Изјава од Каракачанов од пред единаесет години објавена како да е „неодамнешна“
Неколку дигитални македонски медиуми пренесоа изјава од вицепремиерот на Бугарија, Красимир Каракачанов, во која зборува за иднината на Македонија со можни две алтернативи – да стане албанска провинција или дел од бугарската држава, доколку сака да биде дел од Европската Унија. Во објавените текстови е транскрибирана изјавата на Каракачанов од видеото во прилог, како одговор на прашањето дали држава како Македонија има некоја иднина.
-Има иднина, јас сум зборувал со повеќе скопски политичари и им кажувам дека имаат две алтернативи, едната е за 20 години да се приклучат кон Албанија и да станат албанска провинција, а другата е европска интеграција во рамките на една бугарска држава, одговара Каракачанов во интервјуто.
Во прилог на веста овие медиуми споделуваат видео од телевизиско гостување, поставено на Јутјуб од извесен корисник Реинфо, кој видеото го објавил на 04.02.2021 година. Тоа било доволно за авторите на овие текстови, изјавата на Каракачанов ја пренесат како „неодамнешна“.
Всушност, се работи за преземен дел од веќе скратеното видео поставено на друг Јутјуб канал makedonBULGAR од гостувањето на Каракачанов во емисијата на бугарскиот водител Слави Трифунов „Слави шоу“, од 11 јануари 2010 година. Авторите на текстовите на македонските медиуми пропуштиле да го направат основното истражување, односно да го проверат изворот, особено што видеото со слаб квалитет,одлука на старата видео техника, а од изгледот на бугарскиот политичар Каракачанов може да се забележи дека е постара снимка. Во последните месеци бугарскиот вицепремиер е често приусутен, речиси секојдневно низ видео и фотографии во домашните медиуми, па со еден клик може да се види дека на споделуваната снимка, Каракачанов има поинаков изглед од актуелниот.
Не навлегувајќи во тоа дали политичарот ги сменил ставовите или останале исти и по десет години, должност на медиумите и новинарите е да го информираат читателот за времето на објавување на интервјуто, медиумот каде е објавено и да одговори на основните новинарски прашања.
Во Кодексот на новинарите на Македонија, стои дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку инфомрацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави“.
Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите во членот еден од Кодексот, се оди дотаму што вела дека „Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.
Во случајов, испуштањето на фактот дека интервјуто не е ново или пак намерното доведување во заблуда со зборот „неодамна“, доведува до искривување на реалноста и влијае врз толкувањето на содржината од страна на читателите.
Одговорноста на новинарите и медиумите е особено изразена во време кога Бугарија го услови почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Пристапот кон вакви сензитивни теми треба да биде особено претпазлив. Извртувањето на изјави, од личности кои неминовно играат голема улога во процесот на преговори меѓу Македонија и Бугарија и испуштениот контекст со цел да се креира погрешна слика, може да го подгрее говорот на омраза и да создаде непотребни тензии.