Слаткар и Сања Николиќ задолжени за културните манифестации во Кавадарци

Слаткар и Сања Николиќ задолжени за културните манифестации во Кавадарци

За културно-стопанските манифестации, од кои најскапа е „Тиквешки гроздобер“, Општината Кавадарци издвојува по над 100.000 евра годишно.Повеќе од половината од овие пари се доверени на компанијата „Иноватива груп“ од Скопје, семејна компанија на поранешната манекенка Сања Николиќ – Маринковиќ и нејзиниот сопруг, пејачот Марко Маринковиќ – Слаткар.

Оваа компанија се јавува и како организатор на дел од наградните игри на бредновите на „Кожувчанка“, семејна компанија на градоначалникот Митко Јанчев. Практично со доаѓањето на Јаннчев на чело на општината, „Иноватива груп“ го презема органзирањето на културните манифестации од „Темков ФШТ“, кои добиле делегирана надлежност во време кога градоначалник беше Александар Панов од ВМРО ДПМНЕ. Со одлука на Советот, а по распишаниот јавен повик, Друштвото за маркетинг услуги „Иноватива груп“ ДОО – Скопје, добива делегирана надлежност преку која станува организатор на „Тиквешки гроздобер“, „Свети Трифун“ и  дочек на Нова Година“. Се зголемуваат и средствата за „Тиквешки гроздобер“ од четири милиони на 5,5 милиони денари. Подоцна оваа компанија добива уште една манифестација – „Кавадарци стрит фестивал“, со средства обезбедени од Дрекслемајер, во рамки на Културното лето. Градоначалникот Митко Јанчев вели дека формирана комисија одлуила да ја избере „Иноватива“ и тоа е потврдено со одлука на Советот на општината.

„Направивме објективна и транспарентна работа во делот на изборот на програма за културни манифестации. Иноватив груп е компанија која има доставено програма и со комисија одобрена програма, покрај други конкурентни компании кои ги имале доставено програмите и со одлука на совет избрана е за организација на манифестациите, изјави Јанчев.

„Иноватува груп“,е носител на јавна набавка за маркетинг услуги во јуни 2018 година, во износ од 12.846 евра. Со јавната набавка Општината нарачала изработка на логоа, дизајни, флаери, дизајн на дванаесет броја на информатор,  и три промо видеа од 25 секунди. Едно видео чини 85.000 денари или  255.000 денари за трите видеа, при што една секунда чини 3.400 денари.

Претседателот на Советот на Општината Кавадарци Ристо Сакалиев, смета дека општината е отворена за граѓаните, показателите се јавни, вклучувајќи ги и финансиските.

„Седниците на Советот ние ги даваме и на телевизија и на Јутјуб. Граѓаните имаат интерес и да ги прашуваат советниците и кога се координираат во политичките партии, и на улица и во кафана. Јас сум во таа фела и околината што е околу мене секогаш е заинтересирана за сите проекти и сите програми“, објасни Сакалиев.

Растат износите за општинските манифестации, но и за спортски клубови 

Карактеристично е и што со доаѓањето на Јанчев за градоначалник, континуирано, од година во година расте поддршката за ФК „Тиквеш“, од еден милион на шест милиони во 2019 година.

Доделувањето на средства од општинскиот Буџет, Општина Кавадарци го има регулирано врз основа на неколку правилници, а во 2018 година донесени се акти за интерното трошење на средства за репрезентација, користењето на сопствени возила во службени цели, картичка за гориво и сл.

За претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Зоран Јованчев, овие документи се основата за доделување на финансиските средства. Јованчев забележува на недоволната транспарентност на извештаите на граѓанскиот сектор, за чии проекти, секоја година се одвојуваат општински пари.

„Сметам дека кај невладиниот сектор постои сомнеж при доделувањето на финансиските средства од буџетот на Општина Кавадарци. Мислам дека невладиниот сектор не ги исполнува очекувањата во делот на транспарентност како на Општина Кавадарци така и на одредени субјекти кои што се заинтересирани. Немаат транспарентен однос, имаат селективен пристап при донесувањето на нивните извештаи и одлуки, кои на некој начин се јавно мислење – односно креирање на јавното мислење во Општина Кавадарци. Се надевам дека оваа моја сугестија ќе ја слушнат невладините, ако бидат невладини навистина да бидат невладини и да работат во интеес на граѓаните“, смета Јованчев.

Над триесет организација, секоја година добиваат од 5.000 до 50.000 денари за проекти, за што општината одвојува по околу еден милион денари. Една од организацијата, која  добива општински пари за проекти е и „Еко живот“. Роберто Паризов од оваа организација, оценува дека на транспарентен начин се делат парите, но смета дека поддршката на општината може да биде поопфатна.

„Треба да постојат ад хок грантови и буџет за самите ад хок грантови. Доколку во самата општина се појави некоја иницијатива која што е од неопходен карактер и треба да се спроведе во краток период, општината треба да има резервни средства кои ќе бидат наменети за таа цел. Инаку во врска со доделување на целиот буџет за невладиниот сектор е потребно формирање на интерсекторско тело кое ќе одлучува за доделување на грантовите во зависност од самата тежина на истите“, вели Паризов.

Општина Кавадарци има неколкугодишна пракса на стимулирање на граѓаните за купување на енергетски грејни тела, почнувајќи од горилници за ракија на гас, печки на пелети и инвертор клими, фасади на згради за колективно домување до субвенции за велосипеди. Извлекувањето е јавно и преку локалните медиуми.

Треба да се објавуваат сите трансакции на општината

Кога се зборува за финанска транспарентност на општината, Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени смета дека тоа најдбро се прави со објавување на секоја трансакција, по пример на објавените документи во порталот „Отворени финансии “.

„Исчекор е тоа што на централните институции се објавуваат трансакциите кои се овиваат преку трезорот но тоа не е случајот со општините, бидејќи трансакциите на општините не се обавуваат преку трезорот. Добро би било доколку трансакциите на ниво на индивидуална општина се објавуваат. Добар пример е во Велика Британија, тоа што е донесен код за локална транспарентност со кој им се наложува на општините да ги објавуваат сите финансиски трансакции кои надминуваат 500 фунти, па така да се зголеми транспарентноста и отчетноста на општините“, вели Тодевски.

Општината Кавадарци има добра пракса на јавно објавување на извештаи за потрошените пари, а при тоа, со смената на власта во 2017 година, продолжува тој континуитет. Дел од овие извештаи се детални, со презентирање на главните ставки. Сепак, како што оценуваат истражувачите, во денешно време, неограничени се можностите да се презентира желбата една општина да покаже дека е отворена за своите граѓани.