Медиумската писменост и заштитата на малолетниците во медиумите во фокусот на новите публикации на АВМУ

Медиумската писменост и заштитата на малолетниците во медиумите во фокусот на новите публикации на АВМУ

Да се олесни вклучувањето на медиумската писменост во регулативата, но и да се прилагодат наставните програми. Ова го предлага Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која најавува низа активности за поголема примена на медиумската писменост во економската, културната и образовната сфера. Оттаму тврдат дека ќе организираат кампањи за подигање на свеста за медиумската писменост, со што граѓаните би извлекле корист од медиумското опкружување во кое живеат.

Вештините за критичко и рационално опсервирање на информациите се објаснети во Публикацијата „Политика за медиумска писменост“, што ја промовираше Агенцијата, од каде велат дека овој документ нема да биде испратен до училиштата, иако дел од наставните програми предвидуваат лекции на оваа тема.

Емилија Петреска Камењарова од АВМУ сепак тврди дека со невладиниот сектор веќе работат на уште еден нов прирачник кој ќе може да се користи во образовниот процес:

„Политиката е генерална и не верувам дека ќе биде корисна директно за подготовка за часови, така што нема да биде испратена до училиштата, но е достапна на www.mediumskapismenost.mk и ако некому му е потребна ќе може да ја искористи од таму. Веќе до основните училишта се испратени одредени материјали. Во моменот се спроведува проектот КриТинк на Метаморфозис и Евротинк и веќе се работи на нов прирачник кој ќе може да се користи во образованието. Сега треба да донесеме одлука за содржината на прирачникот како членки на Мрежата за медиумска писменост“, нагласува Петреска Камењарова.

Овен за медиумската писменост, Агенцијата промовираше и Публикација за заштитата на малолетните лица во медиумите. Публикациите се подготвени во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа: „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа.

Дел од мрежата за медиумска писменост во земјава од неодамна се Здружението на граѓани Медиа плус и Радио мрежа Канал 77. Тие се и едни од грантистите во проектот КриТинк на Метаморфозис и Евротинк, а со цел да придонесат за здолемување на свеста за медиумска писменост и критичко размислување продуцираа анализа, три аудио  и три видео спотови, како и еден промотивен настан.