Заврши проектот на Канал 77 и Медиа плус за медиумска писменост
Заврши проектот „Медиумски писмен граѓанин – за чест без стрес, најди ја вистинската вест“, кој го реализираат Здружението Медиа плус Штип и радио Канал 77. Откако објавија анализа, три аудио, но и три видео спотови на тема „медиумска писменост“ проектните партнери реализираа емисија со гостување во живо, со цел уште еднаш да испратат пораки и совети до младите за тоа како да се заштитат од дезинформациите и од спинуваните вести.
„Да бидете доктор за спинување воопшто не е тешко. Да бидете доктор за професионално новинарство, кое се’ помалку го има во Македонија, е многу потешко. Ме препознаваат и читателите дека многу држат до професионалноста. Ние треба да бидеме пример и не смееме да дозволиме да преминеме на другата страна, постојано мора да зборуваме дека читателите не смеаат да се базираат на непроверени информациите“, порача новинарката Емилија Лазаревска која гостуваше во претпладневната програма во живо на Канал 77.
„Прочитајте ако треба и на три или пет медиуми една иста вест ако ви се види дека веста не е професионална, мора да се информирате до крај и да донесете сами заклучок дали тоа што се обидува некој да ви го пласира е професионално или не. Доколку заклучите дека не е, не следете го веќе тој медиум“, ја советуваше таа публиката.
Паралелно, дел од програмата во живо во рамките на завршниот настан беше и хип-хоп артистот од Штип, Бени во чија изведба е музичкото парче „Медиумска рапсодија“. Видеото за оваа тема е еден од спотовите кои се реализираа во рамките на проектот, со цел да може да се допре до младите преку музиката и да им се укаже на важноста од критичкото мислење.
Проектот почна пред четири месеци со објава на анализа, продолжувајќи со продукција на три аудио спотови, по што беа објавени и видео спотови во кои познавачи на темата, испратија пораки за тоа како публиката би можела порационално да се информира за актуелните случувања.
„Медиумски писмен граѓанин – за чест без стрес, најди ја вистинската вест“ е дел од проектот ,,Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-Кри-Тинк“ имплементиран од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк-Центар за европски интеграции, а финансиран од Европската Унија.