Проект „Читај меѓу редови“
Со медиумски писмени граѓани до помалку манипулација од центрите на моќ. Само проверени вести со факти можат да информираат, е пораката содржана во шеснаесет медиумски производи, осум телевизиски прилози и осум новинарски текстови за веб портал, со актуелни теми создадени од осумдесет и четири средношколци од Кавадарци и Велес. Тие во изминативе шест месеци беа вклучени во проектот „Читај меѓу редови“ што го реализираше Фондација „Фокус“ од Велес, во соработка со гимназиите „Добри Даскалов“ од Кавадарци и „Кочо Рацин“ од Велес.
Целта на проектот беше медиумско описменување на младите. Да не наседнуваат на лажни вести кои стануваат секојдневие, а имаат за цел да манипулираат.
„Учениците, учесници во проектните активности, покажаа голем интерес за медиумско описменување и градење на критичко мислење. Тие активно учествуваа во едукацијата. Стекнаа вештини, што треба да ги водат кон точната вест поточно во секоја да ги бараат одговорите на петте новинарски прашања: кој, кога, каде, што и зошто. Секако и преку одговорот на шестото, не помалку значајно прашање, како?“ рече координаторот на проектот Даниела Саздова.
Подготвените прилози со теми од секојдневието на младите во Кавадарци и Велес ќе бидат објавени во вестите на регионалната телевизија КТВ и на веб порталот Дума.мк
„Медиумите се клучниот идентификатори и индикатор за степенот на демократијата на едно општество. Но , за тие да бидат одговорно, да бидат точни и вистинити потребни се медиумски умешни, писмени граѓани кои што мораат да бидат коректор и на властите и на медиумите. Ниту еден центар на моќ, ниту една власт на сака писмени граѓани и многу писмени и независни и моќни професионални медиумите. Колку помалку се има незнаење, толку манипулацијата е поуспешна“, рече Виолета Глигоровска од Фондацијата за интернет нови медиуми и општество „Метаморфозис“.
Пораката од денешниот завршен настан до младите и до сите граѓани е да читаат вести со точно утврден извор, кој поседува импресум, редакција, потпишан новинар кој е автор на текстот но, и извори кои што ги искористил за да ја напише веста.