Општина Штип со малку регистрирани донации и скудни извештаи за трошењето

Општина Штип со малку регистрирани донации и скудни извештаи за трошењето

Општина Штип средствата од општинскиот Буџет ги доделува врз основа на три правилници и една методологија. Извештаите за потрошените пари со ретки исклучоци, се само наративни без финансиски показатели. Не се видливи за јавноста, туку треба да се бараат по Законот за слободен пристап или да се пребарува во „Службен гласник“, каде нема детали за потрошените пари.

Во анализираните четири години само еднаш е распишан повик за доделување проекти за граѓански организации, но и овие извештаи не се целосни, што е главна забелешка во извештајот за финансиското работење на Државниот завод за ревизија, кој укажува дека „дел од субјектите кои добиле средства од Буџетот, немаат доставено финансиски извештаи за користењето на средствата, што создава можност за незаконско и ненаменско користење на средства“. Нема јавни повици програмите на Советот на Општината, вклучувајќи ја и таа за спорт, чии пари над 90% завршуваат за ФК Брегалница, која е акционерско друштво.

Што се однесува до донациите, Општината Штип не води регистер, ниту се објавуваат договорите за донации во „Службен гласник“. За примените донации се дознава од медиумите и од отчетот на поранешен градоначалник, и издадените решенија дека донациите се од јавен интерес на Министерството за правда, од каде може да се заклучи дека донации има, но каде и како завршиле, граѓаните не се информирани.

Истражувачкиот тим на ЗГ „Медиа плус“ од Штип, во перидот од јуни до ноември 2019 година направи преглед и анализа за финаниското работење, донациите, транспарантноста и отчетноста за општината Штип за периодот од 2016 до 2019 година. Истражувањето и анализата е работена врз основа на програмите за работa на на Советот на Општината Штип и извештаите по овие програми, како и анализа на Буџетот, годишните сметки и кварталните извештаи за 2016, 2017, 2018 и 2019 година.

Тоа се годините од по половина мандат на градоначалниците: Илчо Захариев од ВМРО ДПМНЕ и Совет на Општината со мнозинство од ВМРО ДПМНЕ (2013-2017) и Благој Бочварски од СДСМ (2017 -2021) со Совет на Општината со мнозинство од СДСМ. Користени се официјални документи издадени од Општината Штип и Советот, извештај на Државниот завод за ревизија за сметките на Општина Штип од 2018 година, Отчет на градоначалникот на Штип Илчо Захариев, „Службен гласник“ на Општина Штип, барања според Законот за слободен пристап до информации, медиумски изјави и извештаи.

I ПРЕГЛЕД НА ДОНАЦИИ 2016 – 2019
Општина Штип без официјална евиденција на донациите

Општина Штип, со ретки исклучоци, не ги евидентира дадените донации. Во официјалниот „Службен гласник “, каде се објавуваат одлуките на Советот на Општината Штип, во текот на 2019 година, објавено е едно решение за примена донација од компанијата „ Хамачи “, која донираше електрично возило. Во 2018 година исто така, има едно решение за прием на донација на половно возило – Пајак од „Градски паркинг “од Скопје. Во текот на 2016 година, Општина Штип и Здружението на ромите „Черења “од Штип, склучија договор за донација со KAPITAL MARKET BUSINESS LIMITED од Лондон, Англија за изградба на станбени згради со 90 станови. Меѓутоа, донацијата никогаш не се реализира. Од Здружението изјавија дека донаторот се откажал од градењето на становите.

И покрај тоа што во медиумите може да се најдат вести за доделени донации на Општината Штип и на општински институции, решенија или одлуки за прием на донации во општинскиот гласник не се регистрирани. Интересно е дека во отчетот за сработеното, Илчо Захариев како градоначалналник, објавува податоци за петнаесетина донации. Највредна е донацијата на штипската компанија„ Актива“, која на градот му подарила мост вреден 55.000 евра. Оваа донација не е официјално објавена.„ Актива“ од Општина Штип во 2017 има добиено работа вредна 700.325 евра, за изградба на врска меѓу улицата „ Гоце Делчев“ и улицата„ Партизанска“ во Штип.

За изградбата на нова фабрика, компанијата „Актива“, во време кога Захариев беше градоначалник, доби делумно ослободување од плаќањето за уредување на градежно земјиште. Захариев заврши со кривична пријава од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување и во тек е судски спор. Захариев, според обвинението, го оштетил општинскиот буџет и наместо да и’ наплати на фирмата околу 1,8 милиони денари за уредување на градежно земјиште за изградба на објект со локација во Индустриската зона – Запад во Штип, тој и’ наплатил само околу 300.000 денари. Захариев тоа го демантираше.

