Граѓаните на Штип бараат осветлени улици

Уличното осветлување е грижа на општината, кое според Законот за локална самоуправа е должна да го поставува и одржува јавното осветлување под што се подразбира изградба и одржување на јавното осветлување.

За тоа кои се потребите на штипјани?

Уличното осветлување е еден од клучните проблеми за граѓаните во Општина Штип. Некои од нив стравуваат да се движат надвор во вечерните часови, бидејќи како што велат, не се чувствуваат безбедно. Надлежните сепак, сметаат дека Штип е една од Општините со најдобро јавно или улично осветлување.

 

Граѓаните сведочат за проблемот со неосветлените улици.

– Тоа што немаме соодветно осветлување пред училиштето ни претставува проблем, особено во зимските денови, кога денот е пократок. Вклучувањето на светилките не е прилагодено на времетраењето на денот. Неодамна ми се случи една незгода, во која си ја повредив ногата од шахта бидејќи не се гледаше доволно. Исто така, слична ваква незгода имаше и друга ученичка истиот ден, поради недоволната јавна осветленост.

Ова се зборовите на седумнаесетгодишна ученичка од средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип. Улицата „Мирче Ацев“, иако е една од главните пешачки артерии кои го спојуваат училиштето со централното градско подрачје, се вбројува во улиците каде има само делумно јавно осветлување.
Законот за локална самоуправа го наведува јавното осветлување како една од надлежностите на општините, а во Штип има улици и кои се делумно осветлени, и такви на кои не се гледа „прст пред око“ во вечерните часови.

Ова не претставува проблем само за младите. Загрижени се и возрасните кои велат дека се чувствуваат небезбедно дури и наутро кога одат на работа. Оние што имаат мали деца пак, стравуваат за нивната безбедност кога се враќаат од училиште по завршувањето на втората смена.

– Јас сум возрасна па сепак се плашам. Сум работела во Германија и таму воопшто не стравував да одам на работа во 4 или 5 часот сабајле. Тука ми е страв, зашто не е проблем само уличното осветлување, има многу работи во градот кои треба да се средат, ни рече една повозрасна штипјанка.

-Треба да се реши проблемот со осветлувањето. Стравуваме за нашите деца. Се враќаат од училиште кога е темно или одат на некои дополнителни активности како на пример, на карате, а во градот се вози и многу брзо па поради тоа мораме постојано да ги испраќаме или пречекуваме нашите деца, изјави една жителка на населбата Сењак.

Од Општина Штип, сепак сметаат дека ова е една од општините во Македонија кои проблемот со јавно осветлување го имаат решено на високо ниво.

– Кога има таков впечаток дека не работи јавното осветлување, би кажала дека само мал број улици кои сега се во изградба не е решен системот на јавно осветлување, значи не се поставени. На сите останати улици јавното осветлување функционира и се трудиме да го држуваме во исправна и функционална состојба“, вели за Канал 77, раководителката на Одделението за комунални дејности при Општина Штип, Соња Китановска.

Според неа, поставувањето на мрежата се улично осветлување се решава системски:

– Значи, при реализација на урбанистички план односно по платени комуналии од страна на граѓани се уредува градежното земјиште, а во уредувањето на градежното земјиште спаѓа водовод, канализација, улица и јавно осветлување. Значи, тогаш се прават постапки, се набавува улична инфраструктура за јавно осветлување и се поставуваат – тоа е за новите улици. Старите улици се решаваат по барање на граѓани доколку има потреба од поставување на нова светилка, рече Китанова.

Познавачите посочуваат дека несоодветното јавно осветлување ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот. Според универзитетскиот професор, Зоран Јошески ова ја намалува видливоста на возачите, кои пак може да не ги забележат потенцијалните препреки:

-На местата каде што нема јавно осветлување, без разлика дали се работи за градски или за вонградски сообраќајници честа е појавата на заслепување на возачите. Имено, покрај намалувањето на видното поле во ноќни услови, друг проблем со кој се соочуваат возачите е заслепување кое се јавува при разминување на две возила, изјави професро Јошески.

Инвестирањето во осветлување на сообраќајниците, едногласни се експертите, може да се врати за кратко време зашто ова го намалува бројот на сообраќајни незгоди а со самото тоа ќе се намалат и последиците.

„Уличното осветлување е во надлежност на општините. За ова општината добива комунален надоместок висината на цената ја одредува Регулаторна комисија. Износот на таксата е унифициран за сите општини и изнесува 140 денари“. Ова е цитат од законот со кој се регулира услугата што гражаните ја добиваат од општината.

Општините ги прибираат тие средства преку сметките за потрошена електрична енергија на дистрибутивната компанија, која потаа и ги префрла парите на општините. Со овие средства општината ја плаќа потрошената електрична енергија, но врши и замена на светилките, одржување на улишното осветлување и поставува нов систем таму каде што треба.

Граѓаните и’ плаќаат на општината комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување. Општината за возврат е должна да ги одржува улиците осветлени.

Доколку недостасуваат светилки или се јави проблем, граѓаните на општина Штип можат да пријават дефект на телефонскиот број 032 22 66 29.

Некои општини како Град Скопје воведоа можност за пријава на дефект или проблем преку интернет, социјалните мрежи и специјален блог да ги пријават своите проблеми и забелешки за осветлувањето на градските. Оваа активност е дел од проектот „Интелигентни алатки за креирање политики” . Бидејќи активни и одговорни граѓани, кои бараат посветена и ефикасна општина се важна алакатка во процесот на на развој на локалната демократија.