За донираните пари за „Пастрмалијадата“ нема пишан документ во „Службен гласник“

За донираните пари за „Пастрмалијадата“ нема пишан документ во „Службен гласник“

Општина Штип, со ретки исклучоци, не ги евидентира дадените донации. Иако, официјално во Министерството за правда има решенија за донации во пари и материјални средства. Најмноги донации во пари во износ од 32.500 евра, во изминатите четири години, се дадени за организирање на Пастрмалијата, каде главни ѕвезди беа Цеца, Северина и Здравко Чолиќ.

Во официјалниот  “Службен гласник“, каде се објавуваат одлуките на Советот на Општината Штип, во текот на 2019 година, објавено е едно решение за примена донација од компанијата „ Хамачи “, која донираше електрично возило. Во 2018 година исто така, има едно решение за прием на донација на половно возило – Пајак од „Градски паркинг“ од Скопје. Во текот на 2016 година, Општина Штип и Здружението на ромите „Черења“ од Штип, склучија договор за донација со KAPITAL MARKET BUSINESS LIMITED од Лондон, Англија за изградба на станбени згради со 90 станови. Меѓутоа, донацијата никогаш не се реализира. Од Здружението изјавија дека донаторот се откажал од градењето на становите.

И покрај тоа што во медиумите може да се најдат вести за доделени донации на Општината Штип и на општински институции, решенија или одлуки за прием на донации во општинскиот гласник не се регистрирани. Интересно е дека во отчетот за сработеното, Илчо Захариев како градоначалналник, објавува податоци за петнаесетина донации. Највредна е донацијата на штипската компанија„ Актива“, која на градот му подарила мост вреден  55.000 евра. Оваа донација не е официјално објавена.„ Актива“ од Општина Штип во 2017 има добиено работа вредна 700.325 евра, за изградба на врска меѓу улицата „Гоце Делчев“ и улицата „Партизанска“ во Штип.

За изградбата на нова фабрика, компанијата „Актива“, во време кога Захариев беше градоначалник, доби делумно ослободување од плаќањето за уредување на градежно земјиште. Захариев заврши со кривична пријава од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување и во тек е судски спор. Захариев, според обвинението, го оштетил општинскиот буџет и наместо да и’ наплати на фирмата околу 1,8 милиони денари за уредување на градежно земјиште за изградба на објект со локација во Индустриската зона – Запад во Штип, тој и’ наплатил само околу 300.000 денари. Захариев тоа го демантираше.

Претседателот на Советот на Општина Штип вели дека одлука на ова тело се донесува секогаш кога ќе добие најава за донација.

„За прием на донации треба да се донесе одлука од страна на советот на општина Штип, значи тука целата постапка е целосно транспарентна. Значи, кога има најава за некоја донација кон општината советот донесува одлука да се прифати таа донација. Од тој аспект имаме целосна транспарентност и советот има целосен увид во она што значи донација кон општината“,изјави Миланов.

Има помалку евидентирани донации од дадените

Иако официјално од Советот на Општината Штип се донесени само неколку одлуки за донации во анализираниот период од четири години, во Министерството за правда се регистирани многу повеќе. Најмногу решенија за донации во пари има за манифестацијата „Пастрмалијада“. Во ова Министерство, донаторот доставува барање за решение, со кое се потврдува дека донацијата е од јавен интерес и со тоа решение УЈП ја ослободува од плаќање данок на државата.

Министерството одговори на нашите барања според Законот за слободен пристап до информации и ни ги достави решениејата издадени за сите примени донации од страна на Општината Штип. Тука се решенијата за поставени столчиња на амфитеатарот кај Народната библиотека „Гоце Делчев“, за фитнес справи, а има примено парични средства за организирање на манифестацијата „Пастрмалијада“ и секоја година пари за првото новороденче.