Официјално во „Службен гласник“ на Општина Штип се објавени акти за овие донации:

1.Решение за објавување на Одлуката за давање согласност на Договорот за донација на возило на електричен погон (31.012019).
Договорот е за донацијата од ХАМАЧИ ДООЕЛ Штип, како донација од јавен интерес заради зачувување на животната средина и квалитетот на амбиенталниот воздух во градот. Донацијата се состои од едно возило на електричен погон. Нема наведено вредност на возилото, кое се користи за курирската служба. („Службен гласник“)

2. Одлука за склучување на договор за донација од правно лице на 24 јуни 2016 година, никогаш не е реализирана поради повлекување на донаторот. За реализирање на Проектот „Подобрување на условите за живеење на ромите во Штип, Општина Штип и Здружението на ромите „Черења “од Штип ќе склучат договор за донација со KAPITAL MARKET BUSINESS LIMITED од Лондон, Англија, пишува во решението на Советот на Општината Штип.

Предмет на донацијата се недвижности – станови во колективни станбени згради кои ќе бидат изградени во Штип во м.в. Каракуш. Донаторот KAPITAL MARKET BUSINESS LIMITED од Лондон, Англија по изградбата на станбените згради ќе донира 90 станови на Општина Штип, за што ќе биде склучен нов договор, согласно законските прописи во Република Македонија кој ќе биде основ за упис на добиените станови во јавните книги за евиденција на недвижности. („Службен гласник“)

3.Во август 2018 година е евидентирана донација во износ од 580.000 денари од Обединети нации (ОН) и Европската унија (ЕУ) во наставно – образовни помагала. Евиденцијата на донацијата всушност е преку одлуката за проширување на Буџетот на општината, поради приемот на оваа донација. („Службен гласник“).

Најмногу решенија за донации за Пастрмалијадата

Меѓутоа, во одговор на нашите барања според Законот за слободен пристап до информации од Министерството за правда, каде се донесуваат решенија, со кои се потврдува јавниот интерес на дадените донации, Општината Штип има примено парични средства за организирање на манифестацијата „Пастрмалијада“, потоа, пари за првото новороденче, поставување на столчиња на амфитеатарот кај Народната библиотека „Гоце Делчев“ и за поставување на фитнес справи.

Според документите, компанијата Пивара Скопје АД, во 2016 година донирала 922.500 денари за „Пастрмалијадата  2016“, додека следната година 260.390 денари за фитнес справи.  Комерцијална банка секоја година донира по 13.000 денари за првото новороденче. На листата на донатори е уште една банка, Шпаркасе, која во 2018 година донирала 1000 евра за „Пастрмалијадата“. Таа година, за оваа манифестација има уште два донатори – Оаза Екстра Скопско ДООЕЛ од Штип со 5000 евра и ЕВН Македонија со 30.750 денари. Компанија Оаза Екстра Скопско, која е главен спонзор на „Пастрмалијадата“, во 2019 година донирала 10.000 евра. За оваа манифестација во 2019 година износ од 62.000 евра донирала компанијата Витаминка од Прилеп, која има погон во Штип. На листата на донатори во 2019 година е запишана компанија Хамачи со електричното возило и ЈП за државни патишта со донација од дрвна маса од 827,33 кубни метри.

Во медиумите има податоци за овие донации:

УСЈЕ донираше 200 тони цемент на општина Штип во вредност од над 1,1 милион денари. Донацијата е наменета за санација на коритата на реките и поправка на мостовите на територија на општината, со што во голема мерка ќе се санираат настанатите штети од поплавите.
Донација – половен Пајак возило мерцедес од 1996 година, од ЈП Градски паркинг – Скопје
Донација од УЈП до ДСУ Искра во постелнина, јоргани и ДВД систем – вредност 109.000 ден.
Донација од Ротари клуб – Штип до СМУ Сергеј Михајлов -реконструкција на музички кабинет
Донација од Ханд тиле Ханд во ДСУ Искра – храна во вредност од 92.000 ден.
Еко парк во населба Сењак, донација од Адиент и Пакомак. Вредност 240.000 ден.
Дрва за огрев – донација од ЈП за државни патишта– нема вредност
Маици за учениците во ООУ Ванчо Прке и ООУ Тошо Арсов од ЕАМ – нема вредност.
Донација во вреќи цемент за асфалтирање на улици во н.Баби – не е познато од кого.
200 тони цемент од Титан
Бојадисување на ограда на ДГ „Вера Циривири Трена„ – компанија Гудмарк – нема вредност.
Сензорна соба во градинка „Астибо “и дневен центар за возрасни со аутизам -донатор Швајцарска амбасада (декември 2019година)

