Рецензија: Нема доказ дека муртинци го поставиле транспарентот со порака до Заев
[Рецензија: МУРТИНЦИ ГО БАРААТ ЗОКИ НАЗАД: ,,Ела си дома не се бpyки” ]
Пред нас имаме тенденциозен напис чија намера не е ништо друго освен по секоја цена да се наруши угледот на премиерот, Зоран Заев, а за да се постигне таа цел се употребуваат ниски удари.
Станува збор за многу краток текст – од само три реда и фотографија, на која се гледа дека на таблата за влез во селото Муртино (од каде што е по потекло премиерот), има поставено плакат со слика од Заев и порака: „Зоки ела си дома не се бруки“. Иако, во написот категорично се тврди дека транспарентот го поставиле жителите на Муртино, во него нема ниту еден доказ што би ги убедил читателите дека тоа е навистина така.
Линк до оригиналниот напис: МУРТИНЦИ ГО БАРААТ ЗОКИ НАЗАД: ,,Ела си дома не се бpyки”
Датум и време на објавување: 27.3.2019
Датум на рецензирање: 27.3.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Нема изјава од оние кои го поставиле плакатот, ниту пак, фотографија од оние за кои се тврди дека се Муртинци. Така што, јавноста не може да добие вистинска слика кој и зошто го сторил тоа.
Реално, споменатиот транспарент таму можел да го стави кој било. Но, еве да речеме, дури и да го поставил жител на селото Муртино, тоа не значи дека целото село го дели неговото мислење! Од друга страна, постои голема веројатност дека некој намерно го напишал ова и го поставил баш на тоа место, само за да го оцрни премиерот.
И не само тоа, во текстот се пласирани низа обвинувања за кои нема поткрепа дека се вистинити. Не е посочен ниту еден доказ или пример од „гафовите и лагите“ кои, наводно, ги кажал Заев.
Со оглед на големиот број на гафови, изнесени нeвиcтини и лaги побараа нивниот сограѓанин да се врати назад.
Интересно е што овој напис се појавува веднаш по телевизискиот дуел помеѓу премиерот Заев и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кога на дел од порталите оркестрирано се појавија пропагандистички текстови со видлива идеја да се прикаже Заев како губитник од телевизиското соочување. Па, пишуван во таков стил и овој текст тврди дека Заев доживеал дебакл, иако за таквите наводи на читателите не им се понудени аргументи.
Написот е објавен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој го спроведуваат Метаморфозис и Евротинк, со финансиска поддршка од ЕУ.
Написот е преземен од сајтот на КриТинк.