Публикуван независниот Извештај од мерењето на квалитетот на водата и составот на седиментот во реката Брегалница
Пред македонската јавност е публикацијата „Извештај од мерењето на квалитетот на водата и составот на седиментот во реката Брегалница“, како резултат на независните мерењата, нарачани од ЗГ „Медиа плус“, а направени за потребите на проектот. Мерењата ги спроведoa професорот Ѓорѓи Димов и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, преку овластената лабораторија АМБИКОН -УГД, во периодот од мај до ноември 2021 година. Примероците за анализите се земени од едно мерно место во близина на населбата Балканска, на почетокот на терасните седименти, во кои се изведени бунарите за водоснабдување на градот Штип, во три различни периоди од годината кога се менува водостојот.
Мерењата покажаа дека ефектот на сезонска промена на квалитетот на водата е најалармантен кај микробиолошкото загадување, со присуството на колиформни бактерии од фекално потекло и Ешерихија коли. Квалитетот на водата е меѓу 3 и 4 класа според бактериска контаминација. Нивото на растворени метали е под пропишаните максимално дозволени вредности за Класа 1-2, со исклучок на железото.
Висока е концентрацијата на фосфор, што според заклучоците од мерењата, може да должи на лошите земјоделски практики со прекумерна употреба на ѓубрива, нетретирани комунални води – фосфорот е посебно присутен во детергентите и средствата за хигиена, како и испуштања од фарми или испуштањата од пречистителни станици.
Концентрацијата на вкупниот фосфор се забележува во есенските мерења, со што водата ја става во Класа 4. Класа 4 се однесува на силно еутрофична, загадена вода, која во природна состојба може да се употребува, само по одредена обработка.
Прочитајте повеќе во публикацијата.