 

Во отчетот на поранешниот градоначалник Илчо Захариев има податоци за донации во време на неговиот мандат:

Донација од компанијата Актива – пешачки мост „Мостот на воздишки “, вредност 55.000 евра.
Прва платформа на р.Отиња – донација од 4,4 милиони денари – нема име на донатор.
Метален мост на река Отиња, вредност. 24.000 евра, донатор: Влада на Република Бугарија
Ограда за стадион во населбата „Балканска “.
Чешми во села – донација на И.Захариев и спонзори – правни субјекти, вкупна вредност 9000 евра.
Донација до Општина Штип од Хемофарм од Вршац, Србија – комби возило, кое потоа Општината го донира на монасите во манастриот Свети Гаврил Лесновси во Лесново. – Нема податок во општинските акти, ниту решение ниту одлука за донирање).
ТВ приемник за пензионески клуб во Три чешми – И.Захариев.
Реконструкција на сала за венчавки од приватни донатори. Вредност: 25.000 евра.
Противпожарна опрема за пожарникарите од ТППЕ од Германија. Вредност: 5000 евра.
Свечени тоги за советници кои склучуваат бракови – донатор: Линеа – нема вредност.
60 контејнери од Пакомак – нема вредност.
Кабинет во ООУ Славејко Арсов во н. Баби од Амбасада на Германија во Македнија. Вредност 5500 евра.

Општина Штип како донатор

Со одлука на Совет на Општината Штип од 3 мај 2017 година, доделени се 600.000 денари за црковни звона на МПЦ – ОА Брегалничка епархија од ставката „ Други трансфери“.

Во извештајот од направената ревизија на ДЗР од 2018 година се забележува дека тоа не е во програмската активност на општината и повеќе е донација и спонзорство. Според тоа, законски, треба да има склучен договор за донација, што во овој случај парите се доделени без таков договор.

„Општината нема склучено договор по прием на донација и спонзорство, што може да доведе до ненаменско и незаконско трошење. Предметот на ваков договор мора да биде остварување на јавен интерес. Општината нема обезбедено решение за потврда на јавниот интерес од Министерството за правда. Освен тоа, доделувањето на средства на верски заедници не е во надлежност на општината (според Закон за локална самоуправа), а според уставот на РМ, верските заедници се одвоени од државата “, – забележува ревизорот во Извештајот.

ДЗР препорачува да се утврдат реалните потреби на општината, доделувањето на средствата да се одвива по однапред утврдени критериуми според начелото на транспаренотност.  Да се финансираат проекти од надлежност на општината и за тоа да има финансиска поткрепа. (ДЗР 2018).

II ДОДЕЛУВАЊЕ НА СРЕДСТВА ОД БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ШТИП

Ревизорите со бројни забелешки за доделувањето на пари од општинскиот буџет

Програмите за спорт и за култура, години по ред предизвикувале контраверзи по начинот на трошење на парите, односно со одлуките кому да му се доделат парите. На начинот на доделувањето на средствата забележува и Државниот завод за ревизија, кој реагира на доделувањето на средства за манифестацијата „Пастрмајлијада“, забележувајќи дека не и’е местото во  Програмата за култура, а проблем е според ревизорите, и немањето доволна транспарентност на поделбата на парите од Програмата за спорт. На ова укажува и анализата не само на овие две програми, туку и на останатите, судејќи според документите, кои се објавени во „Службен гласник“. Нема воедначеност на принципот на поделба на средствата, ниту единствена методологија. Со ретки искчучоци, нема јавни повици за доделување на средства од општинскиот буџет. По доделувањето на средствата главно изостануваат финансиските извештаи, а јавно, на интернет страната не се објавуваат добитниците на општинските средства.

Обид за транспарантна поделба на близу еден милион денари е направена во текот на 2018 година, преку распишувањето на повик за доделување на средства за проекти за граѓански организации. Овој повик доаѓа по повеќе од десетина година на недоделување на овој фонд предвиден за здруженијата на граѓани. Овие пари во минатото главно се пренаменувани за други цели, а во ставката за здруженија на граѓани се сметаат износите дадени на спортските клубови, кои законски се регистрирани како граѓански организации. Пред доделувањето на парите за проектите за граѓанските организации, Општината усвои Методологија за доделување на финансиска поддршка на проекти на здруженија и фондации од Буџетот на Општина Штип, објавена на 19 февруари 2018 година.

