Рецензија: Марихуаната и понатаму останува нелегализирана
Рецензија: [ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА ВО МАКЕДОНИЈА]
Текстот што го рецензираме не нуди доволно информации, односно тој е нецелосен. Главната информација која се пренесува не е проверена и според тоа се доведува во прашање нејзината веродостојност. Од Владата има и демант дека веста е неточна.
Линк до оригиналниот напис: ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Датум и време на објавување: 25.03.2019
Датум на рецензирање: 27.03.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот има ударен и атрактивен наслов, а тоа е дека „Владата ќе ја легализира марихуаната во Македонија“. Вака пренесен насловот делува како написот да тврди дека тоа е така со сигурност.
Но, кога ќе го отворите текстот ќе видите дека тоа не е така.
ТВ21 од блиски извори на Владата дознава дека наскоро ќе се легализира марихуаната во Македонија. За почеток легализирана ќе биде во туристичките места, односно во Охрид и во Струга.
Уште на самиот старт од текстот се наметнува дилемата, како тоа марихуаната ќе се легализира само во Охрид и во Струга? Како ќе се изведе сето тоа од аспект за законските прописи, односно како би изгледал тој закон? Целата идеја за тоа марихуаната да се легализира само во два града е бесмислена.
Анализите на Владата покажале дека легализацијата ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи, а со тоа и поголем девизен прилив во тие места.
Кои и какви се тие анализи не се посочува во текстот. Како тоа марихуаната ќе го зголеми бројот на туристи и на прилив на девизи? Кој ги правел овие анализи, дали таков пример постои во друга држава? Ништо нема во написот.
Не е прашана ниту Владата дали информацијата е вистинита или не. Не е консултиран, на пример, некој познавач кој би ја објаснил наводната анализа на Владата.
Нова ТВ објави демант од Владата на ваквата информација.
Станува збор за дезинформација. Не постојат тековни владини анализи за легализирање на марихуаната за рекреативни цели. Владата останува на почитување на постоечката регулатива со која во земјата е дозволено производство на канабис исклучиво во медицински цели, се вели во реакцијата.
Текстот не нуди ништо. Само отвора многу прашања. Кога новинарот ќе дојде до некоја информација, истата треба да ја провери од што е можно повеќе извори, да побара одговори и истите да ѝ ги пренесе на јавноста, а не да нуди нецелосни информации. Така само се создава забуна кај читателите. Вака пренесена веста делува како несериозна и лажна.
Написот е објавен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој го спроведуваат Метаморфозис и Евротинк, со финансиска поддршка од ЕУ.
Написот е преземен од сајтот на КриТинк.