Владата не ја разреши Лидија Димова затоа што не е орган што ја именувал за директор
При вчерашната посета на заменик на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски на локацијата во скопско Долно Коњари, беше прашан : „Напишавте твит дека на сите функционери „ќе им дишете во врат“, а потоа Нури Бајрами од Антикорупциска, напиша дека ниту еден директор не е разрешен по нивно барање“.
А овде на овој линк ќе може да го прочитате и одговорот на Нури Бајрами кој е член на Комисијата за спречување на корупција.
На прашањето Николовски одговори:
„Не е точно. Треба да ги провериме сите информации за да зборуваме. Вака, ако се нафатиме чесно, транспарентно, искрено да ги вршиме нашите функции треба да ги кажеме информациите така како што се. Имаме разрешено директори повеќе отколку што предложиле од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), заменици директори… директор на Национална агенција, заменик директор на Агенција за храна и ветеринарство, претседатели на управни и надзорни одбори за кои информациите стигнаа до мене директно, од граѓаните, од медиумите. И сите работи за кои ДКСК има поднесено, еве утре има влада, иницијативите како што стигнуваат до нас до Кабинетот, така и се постапува. По секоја иницијатива доставена до кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси од ДКСК е постапено“, рече Николовски.
Овде ќе ја рецензираме изјавата на заменик Претседателот на Владата Николовски, во која вели дека како Влада имаат разрешено директори повеќе отколку што предложиле од Државната комисија за спречување на корупција, а при тоа во набројувањето го споменува и разрешувањето на директорката на Национална агениција за европски образовни програми и мобилност.
Прво, Владата не е секогаш надлежен орган за разрешување на директори или пак други функционери. Конкретно во случајот со разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, Владата му препорача на Управниот одбор на Националната агенција, поради неетичкото постапување во извршувањето на нејзината функција, а разрешувањето го спроведе Управниот одбор на Националната агенција, кој е орган, определен од законот за именување и разрешување на директор на оваа институција.
Официјалното решение за разрешување, објавено е на веб страната на Националната агенција, е донесено на 30 ти Октомври 2020 година.
Во јавната објава од разрешувањето на Лидија Димова од страна на Управниот одбор, а не од Владата како што вели Николовски, пишува:
„Управниот одбор на Националната агенција ја информира јавноста дека на седницата одржана на 30.10.2020 година, ја разреши директорката Лидија Димова од должноста директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пред истекот на мандатот за кој што е избрана, поради утврдени сериозни неправилности во нејзиното материјално-финансиско работење со што е нанесена штета на Националната агенција, согласно член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, стои во јавната објава на веб страницата на Националната агенција.
Во својата прва изјава по назначувањето на функцијата што ја врши, вицепремиерот Љупчо Николовски ја објави намерата да побара разрешување на Димова:
„Директорката Лидија Димова, смета дека не треба да даде оставка, но јас имам спротивен став. На наредната владина седница ќе побарам оставка и разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, објави Николовски.
Според Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, во членот 12 пишува дека „орган на управување на Националната агенција е Управниот одбор“. Во членот 15 од овој Закон, стои дека „Управниот одбор го избира и разрешува директорот“.
Во ниту еден член од законот не стои дека Владата е таа која разрешува директор на Национална агенција, фактот е дека Управниот одобор е тој што го избира и разрешува директорот на Агенцијата.
Од друга страна, ДКСК од Владата нема упатено барање за разрешување на Димова. Од повеќе поднесени барања, ДКСК во јавноста го актуелизира прашањето со барањето на антикорупционерите до Владата за разрешување на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија. Владата во одговорот до ДКСК отпрвин се прогласила за ненадлежна. Ова на прес конференција го обелодени членот на Комисијата, Владимир Георгиев.
-Во последниот пасус на одговорот (од Владата) пишува дека одгoворноста, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодовство во земјава и дека е тоа во надлежност на други органи, кажа членот на Комисијата, Владимир Георгиев (прес конференција 21.10.2020).
Во Законот за филмска дејност, во делот за избор на директор на Агенцијата, во член 15, став два (2) стои дека „директорот на Агенцијата го именува и го разрешува Владата на Република Македонија“.
Еден ден по прес конференцијата на Државната комисија за спречување на корупција, Владата донесе одлука да не му го продолжи мандатот на директорот Тозија.