Сатирата, афоризмите и карикатурата денеска на „менито“ на штипјани
За сатирата, афоризмите и карикатурата, денеска се зборуваше во Штип, во рамките на Деновите на маргинализираните уметности, во организација на здружението „Медиа плус“. При тоа, беше поставена и изложба на карикатури на Методи Андонов, специјализиран за портрет карикатури.
Социјалните мрежи ги заменија печатените изданија, каде кажаниот збор во вид на сатира или афоризам некогаш го имаше своето место. Ова е оценката на двајцата творци, афористичарот Ацо Ѓоргиев и неговиот колега и сатиричар Јане Атанасов, кои беа дел од денешната манифестација.
- Предноста на социјалните мрежи е тоа што секој во секое време може да го постира тоа што го создал. Негативноста е што нема селекција на квалитет. Нема можност да се направи селекција на квалитет во литературен израз, а што е за приватно, за во друштво. И другата негативност е што се губи авторството, забелешува Атанасов.
Неговиот колега Ацо Ѓоргиев, пак е на став дека сатирата треба да биде умерена, да не оди во крајности, кога некој може да се најде повреден, но доволно силна за да замисли. За уметностите со кои се занимаваат, вклучувајќи го и хуморот, како што вели, треба да имаат место кај публиката.
-Обичниот граѓанин има потреба малку да се насмеа, да се релаксира, да му даде воља да издржи во тешки моменти, за да може да оди напред во оние места каде каде што сакаме да биде подобро, рече Ѓоргиев.
Манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности“ покрај сатирата и афоризмите ги спои и карикатурите, во случајот, портрет карикатурите на авторот Методи Андонов, пошироко познат по своите дела. И Андонов се сложува дека трите жанрови се дел од маргинализираните уметности и по третамнот од државата и од страна на авторите и публиката. Придобивка се социјалните мрежи, кои ги заменија некогашните специјализирани весници, кои сега ги нема, но, како што вели, тоа не е доволно да дојде до израз нивното творештво.
- Денеска ми е полесно, затоа што преку интернет учествувам на изложби во цел свет. Постојано има светски изложби. Ама сепак, не е тоа тоа, е ставот на Анднов, чии портрет карикатури можеа да се погледнат на изложбата во рамките на овој настан. На изложбата се прикажани 25 карикатури на јавни личности – уметници, политичари, музичари, новинари .
Деновите на маргинализирани уметности продолжуваат идната недела, во Струмица.