Со објавениот документ се предвидува распишување на јавен повик секоја година во јануари или февруари, односно најдоцна два месеци по усвојување на на Буџетот на Општината. За избор на проектите одлучува Комисија за распределба на средствата. Извештаите на Комисијата одат преку Секторот за јавни служби, образование и ЛЕР.  Резултатите од конкуресот за распределба на средствата треба да се објават на оштинската интернет страна. Определени се минимум 50.000 денари, максимум 300.000 денари по проект.

На објавениот повик беа селектирани осум проекти за финансирање, меѓутоа, една од организациите се откажа поради малиот износ на доделени средства. Од предвидените 990.000 денари, доделени се проекти во вредност од 889.900 денари.

Пред Советот на Општината е презентиран наративен извештај, беа финански показатели за секој одделен реализиран проект. Со барање за слободен пристап до информации, до Медиа плус се доставени извештаите на сите седум организации, кои добија и реализираа проекти. Овој документ содржи различни типови на извештаи – не е унифицирано, туку која организација како сметала дека треба, така и доставила извештаи за потрошените пари. Во мали исклучоци, нема јасна претстава дали наменски се потрошени овие пари.

Во 2019 година не беше распишан јавен повик за проекти на граѓански организации, ниту беа доделени планираните еден милион денари. Општина Штип се врати на старата пракса на недоделување на овој планиран фонд од Буџетот. Во Програмата за Локален економски развој за 2019 година се предвидени 1,3 милиони денари за проекти за здруженија на граѓани и фондации за проекти од областа на развој на туризмот. Јавниот повик не беше распишан.

Методологијата за доделување на средства за граѓанските организации е редок исчекор на локалната администрација во одредувањето на правилата на поделбата на граѓански пари. Освен овој документ, комисиите за доделување на средства работат врз основа на уште два правилници. Тоа се: 1) Правилникот за критериумите и постапката за реализација на трансфери до здруженија на граѓани, поединци, фондации, наменски дотации и еднократна парична помош од 2009 година со дополнувања (за спорски клубови, наменски дотации, здруженија на граѓани, поединци, лекување);  2)Посебниот правилник  на Комисијата за култура за критериумите  и постапката за финансирање на проекти  од културата со прецизно објаснети критериумите од 2010 година . Во овој правилник нема наведено износи, туку стои општа одредба дека се поддржуваат проекти соодветни на програмата.

Издадени се и два правилници за организирање на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Првиот е објавен на 26 февруари 2017 година и ги регулира паричните награди, организацијата на фестивалот, конкурсот и останатите детали. Вториот е од февруари 2018 со промена во организациската структура – именувањето на директор и поднесувањето на извештајот е на Дирекцијата на фестивалот.

Извештаите, се чини се слаба точка на работењето на Советот на Општината Штип и тоа по сите програми. Во одлуките за доделување на средства за спортските клубови и фестивалите од програмите за спорт и за култура, има наведено одредба дека за трошењето на парите, треба да биде поднесен извештај. Меѓутоа, од приложените документи советниците се задоволувале со наративни извештаи, а во ретките наративни извештаи се давани заокружени износи на потрошените пари. Тоа се документи, кои како одлуки за извештаи се усвојувани во Советот и објавувани во „Службен гласник“. Ова во својот извештај го констатира Државниот завод за ревизија, кој забележува дека дел од субјектите кои добиле средства од Буџетот, немаат доставено финансиски извештаи за користењето на средствата, што создава можност за незаконско и ненаменско користење на средства.

ФК „Брегалница 2008“  со години милениче на локалните власти

Милионски суми граѓански пари секоја година се уплатувани на сметка на второлигашот  ФК Брегалница. Пред продажбата на клубот во 2019 година, општината Штип од Програмата за спорт  одвојуваше над 90% од парите предвидени за спортски клубови, за овој клуб.  Во периодот од три години од 2016 до 2019 година на сметката на АД ФК „Брегалница 2008“ се префрлени околу 923.000 евра.

Извештаите што се објавени во Службен гласник се главно наративни со позначајните финансиски показатели. Исклучок е извештајот за работењето на „Брегалница“ во 2017 година, кога настана промена на власта, а со тоа подоцна и промената на раководството на клубот. СДСМ додека беше во опозиција повикуваше на ревизија  на незаконското трошење на спортскиот денар. Кога дојде на власт, нарача и извештај од независен ревизор. Најобемниот финансиски извештај за работењето на „Брегалница“, што воопшто бил доставен до Советот е со заклучок дека не се усвојува. Овој извештај за 2017 година што ни беше доставен по барање за слободен пристап до информации укажува на потрошени 18.600.000 денари. ФК „Брегалница 2008“  во 2017 година со пет фудбалери од странство излегува од прва лига. Завршна сметка што Советот ја разгледува со август 2018 година, не е прифатена. Брегалница со оваа завршна сметка должи 484.644 денари.

