Медиумската писменост да се воведе во конвенционалното образование – бараат студентите

Објавено на: 11/8/18 6:01 PM

„Да изградиме систем во кој медиумската писменост ќе го победи духовното ропство на 21 век“ беше една од пораките на студентите од Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денешниот собир на платото на УКИМ против медиумската пропаганда, лажните вести, манипулациите со дезинформации, против зачестените жртви на видеоигрите, агресивниот маркетинг, потрошувачкото општество, отуѓувањето.

Настанот беше дел од проектот „Не биди медиумска мета!“, кој го спроведува Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) со поддршка на Европаката Унија и други невладини организации, а со него и македонските студенти се вклучија во одбележувањето на Европската недела на медиумска писменост.

Студентите во своите говори зборуваа за примери за масовните медиуми или „четвртата власт во секоја демократија“, кои имаат моќ не само да го пренесуваат јавното милсење и ставовите, туку и да ги формираат и пренасочуваат.

Бојана Крстевска, прва година на Правниот факултет, со порака до консументот на вести, кого го нарече плен на јавните гласила и жртва на општеството: „Користи го разумот, плови низ океанот на сите информации кои ги добиваш, постигни ја амплитудата на твојата интелектуалност, одлучи – што е вистина, а што лага во општествената стварност со која секој ден се соочуваш“.
Студентот Симеон Јанев праша дали воопшто може да се зборува за медиумска писменост во Македонија затоа што, рече, нема критична мисла.

-Честопати одредена целна група до која се праќаат информациите, нив ги голта и впива онака како што им се сервирани. Во западните општества мас-медиумите имаат потешкотии за пробивање на пазарот затоа што тие општества се софистицирани и кај нив медиумското образование е застапено години наназад и е поткрепено со научни сознанија, за разлика од кај нас, рече Јанев.

Раководителка на проектот, комуникологот д-р Јасна Бачевска-Недиќ, професорка на Правниот факултет, рече дека со денешниот настан сакаат студентите од УКИМ да испратат порака до надлежните институции да размислат и да го забрзаат процесот на имплементација на медиумската писменост.

-Тоа го правиме преку студентите кои се најсензитивна општествена категорија, авангарда и носители на општествените промени. Тие беа и многу расположени да говорат на оваа тема. Мотивирани се да кажат нешто против медиумската манипулација, и тоа не само како политичка манипулација, туку и за сите современи општествени проблеми, како отуѓување, потрошувачко општество, стил на живот… А сите знаеме дека медиумите денес се главен генератор и главен фактор во овој домен, изјави Бачевска-Недиќ.

Целта на митингот е да испрати порака до релевантните инстанци во државата забрзано да се имлементира концептот за медиумската и дигиталната писменост во конвенционалното образование, по примерот на земји како Холандија или Германија кои во наставните планови имаат предмет за медиумите.

Со денешниот настан беше отворен проектот „Не биди медиумска мета!“. Во овој и во наредниот месец ќе има по две работилници, а потоа во план е да организираат карван во средните училишта.