Медиумски писмен граѓанин – За чест без стрес избери ја вистинската вест
Преку анкета во три градови во источниот дел на земјава, анализиравме колку младите се медиумски писмени. Анализата е дел од активностите на проектот ,,Медиумска писменост-за чест без стрес најди ја вистинската вест“ на невладината организација Медиа плус во партнерство со Канал 77.
Денес во 21 век да се биде писмен, не значи само да се знае да се чита и пишува. Постојат разни видови на писменост, но она што во денешни услови е важно и би требало да биде задолжително, е медиумската писменост. Најголем дел од информациите ги добиваме преку медиумите, па луѓето се сметаат за писмени доколку знаат како да ги користат медиумите и знаат критички да ги читаат и разбираат медиумските содржини т.е да бидат медиумски писмени.
Иако за медиумска писменост се учи уште во трето одделение, барем така тврдат надлежните, сепак добар дел од граѓаните, пред се’ младите се медиумски неписмени. Според анкетите што ги направи Канал 77 во три градови во источниот дел на Македонија, делумно се потврдува тоа.
„Не знам да ви кажам, немам поим“, беа поголем дел од одговорите на прашањето -Дали знаат што значи да си медиумски писмен?
Сепак имаше и вакви одговори:
„Медиумска писменост е осознаеност на вистиноста на информациите коишто се пласираат во мас медиумите…Секој граѓанин треба да знае што е медиумска писменост, особено младите луѓе за да можат да ја препознаат вистинската и точната информација…“
Иако некои од нашите соговорници не знаеја што е тоа медиумска писменост, сепак слушнале за лажни вести.
Ова се некои од нивните одговори – Лажна вест (дезинформација) вест е кога за нешто лажно се информирало, постојано што лаже некој, не сме доволно информирани, а и не не’ интересира нашата генерација, едноставно не читам…“
Следуваат и препораки како да се препознае лажна вест:
,,Споредувам една иста информација од повеќе медиуми, наоѓам средина и тука некаде го формирам своето мислење… Мразам наслови од типот ,,ексклузивно“, „неверојатно“ го отвараш постот и гледаш глупости напишани со некој неубав јазик. Ако има и други извори каде потврдуваат дека тоа не е вистина, можеби ќе се сомневам. Вестите што се поврзани со политика со партиите многу со резерва ги примам“, ни одговорија дел од нашите соговорници.
Да се биде медиумски писмен е важно за сите, за децата коишто доправа ги учат правилата и замките на комуникацијата, за тинејџерите, за возрасните, но и за постарите коишто не се сосема вешти во коритењето на новите медиуми.
Состојбата со медиумската писменот таква каква што ни е сега се должи на тоа што недоволно се посветува внимание на способноста на критичкото мислење, смета Снежана Мирашчиева професор д-р од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
,,Не во смисла на критизерство, во смисла на логичко расудување и логичко размислување. Дали информацијата којашто ќе ја презентира медиумот денес е конзистентна и е истоветна со истата информација презентирана на друг медиум, зависи нормално која е содржината на самата информација, дали овој медиум пласира информации, дали се’ што пласира е информација или е дезинформација, на кој начин се пласираат информациите“, вели Мирашчиева
Како се информираат и на кого му веруваат, добивме интересни одговори од младите што ги анкетиравме.
,,Ретко на која вест и’ верувам. Не верувам ништо, сам на себе не си верувам, а не да верувам на другите,најискренo. На никој не му верувам, ни на мене не си верувам“.
На прашањето како се информираат, поголем дел од младите ни одговорија дека се информираат преку социјалните мрежи. Дел одговорија дека ги информираат постарите или родителите.
„Факт е дека сега млададата популација се фокусира на социјалните мрежи, но ако се прашаат што значат зборовите фејзбук, твитер или инстаграм не го знаат вистинскиот одговор“, тврди Мирашчиева.
„Тие само бројат лажни пријателства. Тие се пријатели, а всушност се индивидуи, индивидуалци. Штом физички немаме гимнастика, телото антрофира, штом немаме интелектуална мозочна активност интелектот антрофира, тоа пак резултира со друго, затвореност, пасивност, ограниченост, сиромашен вокабулар и неписменост и тука не можеме да бараме, дали можат да разликуваат информација од дезинформација“, додава таа.
Медиумската писменост се однесува на сите медиуми – на телевизијата, радиото, весниците и магазините, филмот, снимената музика, книгите, билбордите, книгите, видео игрите, интернетот.
Професорката по македонски јазик во штипската Гимназија „Славчо Стојменски“, Весна Ристова вели дека во средното образование медиумската писменост се проследува од аспект на тематското подрачје стилистика. Во поглавјето ,,Публицистички стил“ посебен акцент се дава на сите традиционални новинарски родови
„Учениците се оспособуваат да препознаат дали секој настан заслужува за него да се направи вест. Тоа го правиме преку истражувачки проекти, бидејќи само часовите не го дозволуваат тоа. Тие имаат задача да црпат материјали од сите медиуми, за да развијат вештини за критичко размислување, за да препознаат вистински, информации или наспроти нив, маркетиншки стратегии и како крајна цел е да дојдат до вистината“, образложи Ристова.
Она за што сите беа едногласни во анкетата беше тоа дека во образованието треба да се посвети повеќе внимание на медиумската писменост.
Треба да се посвети внимание зашто младите од мали нозе не се едуцираат соодветно и растат со искривена слика за светот околу нив…Стекнувањето медиумска писменост треба да биде повеќе присутно во образованието бидејќи учениците преку социјалните мрежи добиваат секакви информации без да имаат некаков критериум да утврдат дали се вистинити или невистинити. Медиумска писменост во образованието треба да има барем како изборен предмет затоа што е многу важно доброто информирање, а долгорочно и она што е важно, тоа е начинот на којшто се гради едно граѓанско опшество – рекоа соговорниците.
Развивање и примена на вештини за критичко размислување,осознавање како медиумските пораки влијаат врз опшеството, да се согледат маркетиншките стратегии со кои се продаваат добра и услуги,да се препознае кога медиумите ги лажат, заведуваат, манипулираат се само некои од причините зошто е важна медиумската писменост.
„Секако многу е важна медиумската писменост, но прашање е дали тоа ќе му одговара некому, затоа што, знаете како е, што помалку информирани луѓе полесно се владее со нив“, забележа еден од нашите анкетирани соговорници.
За професорката Мирашчиева, најдобар начин за учење на медиумската писменост е младите самите да создаваат медиумски содржини.
„Кога ќе бидат активни во процесот на подготвување на информациите, кога ќе бидат вклучени во процесот на подготвување и пласирање е тогаш веќе може да се каже дека правиме најрадикален чекор кон описменување,кон медиумска писменост“, констатира Мирашчиева.
Проектот ,,Медиумски писмен граѓанин-За чест без стрес, најди ја вистинската вест“ го спроведува ,,Медиа Плус“ во партнерство со Канал 77 и е дел од проектот ,,Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-Кри-Тинк“ имплементиран од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк-Центар за европски интеграции а финансиран од Европската Унија.
Содржината на овој текст е одговорност само на Медиа Плус и на ниеден начин не може да се смета дека ги изразува ставовите на Европската Унија.