Истражување: Младите сакаат да размислуваат критички, но не читаат внимателно

Објавено на: 03/12/19 10:07 AM

Фондацијата Метаморфозис и Центарот за европски стратегии Евротинк ќе излезат со препораки до Бирото за образование и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за тоа како да се подобри медиумската писменост кај младите.

Какви се навиките за информирање на младите во земјава и колку тие се способни за критичко размислување? Ова се двете клучни прашања кои ги обработува истражувањето што го спроведоа Метаморфозис и Евротинк со триста студенти од три универзитети. Врз основа на резултатите од истражувањето во кое учествувале студенти од УКИМ, од Универзитетот во Битола и од Универзитетот на Југоисточна Европа, невладиниот сектор ќе излезе со препораки до Бирото за образование и до АВМУ, за тоа како да се подобри медиумската писменост кај младите.

Истражувањето покажува дека тие сакаат да размислуваат критички, но на тест со четири логички прашања кој им бил предочен во истражувачкиот процес, целосно точно одговориле само 1 процент од испитаниците.

„Прашањата не се поврзани ниту со јазикот, ниту пак со некои посебни познавања. Од едно од прашањата се гледа и дека воопшто не се посветиле ниту убаво да го прочитаат прашање, туку само почнале да го читаат. Ако човек го прочита целосно прашањето, ќе сфати веднаш кој е точниот одговор. Тоа зборува и колку всушност младите читаат“, вели Александар Стојановски, постар истражувач во Евротинк.

Тој посочува дека има случаи кога студентите се сомневаат во вистинитоста на информациите кои доаѓаат до нив преку медумите. Истражувањето ги лоцира и причините за нивните сомнежи за лажни вести.

„Имаше случаи кои најчесто ги наведуваат младите да веруваат дека некоја вест е со лажен корен на информацијата, беа излистани и причините поради кои младите најчесто се сомневаат во вистинитоста. Има неколку причини: јазикот на кој е напишана веста, начинот на споделување, изворот на веста, авторитетот на авторот, степенот за субјективност кај медиумот. Пробавме да дознаеме кои се најчестите причини поради кои се сомневаат во вистинитоста на една вест. 58 проценти од испитаниците би го провериле изворот на веста ако истиот е наведен, односно постои хиперлинк или лесен начин да се дојде до истиот. Две третини од испитаниците кажаа дека повеќе би сакале да се посветат на дискусија за некој општествен проблем, отколку на озборување“, појаснува Стојановски.

Истражувањето покажува дека младите најчесто го користат интернетот за информирање. На интернет тие неделно во просек поминуваат по 39 часа. Тринаесет часа неделно во просек трошат гледајќи телевизија, а четири слушајќи радио.

Истражувањето е дел од проектот КриТинк кој е финансиски поддржан од Европската унија. Месецов во рамки на истиот, ќе почне и ново истражување со испитаници од медиумскиот сектор, а во третото истражување ќе биде вклучена општата јавност. Вториот повик во проектот КриТинк наменет за медиуми и граѓански организации ќе биде отворен во јуни. Во рамките на првиот повик пак, почна спроведувањето на проектот „Медиумски писмен граѓанин, за чест без стрес најди ја вистинската вест“, кој претставува плод на соработката на радио Канал 77 и Здружението Медиа плус – Штип.