Швајцарската амбасадорка им додели признанија на најновите грантисти на Цивика мобилитас: Меѓу нив е и Медиа плус

Целосно да се реформира системот на финансирање на граѓанските организации од страна на државата. Ова го бара невладиниот сектор, од каде порачуваат дека е потребна поголема институционална поддршка. Организациите бараат и државата да ги кофинансира нивните активности што се поддржани од другите донатори. Ваквите препораки се срочени во најновиот извештај на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Препораките во овој документ, меѓу другото, говорат дека се потребни измени на Кривичниот законик, со кои претставниците на здруженијата и фондациите би биле изземени од одговорност за злоупотреба на сужбена должност.

„Веќе неколку години го потенцираме Кривичниот законик како потенцијален проблем, кој предвидува одговорност како претставникот на некое здружение или фондација да е на јавна функција. Во 2018 година, во практика беше регистриран случај каде Јавното обвинителство Прилеп поднесе обвинение против организација, според кое, застапникот на организацијата извршил злоупотреба на сужбена должност и парите што ги стекнал од економски активности ги искористил за лични, а не за цели на организација. Тука се поставува прашањето каква е таа службена должност, ако лицето работи во организација“, образложи Симона Огненовска од МЦМС.

Препораките кои ги содржи извештајот се направени врз основа на анкетата во која учествувале 223 граѓански оганизации од земјава. И покрај нивните забелешки и барања за извесни корекции во законската регулатива, извештајот покажува дека околината во која граѓанското општество делувало лани е значително подобра за разлика од претходните години. Откако невладините беа под засилена инспекциска контрола, минатата година за 22 граѓански организации истрагите биле затворени, а нивното учество во креирањето политики за зголемило.

Овој најнов извештај на МЦМС е подготвен во рамките на проектот Цивика Мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка. Во рамките на истиот проект, дваесет и седум организации добија грантови со поддршка од Швајцарија, за да реализираат проекти со цел позитивни општествени промени. Дел од грантистите е и Медиа плус – Штип.

Ова граѓанско здружение со поддршка на Цивика мобилитас ќе го реализира проектот „Заедно сме побезбедни и посигурни“. При промоцијата на добитниците на грантовите, швајцарската амбасадока во земјава, Сибил Сутер Тејада им додели признанија на претставниците на невладините. Амбасадорката тврди дека Швајцарија е посветена на тоа да придонесе за креирање стабилно опкружување за граѓанското општество.