Референдумот – огледало на инклузијата на граѓаните со попреченост
Протести, собири, писмени соопштенија…ова се само дел од начините на кои граѓаните со попреченост досега се обидоа да им појаснат на политичарите дека и тие треба да одлучуваат за општествените текови. Дел од бараните законски измени се донесоа, другите се’ уште се со статус кво. Сепак, јасната слика за тоа каква е нивната инклузија во македонското општество ја дава процесот на гласање. Се’ поголемата гласност во јавноста, ги однесе овие граѓани чекор напред – сега тие ќе го набљудуваат гласањето, но процесот повторно ќе заврши без точна евиденција колку од граѓаните со попреченост освен како набљудувачи ќе учествуваат и како гласачи.
Ви честитам слободна, суверена и независна Република Македонија – со овие зборови претседателот, Киро Глигоров го означи крајот на референдумскиот процес во 1991 година и почетокот на новата историја во земјава. По 27 години, електоратот во Република Македонија повторно е исправен пред предизвикот да одлучува за тоа како понатаму ќе се пишува македонската политичка приказна.
Највисока форма на непосредно граѓанско изјаснување или само манифестација на (не)инклузивноста во македонското општество? Претстојниот референдум ќе ги извади на површина и доблестите и слабостите на социјалниот систем во државата, каде осумдесет проценти од гласачките места се непристапни за граѓаните со телесна попреченост. Тие се многу малку информирани за нивното гласачко право и затоа не може да се забележи нивното присуство за време на референдум или избори – покажува искуството на невладиниот сектор. Сепак, колкава е нивната излезност никој не знае точно, бидејќи во институционалниот систем и онака нема Национален регистар за бројот на лица со посебни потреби.
Но, непристапноста до гласачките места, не е единствената пречка на патот кој ги води граѓаните со попреченост до остварување на едно од нивните основни права. Дел од нив не можат да гласаат поради одземена деловна способност. Оние пак, кои се сместени во згрижувачки семејства, не можат да гласаат на гласачко место кое соодветствува на адресата на семејството каде се згрижени.
Сепак, по напорите на граѓанскиот сектор кој ги следи овие прашања, изјаснувањето на македонските граѓани за Договорот со Грција на триесетти септември, ќе го набљудуваат и лица со попреченост. Ова следи откако ДИК го прифати барањето на Здружението „Инклузива“ од Куманово.
„Лани имавме десетина. Оваа година имаме 40 набљудувачи во 18 градови, од кои над 80 проценти се лица со попреченост. Останатиот дел се нивни блиски од семејството. Ако правиме напори за зголемување на учеството, а не вршиме мониторинг нема да имаме информации за она што се случува на терен. Ова е за првпат, нешто ново. Со самото тоа што тие ќе бидат на гласачките места во исто време ќе се подига и јавната свест за нивните можности. Се надеваме дека еден ден ќе видиме лица со попреченост и во општинските совети и во парламентот“, вели претседателката на ова Здружение, Благица Димитровска.
Таа предлага да се направи и таканаречен граничник при потпишување кој ќе го олесни гласањето за лицата со оштетен вид:
„Работиме според универзален дизајн чии алатки може да ги користи и општата популација. Тој граничник ќе се поставува пред секој гласач, е во форма на линијар и колку што е графата за потпис толку ќе биде празно за да не се греши при потпишувањето и ќе служи особено за лицата што имаат некаков вид попреченост“.
Државната комисија освен со статистика за генералната излезност, не располага со друга. Оттаму велат дека немаат законска обврска за тоа, ниту пак досега имало некоја институција или организација која поднела барање за ДИК да направи анализа за излезноста според евентуален вид на попреченост, пол или пак, возраст. Меѓутоа, според граѓанскиот сектор вистината е поинаква. Националниот совет за родова рамноправност составен од стотина женски организации всушност веќе побарал преку заеднички проект да се бележи излезноста на женскиот електорат, но тоа не било дозволено.
„Немаме податок за излезеноста на жените, но бидејќи работиме на терен и излегуваме како набљудувачи ги познаваме и жените. Водиме по сопствен избор евиденција, но не ни е дозволено да ја споделиме. Сме го барале тоа бидејќи долги години сме работеле на излезноста и свесноста, знаеме какви методи сме употребувале, знаеме дека успеавме но не е дозволено да има таква евиденција. Никој нема таква евиденција. ДИК може по листите, но сигурно нема тоа да го прави на околу 1 милион гласачи. Сметам дека треба да има таква евиденција. Го имам ова како податок дека нема, зашто сум го барала. Барав да направиме заеднички проект да ја бележиме излезеноста на жените, но не беше дозволено“, тврди претседателката на Советот, Савка Тодоровска. И покрај тоа што нема прецизна евиденција, искуството покажало дека жените се се’ посвесни за нивното гласачко право како еден од столбовите на секое демократско општество.
„Пасивноста треба да се надмине токму поради позитивниот излез и затоа што еднаш се јавува шансата да се јавне. Тој ќе истрча и нема враќање назад. Убедени сме во свесноста на жените, бидејќи во оние средини каде работиме е на високо ниво, но не сакавме да не дадеме сопствен влог бидејќи досега од своето постоење сме давале влог во секоја важна општествена активност. Жените во руралните средини не се помалку свесни, бидејќи медиумите се еднакво достапни. Имаме широка лепеза на медиумска поставеност, но можеби стереотипноста, поставеноста, обврските, помалата застапеност во политичките партии во руралните средини и даваат покомотна состојба на жената во руралните средини. Тоа е причината поради која сакаме да го обработиме пристапот на жените во руралните средини“, додава Тодоровска.
Во пресрет на референдумот за Договорот од Преспа, се менуваат правилата за можеби и клучниот играч во целиот процес – Државната изборна комисија. Со новото раководство на сцена доаѓаат и новите законски измени според кои, ДИК ќе мора да почне да води евиденција за излезноста од различни аспекти – открива генералниот секретар на Комисијата, Добре Јанчев.
„Toa e дел од измената која треба да се воведе со измените и дополнувањата на Изборниот законик. Ќе се обидеме на претстојниот референдум да пробаме да имаме застапеност барем за половата застапеност. Тоа е наједноставниот статистички податок до кој може да дојдеме. За останатите податоци потребна е анализа како може да дојдеме до нив бидејќи се работи за повеќе податоци и треба да видиме како во иднина би можеле тоа најбезболно да го обезбедиме“, вели Јанчев.
Новото раководство на ДИК уште со самото седнување на фотелјите се соочи со предизвикот за организација на најраспространетата институција на непосредната демократија – референдумот, а веќе е во тек и нивната кампања „Твој глас, твое право“.
На 30 септември може да гласа секое лице кое е запишано во изводот од Избирачкиот список и кое поседува важечки документ за лична идентификација – лична карта или пасош. Не може да гласа лице кое не се наоѓа на изводот од Избирачкиот список, не поседува соодветен документ за идентификација, на десниот палец веќе има УВ мастило, одбие да се потпише на изводот од избирачкиот список, не дозволува да биде обележано со УВ спреј и кое одбива да земе некое од гласачките ливчиња.