Медиа плус со „Денови на маргинализирани уметности“ во Штип и Струмица

Сатирата, афоризмите и портрет карикатурите ќе доминараат на  настаните во Штип и Струмица  во рамките на манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности“ во организација на здружението „Медиа плус“ од Штип. Мотото на настаните е: „Моливот  не е оружје, туку начин на размислување“, на кои ќе се претстават делата на сатиричарот Јане Атанасов од Кочани, афористичарот Ацо Ѓоргиев од Струмица и на карикатуристот Методи Андонов од Штип. Пред присутните, уметниците ќе зборуват за нивната уметност, но и за тоа дали навистина современото време на социјални медиуми ги стави овие уметности на маргините. Дали Твитер и Фејсбук се достојна замена на печатените изданија или отворено поле за нови уметници?

Ова се дел од темите што ги отвораме  во рамки на „Деновите на маргинализирани уметности“ планирани за петок, 12-ти октомври во 12 часот во Радио кафе „Канал 77“ во  Штип и во среда, 17-ти октомври во 19 часот во Домот на култура „Антон Панов“ во Струмица.

На настаните ќе биде отворена и изложбата на портрет карикатури на Методи Андонов. За време на настанот, Андонов ќе изработи портрет карикатура на по еден познат граѓанин на Штип и Струмица, кому делото на крајот од настанот ќе му биде подарена.

Публиката е добредојдена со свои размислувања и ставови.

 

За настанот: „Денови на маргинализирани уметности“ е дел од проектот на Министерството за култура на РМ, „Нов културен бран“ во организација на ЗГ „Медиа плус“ од Штип.

 

За организаторот: Здружението на граѓани МЕДИА ПЛУС од Штип е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи и економкси развој во на територијата на Македонија и пошироко.