Во однос на доделувањето на средствата за спорт, според Државната ревизија, која ја разгледуваше сметката на Општината Штип за 2017 година, оценува дека нема прецизни критериуми за доделување на средствата, ниту медотологија. Освен тоа, нема распишано јавен повик за доделување на средстата од оваа програма.

Во однос на доделувањето на 14 милиони денари за АД ФК „Брегалница 2008“ од Програмата за спорт, забележано е дека нема потпишано договор за регулирање на правата и обрските за финансирање, со што се намалува можноста за следење и реализирање на Програмата за спорт.

Нема заклучок за усвојување или неусвојување на финансискиот извештај за АД ФК „Брегалница 2008“. На ревизијата не е даден детален финансиски извештај. Општината не извршила контрола на потрошените средства, што и’ било обврска со Законот за финансрање на ЕЛС (чл. 26).

Овој воспоставен начин на финансирање на АД ФК „Брегалница 2008“  ја намалува транспарентноста на планирањето и трошењето на буџетските средства што не е во согласнот со буџетското начело на транспаретност, стои во извештајот на ревизорите.

Веќе следната година, со промената на локалната власт и промена во клубот, со одлука на Совет се доделени 10 милиони денари за Програмата за работа на Друштвото за спортски дејности ФК „Брегалница 2008“ АД-Штип за 2018 година, што  се обезбедуваат од Буџетот на Општина Штип за 2018 година.

Извештајот за 2018 година објавен е наративен и финансиски со трошоците за полусезоната (над 7 милиони), со преглед на потребите за пролетна сезона, подготовки, плати и сл.. Потрошени се 13.914.577 денари, од кои 11 милиони од општината, остатокот од ФФМ за поддршка на младинските клубови. Финансиските показатели се најавуваат за во завршната сметка.

На 27 септември 2019 година, Општина Штип дава согласност за склучување на Договор за регулирање на меѓусебните односи помеѓу акционерите во Друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб „Брегалница 2008“ АД-Штип,  Кирил Гогов како мнозински акционер од една страна и Општина Штип како малцински акционер од друга страна.

Во објавениот договор, прифатен од Советот на Општината Штип, се регулирани правата и обврските на малцинскиот акционер, т.е. Општината Штип, која и натаму се обврзува на финасирање на клубот:  1) Во следните 10 (десет) години, Општина Штип годишно во клубот ќе вложува по 6.000.000,00 денари, односно 9.000.000,00 денари се додека ФК „Брегалница“ се натпреварува во втора, односно прва фудбалска лига;  2) Исплатата на средствата од точка 2 на овој став, Општина Штип ќе го врши на месечно ниво во еднакви месечни рати;  3) Доколку клубот испадне во понизок ранг на натпреварување од втора лига, Општина Штип нема обврска да вложува финансиски средства во клубот;  4) Претставникот на Општина Штип во органите на управување на клубот, согласно статутот на акционерското друштво до Советот на Општина Штип ќе поднесува извештај за финансиското работење на клубот најмалку еднаш годишно;  5) Тековното одржување на Градскиот стадион и стадионите Суитлак и Бело Брдо и сметките за потрошена електрична енергија и вода се на товар на Општина Штип. Контролата на овие трошоци, Општина Штип ќе ја врши преку свој претставник во Управниот одбор на клубот; 6) Општина Штип нема да се меша во дејноста фудбал (избор на играчи и тренери), тоа е исклучиво право на мнозинскиот акционер; 7) Сите обврски на клубот направени пред преземање на клубот од мнозинскиот акционер се обврска на Општина Штип, а ќе бидат сервисирани на начин и во постапка како и пред продажбата на акциите.

Програма за спорт 2016:

Март 2017: Реализација на Програма за спорт за 2016 година.

Планирани 20 милиони денари, реализирани 16.941.000 денари.

16.250.000 денари за поддршка на спортски клубови. За АД ФК „Брегалница 2008“ : 15.194.610 денари.

Програма за спорт 2017

Април 2018 – Годишен извештај за 2017 без детални финансики показатели.

Извештај за реализација на Програмата за спорт за 2016 : Вкупно потрошени 15.193.300 денари за  поддршка на спортски екипи и сојузи/за котизација на спортски клубови.

Планирани 21.200.000 денари, реализирани 19.293.028 ден.

За АД ФК „Брегалница 2008“: 18.600.000 денари.

Програма за спорт 2018

Февруари 2018:

Одобрени 15 милиони, потрошени 13.583 413 денари.

12.577.370 за поддршка на спортски клубови.