Според документите, компанијата Пивара Скопје АД, во 2016 година донирала 922.500 денари (15.000 евра) за Пастрмалијадата  2016, додека следната година 260.390 денари за фитнес справи.  Комерцијална банка секоја година донира по 13.000 денари за првото новороденче. На листата на донатори е уште една банка, Шпаркасе, која во 2018 година донирала 1000 евра за „Пастрмалијадата“. Таа година, за оваа манифестација има уште два донатори – Оаза Екстра Скопско ДООЕЛ од Штип со 5000 евра и ЕВН Македонија со 30.750 денари. За оваа манифестација во 2019 година износ од 62.000 денари донирала компанијата Витаминка од Прилеп, која има погон во Штип. Компанија Оаза Екстра Скопско, која е главен спонзор на Пастрмалијадата, во 2019 година донирала 10.000 евра.

Оваа компанија, која неколку години е главен спонзор на „Пастрмалијадата“, има добиено градежно земјиште од општината каде се наоѓа и градскиот базен за изградба на Спортско рекреативен центар. Медиумите повеќе пати пишуваа дека и покрај тоа што се поминати неколку години од доделувањето на земјиштето, работите на СРЦ воопшто не се почнати, што се коси со законот. И двете страни и општината и компанијата тврдат дека има правни ндеостатоци во постапката, на кои се работи. За ова Медиа плус објави и сторија. Оваа компанија купи уште едно атрактивно земјиште за изградба на спа центар пред десетина година. И овде не се почнати работите.

Овие донации не само што не се евидентирани во Општината, чија манифестација е „Пастрмалијадата“, туку никаде нема пишан траг дека воопшто влегле некаде овие средства. Ако се донација, дали овие пари завршиле на општинска сметка, или на сметка на Здружението на угостители, кое се јавува како реализатор на манифестацијата? Нема ни одлука за прием на донација во „Службен гласник“. Извештај се поднесува само за потрошените два милиони денари, што ги доделува Општината од својот буџет, без детали за што се дадени овие пари.

На листата на донатори во 2019 година е запишана компанија Хамачи со електричното возило и ЈП за државни патишта со донација од дрвна маса од 827,33 кубни метри.  Сите наведени донации ги нема објавено во официјалното општинско гласило „Службен гласник“, каде се објавуваат одлуките на Советот на општината.

Градоначалникот Благој Бочварски вели дека сите примени донации се примаат со одлука на Советот на Општината Штип и потоа остануваат сопственот на општината, а со тоа и на сите граѓани.

„Општина Штип добива донации. Ние сме голема институција и една од поголемите општини и имаме повеќе донации. Погоглем дел од нив, сериозните доанции, треба да поминат на совет на општина Штип и поминуваат, како што имавме донација на возило од страна на приватна компанија. За секоја донација се формира посебна потсметка на општина Штип, која ние ја формираме и на која што легнуваат  донираните средства, по законите на државата“, изјави градоначалникот Бочварски.

Донирала и Општината Штип

Во официјалните документи, забележана е и одлуката со која Општината Штип се јавува како донатор.

Со одлука на Совет на Општината Штип од 3 мај 2017 година, доделени се 600.000 денари за црковни звона на МПЦ–ОА Брегалничка епархија од ставката „Други трансфери“.

Во извештајот од направената ревизија на ДЗР од 2018 година се забележува дека тоа не е во програмската активност на општината и повеќе е донација и спонзорство. Според тоа, законски, треба да има склучен договор за донација, што во овој случај парите се доделени без таков договор.

„Општината нема склучено договор по прием на донација и спонзорство, што може да доведе до ненаменско и незаконско трошење. Предметот на ваков договор мора да биде остварување на јавен интерес. Општината нема обезбедено решение за потврда на јавниот интерес од Министерството за правда. Освен тоа, доделувањето на средства на верски заедници не е во надлежност на општината (според Закон за локална самоуправа), а според уставот на РМ, верските заедници се одвоени од државата “,  забележува ревизорот во Извештајот.

ДЗР препорачува да се утврдат реалните потреби на општината, доделувањето на средствата да се одвива по однапред утврдени критериуми според начелото на транспаренотност.  Да се финансираат проекти од надлежност на општината и за тоа да има финансиска поткрепа. (ДЗР 2018).