елементи како вистинитост со изнесување на точност и одржливост на фактите и јасно изнесени извори на информации. Новинарот треба да ја објасни релевантноста на изворот и да го именува секогаш кога не постои потреба од заштита на неговиот идентитет.

Понатаму, во текстот се вели:  „Според нејзините зборови (на докторката н.з.), тој (рецептот н.з.) е толку моќен и толку добро ги исфрла отровите од телото, што со редовно конзумирање дури е можно да спречи рак“.

Медиумот тврди дека рецептот чие приготвување е опишано во текстот служи не само за лекување, туку и за превенирање на една сериозна болест како што е карциномот, без при тоа да понуди докази за делотворноста на истиот.

Авторот на текстот кој не е познат, бидејќи е објавен без потпис, очекува читателот да верува без никакви дилеми дека иако не е познато името на докторката ниту нејзините рефенци, порталот е толку кредибилен што треба да му се верува во тврдењето дека рецептот е алатката против ракот.

Општо познато е дека луѓето коишто се лекуваат од оваа болест подлежат на операции и тешки терапии, па оттука ако еден медиум тврди дека таа може да се лечи со рецепт приготвен во домашни услови треба, според принципите за етика во новинарството, да понуди и докази за тоа, или во најмала рака да информира за името на докторката на која се повикува.

Фото: Илустрација / Freepik

Со овој текст, медиумот Женски магазин го прекршува Кодексот на новинарите.

Во член 1 од овој документ се вели: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа  треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Медиумот го прекршил членот 1 од Кодексот бидејќи ги прикрива податоците за медицинското лице на чиј рецепт се повикува, па се остава простор за сомнеж во вистинитоста.

Со ваквата објава прекршен е и член 8 од Кодексот, во кој се вели: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“.

Сензационализмот се согледува уште во самиот наслов, со кој и графички (преку поголемиот фонт) се потенцира дека постои едноставен рецепт кој служи како превентива за една сериозна болест. Кодексот е прекршен бидејќи текстот е поврзан со болест и како таков, тој мора да е ослободен од сензационализам, како што налага Кодексот на новинарите.