За АД ФК „Брегалница 2008“: 11 милиони денари

Програма за спорт 2019

Планирани 15.000.000 денари од кои:  1) Поддршка на спортски екипи и спортски сојузи: 13.650.000  денари ;  2) Поддршка на Сојуз на училишен спорт по програма: 250.000  денари ;  3)  Награди: 100.000 денари ;  4) Електрична енергија за Општинските фудбалски стадиони: 1.000.000 денари.

Со Програмата за работа на Друштвото за спортски дејности ФК „Брегалница 2008“ АД -Штип за 2019 година се предвидува исплата на 12 милиони денари на клубот.

Извештаите се планирани за 2020 година.

Програмата на култура со (не)културни содржини

Фестивалот на забавна музика Макфест, манифестацијата Штипско културно лето и Пастрмаjлијадата се трите главни проекти на оваа програма. Сите заедно црпат по околу седум милиони денари годишно од општинскиот буџет. Меѓутоа, и овде извештаите се скудни, описни, без значајни финансиски показатели.

Како дел од Програмата за културата е Пастрмалијадата, една од општинските манифестации со тродневни настапи на некогашните ЈУ ѕвезди и друга музичка програма со продажба на штипскиот специјалитет – пастрмаjлијата на отворено. Општината во доделува од 2 до 2,5 милиони денари, додека значајни се износите на донаторите, за што нема информации во официјалните општински документи, но дел од износите откривме преку барањата според Законот за слободен пристап до информации. Според решенијата што се одобрени од Министерствтото за правда, со кои се признава дека донациите се од јавен интерес, во перидот од четири години (2016-2019 година), за Пастрмалијадата се донирани вкупно 32.500 евра. Наголемите донации се од Скопска пивара и штипската компанија за дистрибуција на производите на оваа пивара – Оаза Екстра Скопско од Штип. Двете компании заедно донирале 30.000 евра. Во поднесените извештаи за реализација на оваа манифестација, донираните пари никаде не се споменати, ниту пак има информација каде се потрошени.

Општината организирањето на оваа манифестација го додели за Здружението на угостители, за што никаде во официјалната документација нема договор или друг вид на потврда за делегирање на надлежност. Во извештајот за 2016 година стои Пастрмалијада 2016 дека проектот е реализиран во соработка со Здружението на угостители и Емил Попадинов, за што се потрошени 4.407.324 денари. Општината учествувала со  1.220.000 денари, додека остатокот е на генералниот покровител и од  спонзори. Компанијата Скопска пивара донирала 15.000 евра.

За Пастрмалијада 2017 се потрошени два милиони денари од општинскиот Буџет, додека остатокот од спонзори. Нема детали и финансиски показатели.

За организирање на Пастрмалијада 2018 нема податок колку вкупно е потрошено, туку во извештајот е наведено само колку пари се општински.

Извештај: „Според предвидениот буџет (Програма за култура 2018) Општина Штип од буџетот на сметка на манифестацијата префрли 2.500.000 денари, додека преостанатиот дел го обезбеди генералниот покровител Скопска пивара и други покровители – спонзори на манифестацијата. “. Според решението на Министерството за правда, донатори за Пстрмалијадата таа година се Оаза Екстра Скопско ДООЕЛ – Штип со 5.000 евра и  Шпаркасе банка АД Македонија – Скопје со 1.000 евра.

Во 2019 година Општината Штип од Програмата за локален развој одвои 2,5 милиони денари за Пастрамалијата, која добила  11.500 евра донаторски пари.  Оаза Екстра Скопско ДООЕЛ – Штип одвоила 10.000 евра за манифестацијата, П.И.Витаминка 62.000 денари, додека ЕВН Македонија 30.750 денари.

Државниот завод за ревизија посебно се осврнува на трошењето на пари за Пастрмајлијадата од Програмата за култура:„Парите во износ од два милиони денари се исплатувани од позицијата „Други трансфери“, врз основа на одлука на Совет на општината. Проектот нема културна вредност и не е во солгасност со Законот за локална самоуправа. Документите покажуваат дека средствата се наменети за покривање на хонорари на пејачи, со кои се склучени договори за настапи, забележува ревизорот.

Но, и покрај ваквите забелешки, Пастрмалијадата останува во Програмата за култура и на ист начин се спроведува и следната, 2018 година.

„Според предвидениот буџет (Програма за култура 2018) Општина Штип од буџетот на сметка на манифестацијата префрли  2.500.000 денари. Додека преостанатиот дел го обезбеди генералниот покровител Скопска пивара и други покровители – спонзори на манифестацијата “, стои во прифатениот извештај за организирање на Пастрмалијадата 2018 година. Нема податок за тоа колку вкупно чинела оваа манифестација.

