Пред присутните се обратија Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски,  Валентина Атанасовска, Kоординатор на ресурсните центри од Македонски центар за меѓународна соработка и Слободанка Блажевска, Проектен координатор во Медиа плус.

Овој центар ќе обезбеди иновативен и инспиративен простор за големите и мали локални граѓански организации (ГО) и активисти, и ќе пружи поддршка и лесен пристап до ресурсите потребни за нормално функционирање на ГО. Целта на проектот е да се помогне во зајакнувањето на ГО, кои се независен фактор во обликувањето на општествениот живот и демократијата во земјата, како и за создавање овозможувачка околина која ќе го поддржи развојот на граѓанскиот сектор.

Со програмата ќе функционираат три ресурсни центри – во Скопје, Гостивар и Штип, како и дополнителни мобилни ресурсни центри за целосна географска покриеност на државата. Покрај тоа, ќе се спроведат 18 обуки, 12 конференции, 27 „отворени денови на Ресурсниот центар” во различни градови низ државата; ќе се обезбеди редовна логистичка поддршка на локалните ГО; ќе се доделат oсум партнерски и 10 мали грантови за поддршка на локални и национални иницијативи; ќе се воспостави биро за информирање на ГО; ќе бидат дистрибуирани 36 месечни прегледи за можностите за финансирање на ГО како и квартални прегледи на законските промени кои може да влијаат врз нивната работа; ќе се подготват и три годишни извештаи за овозможувачката околина за  граѓански организации, а ќе биде воспоставена и ресурсна веб страна.

Граѓанскиот ресурсен центар е дел од програмата Национален ресурсен центар за граѓанските организации, спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, а е поддржан од Европската Унија.

 

Tags: , , , ,