Пандев доби карикатура со неговата специфична поза на исчекување аплауз од публиката
Струмица синоќа беше домаќин на „Деновите на маргинализирани уметности“, во чест на афоризмот, сатирата и карикатурата. Во фоајето на Домот на културата „Антон Панов“, пред посетителите беа претставени делата на сатиричарот Јане Атанасов од Кочани, афористичарот Ацо Ѓоргиев од Струмица и на карикатуристот Методи Андонов од Штип.
Разговори за трите уметности, но и грст шеги ја засмејуваа струмичката публика. Карикатуристот Методи Андонов се потсети пред струмичани, дека токму нивниот сограѓанин, покојниот Гоце Арнаусов му се налутил откако неговиот лик го преточил во протрет карикатура.
-Не сакаше да ја земе карикатурата. Беше лут, бидејќи забите му биле нагласени, се присети Андонов.
Сатиричарот Атансов пак, раскажа како на своја кожа ги почувствувал боцките од неговата сатира.
-Напишав една сатира за голиот народ, наспроти богатите политичари и веднаш бев повикан од директорот на државната институција каде тогаш работев, со забелешка како тоа јас, вработен во државна институција, ја критикувам власта, рече Атанасов пред присутните.
Како дел од манифесатацијата „Денови на маргинализирани уметности“, публиката можеше да ја види и изложбата на портрет карикатури на Методи Андонов, со ликови на многу актиелни јавни личности –уметници, новинари, политичари, телевизиски ликови. Додека траеше настанот, Андонов изработи портрет карикатура на еден познат граѓанин на Струмица. Одлуката падна на фудбалерот Горан Пандев.
Во отсуство на познатиот фудбалер, карикатурата ја прими неговиот брат, Сашко Пандев. Фотографијата од карикатурата, преку социјалните мрежи, веднаш отпатува за Италија, кај славниот Пандев. На карикатурата, Андонов го прикажал фудбалерот во дресот број 10 на македонската репрезентација, во неговата славна поза со раката на увото во исчекување на реакција на публиката по неговиот даден гол.
Во текот на вечерта, сатиричарот Атанасов рече дека поголем дел од гранките на уметноста и културата се заборавени и маргинализирани.
– Можеби такво е времето. Имаме две категории луѓе, едните се заинтересирани само за правење пари и профит, а другата категорија, поголемата, за жал, е заинтересирана да закрпи крај со крај, да преживее и културата е поставена некаде во втор, ако не и во трет или петти план, изјави, Јане Атанасов.
Специјализираните весници и пишаните медиуми во својата некогашна форма веќе ги нема, што според карикатуристот Методи Андонов значајно се одрази врз нивната работа.
– Сега дигитализацијата си го прави своето. Нема веќе весници и нема со кого да соработуваш. Јас сум од првата генерација карикатуристи заедно со Дарко Марковиќ, Ѓуро Варга и други. Тоа беше златното време на хуморот и сатирата, рече карикатуристот Андонов.
Сепак, животот на овие уметности во голем дел го диктираат и настаните, кои во град како Струмица, се негуваат. Во родниот град на афористичарот Ѓеоргиев, се одржуваат неколку манифестации, што им дава простор на овие творци.
Манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности“ се одржа во организација на ЗГ „Медиа плус“ од Штип, во рамките на Новиот културен бран на Министерството за културата. Освен во Струмица, ваков настан се одржа и во Штип.