„Заедно сме побезбедни и посигурни“ е новата акција на Медиа плус
Градење на партнерски однос меѓу граѓаните, заедниците, граѓанските организации и локалните власти преку Советите за превенција во делот на сигурноста, безбедноста и превенцијата, е акцијата на Здружението „Медиа плус“ од Штип, поддржана од Цивика мобилитас. Насловот на проектот е „Заедно сме побезбедни и посигурни“, каде во средиштето се локалните Совети за превенција како мост за соработка и вмрежување.
Тоа се новоформирани тела при Општините, со цел значително да ја подобрат јавната безбедност и превенцијата, различните безбедносни теми од интерес на граѓаните и општината. Со тоа, и градење на доверба, како и партнерски односи во превенирањето на појавите што влијаат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот.
Зошто токму Советите за превенција е своевидната алатка за интервенција? Затоа што на ова тело му се дава дополнителна важност и моќ со законските измени. Со него заседава градоначалникот на Општината, а вклучува и јавен обвинител, претседател на Советот на Општината, командир на полицијата, претставници од граѓански организации, медиуми и други релевантни актери. Во последната година има зголемен број на сообраќајни инциденти, нараснати проблеми во заедниците, кои бараат превентивна акција со вклучување на сите актери, предводени од граѓаните, со што ова тело е одличен пример за тело кое е дел од локалната власт, а во кое активно делуваат и граѓанските организации. При тоа ќе се промовира и поддржи соработката на двете страни (ГО и локални власти), а ќе се информираат и ќе се охрабрат и граѓаните да дадат свој придонес.
Тимот на Медиа плус ќе истражува, анализира, ќе ги прашува граѓаните и властите, ќе зборува за позитивните примени на решенија и вмрежување во заедницата. Ќе инсистира на поголема улога на граѓаните и граѓанските организации во тој одно преку ангажирање на по тро организации во секоја од општините.
Намерата е на крај од акцијата да се создадат отворени, транспарентни и зајакнати Совети и граѓани, кои соработуваат, информираат и алармираат за важните прашања за заедницата.
Проектот ќе се спроведува во осум градови од осумте плански региони во период од 18 месеци.