Веќе во следната 2019 година, Пастрмалијадата, како манифестација е префрлена од Програмата за култура во Програмата за локален економски развој. Планирани се, како и во 2018 година,  2,5 милиони денари од општинскиот Буџет. Во програмата е дадено објаснување дека „манифестација која во основа ја има промоцијата на  исклучителниот бренд на Штип -Пастрамајлијата, ќе се реализира последната недела од септември. Идејата да се поттикне туризмот и развојот на угостителството, односно да се направи економска и туристичка промоција на Штип, на 13 по ред Пастрамалијада, предвидуваме повторно да се оствари преку пренесување на организациониот дел на Здружението на угостители со ангажиран тим на компететни лица за реализација. Општина Штип би ја имала улогата на медијатор “, пишува во Програмата за ЛЕР 2019.

Програма за култура  2016

Од Буџетот на Општина Штип планирани:7.305.000 денари,  Потрошени:5.193.941 денари

Фестивалот Макфест е во целосна организација на Општината Штип, со финансиско учество на Министерството за култура и спонзорство. Во „Службен гласник“ секоја година се објавуваат прифатените извештаи, кои главно кажуваат како поминал фестивалот, кој победил, како и општи информации со генерални финансиски показатели.

Макфест 2016: наративен и генерални финансиски показатели. 3.797.000 денари од општина, вкупно 6.348.000 денари.  Општината одобрила 4.000.000, а Министерството за култура 2.530.700 денари.

Извештај: „ Според Програмата, Општина Штип во реализација на триесет и првото  издание на Макфест влезе со 4.000.000 денари. Додека од Министерството за култура во делот финансирање на проекти од национален интерес беа предвидени 2.550.710 денари. Kонечниот финансов биланс говори дека: од предвидениот буџетски дел за Макфест 2016, Општина Штип издвои 3.797.583 денари или вкупно Макфест 2016 чинише 6.348.296 денари.“

За реализација на Програмата на Штипско културно лето (ШКЛ) 2016 година, Советот одобри средства во висина од 700.000 денари.  Вкупната реализација на ШКЛ 2016 чинеше 67.030 денари.

Извештај за Програма за култура 2017:

Од Буџетот на Општина Штип планирани:7.940.00 денари.  Потрошени:6.047.570 денари

Макфест 2017

Извештај: „Според Програмата Општина Штип во реализација на триесет и второто  издание на Макфест од буџетот на посебната сметка на Фестивалот се префрлија  4.000.000 денари. Додека од Министерството за култура во делот финансирање на проекти од национален интерес беа предвидени 1.783.357 денари, со потпишан Договор помеѓу Министерството и Општина Штип “.

ШКЛ: Предвидени 800.000 денари со Програмата за култура, потрошени 12.010 денари.

Во 2017 година за реализацијана Програмата за култура од буџетот на Општина Штип се потрошени вкупно 6,047,570 денари. Инаку, Годишната програма за култура 2017 предвиде средства во висина од 7.940.000 денари

Програма за култура 2018

Од Буџетот на Општина Штип планирани: 9.360.000денари.  Потрошени: 7.390.000денари

Според Програмата Општина Штип во реализација на триесет и третото издание на Макфест од буџетот на посебната сметка на Фестивалот се префрлија 4.500.000 денари. Додека од Министерството за култура во делот финансирање на проекти од национален интерес беа предвидени 1.000.000 денари.

Во 2018 година за реализацијана Програмата за култура од буџетот на Општина Штип се потрошени вкупно 7.390.079,51 денари. Инаку, Годишната програма за култура 2018 предвиде средства во висина од вкупно 9.360.000 денари.

Со Програмата за култура за 2018 за реализација на ШКЛ 2018 беа предвидени вкупно 700.000 денари, на седница на Совет одобрени по предлог програма 300.000 денари. За реализација на програмскиот дел за 2018 од Буџетот на Општина Штип се потрошени средства во висина од 267.251 денари.

Во однос на Програмата за култура, ревизорите забележуваат дека нема јавен повик за финансирање на проекти од областа на културата, кои не се дел од програмските активности на општината, ниту има јавен повик или е објавено на интернет страната за доделени финансиски средства. Општината на својата интернет страна не ги објавила субјектите кои добиле средства од Буџетот на општината за 2017 година и за кои цели ги добиле средствата.

Дел од субјектите кои добиле средства од Буџетот, немаат доставено финансиски извештаи за користењето на средствата што создава можност за незаконско и ненаменско користење на средства.

*Извештајот од ДЗР, иако е добра пракса за транспарентност на општината според СИГМА стандардите, не е објавен на интернет страницата на Општина Штип. 

 

III. ИНФОРМАЦИИ ЗА СОДРЖИНАТА НА САЈТОТ НА ОПШТИНА ШТИП

Овие документи и информации можат да се најдат на интернет страницата на Општината Штип stip.gov.mk:

Буџет – во менито дел БУЏЕТ

  • Предлог буџет за О.Штип за 2019 година.
  • Буџет на О.Штип за 2018 година.
  • Квартален извештај за извршување на буџет за период 01.01.2018 до 31.03.2018 г.
  • Буџет О.Штип за 2017 година.
  • Квартален извештај за период 01.01.2017 до 31.12.2017 година.
  • Годишна сметка на буџет за 2017 година.
  • Квартален извештај за период 01.01.2016 до 31.12.2016 година.

Јавни набавки – во менито дел ЈАВНИ НАБАВКИ

  • План за јавни набавки за 2018 година.
  • Тендерски постапки во О.Штип во период јануари-октомври 2016 година.
  • Реализирани постапки за асфалтирање на улици – 2016 година.

(има само за 2018 и 2016 година )

Проекти– во менито дел ПРОЕКТИ

  • Прашалници за евроскептицизам и име на мрежа на градови – 03.04.2018 г.

„Future of Europe – Reload “    О.Штип е партнер со О.Аксаково – Бугарија

Проектот трае од Април 2018 до Мај 2020 г. ( нема финансии )

  • Изработка на мултимедијален центар во Штип во соработка со О.Гоце Делчев од Бугарија –Преку ИПА Програма на ЕУ ,

Проект „Вмрежување на мултимедијални центри во прекуграничниот регион – Креатива “

Вредност на проектот е 448.840 евра од кои О.Штип добива 300.000 евра (пола се инвестиција на локалната самоуправа) а Бугарија 148.000 евра .

  • Проект „ Оживување на културно наследство во прекуграничниот регион меѓу Бугарија и Македонија “ – ИПА Програма за меѓународна соработка ,

Партнери се О.Штип и Агенцијата за регионален развој во Благоевград  – 98.627 евра вредност .

(има само 3 проекти од 2018 и 2016 г,  другите проекти и проектните програми кои ги има се постари од 2013, 2014 )

Програми  /  Урбанизам– во менито дел ПРОГРАМИ/УРБАНИЗАМ

Градежно земјиште 2016 г.

  • Програма за располагање со градежно земјиште за 2016 г.
  • Програма за дополнување на програма за располагање со градежно земјиште -1 .
  • Програма за дополнување на програма за располагање со градежно земјиште -2 .

Финансиски средства 1.500.000 денари.

(има само за 2016 година )

Локален економски развој – во менито дел ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

  • Програма за локален економски развој за 2016 гогдина. (проекти, финансии)
  • Анекс на програма за локален економски развој за 2016 година.

(има само за 2016 година)

Стратегии – во менито дел СТРАТЕГИИ

  • Стратегија за ЛЕР 2019-2024 – (работна верзија).
  • Стратешки ЛЕР план 2012-2017 година.
  • Под – стратегија за рурален развој 2012-2017 година.
  • Програма за енергетска ефикасностна О.Штип за 2011-2016 година.

Сајтот не се ажурира редовно. Повеќето објави, проекти, програми, стратегии се постари од 2011, 2012, 2013, 2014 се’ до 2016 години. Последниве три години многу ретко се објавува и ажурира, само по една или две објави во оддел а некаде и нема воопшто. Единствено се ажурираат  рубриките –„Настани“ и „Соопштенија“.

Соопштенија: Најмногу содржи писмени реакции на прес конференциите на О.К. ВМРО-ДПМНЕ од Штип, со контра-реплики. Освен ова, содржи и честитки по повод празници, покани за конференции, најави за измена на режим на сообраќај, известувања за продолжено работно време и сл.

Настани: Тука има понови и тековни информации, за тековни средби, и тоа за: асфалтирање на улици, увид во градежни активности, Макфест, дебати, јавната расправа зз ЛЕР, свечени академии, улично осветлување, средби со директори и министри, Пастрмалијада, прием на лица кои постигнале успеси кај градоначалникот, одобрени средства за проекти, потпишани договори , јавна расправа за браната на река Отиња, одбележување на значајни датуми, работни активности, промоции итн.

Има објава од 18 март 2019 година, дека според извештајот од проектот „Следење на принципите на јавна администрација во зачувување на вредностите на добро управување“, финансиран од Европската унија, Општина Штип е најтранспарентна Општина во државата.

Оваа анализа е изготвена со помош на грант доделен преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ што го спроведуваат Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар, финансиран од Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на здружението Медиа Плус и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.