Вистинската интеграција на Македонија допрва почнува
Изминатото лето Македонија доби две покани. Едната е од Европската унија, поканата државата да ги почне преговорите во јуни 2019 година, но откако ќе следи целосно спроведување на Спогодбата со Грција. Втората од Самитот на НАТО во јули, е поканата Македонија да стане 30-та членка на Евроатланскиот Сојуз, но откако ќе се имплементира македонско – грчката спогодба. Почетокот на овие процеси тргнува од едно место – референдумот од 30-ти септмври. Во меѓувреме, до каде е Македонија во реформите?
Во едноставен речник, патот до НАТО е краток од оптимална една година, доколку се имплементира македонско-грчката спогодба. Меѓутоа, тој до ЕУ, е подолг, полн со прилагодувања, а при тоа никој не се дрзнува да прогнозира колку би траел. Или поинаку кажано, НАТО е трка со пречки од сто метри, додека тој со ЕУ е маратон. Ова се одговорите од долгогодишните проследувачи на процесот на Евроатланска интергација на Македонија, за која се определило мнозинството граѓани.
Во октомври официјално Европската Комисија(ЕК) го почнува тнр. скрининг процесот во Македонија, кој е техничка операција за подготовка за почеток на преговорите со земјите кандидатки. Скринингот ги подготвува кандидатките за преговорите, но од друга страна и’ дава слика на ЕК за степенот на подготвеност на земјата кандидат. Македонија е ветеран во преговорите, ако се суди според првиот датум кога добила статус на кандидат(2005), но ќе биде добро ако во пристапувањето кон ЕУ влезе во групата на Србија и Црна Гора. Вака размислува Симонида Кацарска, од Институтот за европска политика (ЕПИ).
– Тој процес(скринигот) Македонија го чекаше долго време, барем од 2009 година и покажува ново ниво на посветеност на европските институции на процесот на проширување и специфично за Република Македонија. Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека и во најдобро сценарио, доколку би ги започнале преговорите следната година, процесот на пристапување понатаму е доста долг и ќе бара многу внатрешни реформи, кои што би ја довеле до ниво на исполнување на критериуми за да биде земја членка, оценува Кацарска.
Формални преговори на крај на 2019?
Според Кацарска, ова придвижување следеше по години стагнација и замрзнати преговори, особено во периодот 2015-2017 година поради нерешениот спор за името со Грција. Договорот со Бугарија и Спогодбата со Грција направи значајно придвижување, но ЕУ испорача неколку услови и датум за започнување на преговори во јуни 2019 година. Тоа се целосна имплементација на договорот со Грција и спроведување на реформите во судството, тајните служби и јавната администрација и зајакнување на бробата против корупцијата.
-На краткорочен план она што го очекува ЕУ од нас е до април, покрај спроведувањето на договорот со Грција, е доволно добро досие на борба против корупција и доволно добро досие во реформи во правосудството и јавната администрација, за да може во јуни да добиеме одлука за почеток на преговорите, кои формално би започнале на крајот на 2019 година. Во тој случај не’ очекува уште долг пат на преговори во 35 поглавја во сите области во кои е европското законодавство, вели Кацарска од ЕПИ.
Преговорите – најдобар механизам за притисок на власта
Пред да се случат сите овие процеси, Европската Комисија забележа евидентен напредок во 2017 година, една година откако нотираше дека Македонија е „заробена држава“.Андреја Стојковски, кој е долгодишен проследувач на македонската евроатланска интеграција, смета дека има забележителен напредок во повеќе области, вклучувајќи ја и демократизацијата на општеството.
– Сме во процес што нас ќе не’ натера да бидеме подобри. Забелешките во однос на корупцијата се дека освен основните случаи кои Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги отвори, не се случи ништо повеќе. Тие отворија уште неколку истраги, меѓутоа, не се знае што ќе се случи со истрагите. Ниту со прислушуваните материјали. Дали ќе ги преземе Основното јавно обвинителство? Дали ќе продолжи да се работи понатаму на овие материјали и отворат истраги за злоупотребите што се правеле во минатото и сега?, смета Стојковски.
Тој потсетува дека ЕУ очекува да имаме подобрено законодавство, со месеци нема Антикорупциска комисија, а во јавноста излегоа нови скандали во кои се инволвирани претставници на власта. Факт е, вели Стојковски, дека ниедна власт не имуна на корупција и скандали.
-Ако Македонија ги почне преговорите, а ќе ги почне, преговорите се најдобар механизам кој што создава најголем притисок врз владата и целата државата за усогласување на политиките и стандардите на Европската унија, изјави Стојковски.
[box]Европската унија ,со 28 земји членки и над 500 милиони жители е најмоќната економска сила, која создава 24% од светскиот БДП, 17% од вкупната светска трговија, а во неа е концентрирано 30% од светското знаење. Европскиот пазар има голема апсорпциска моќ. Наспроти тоа, Македонија е мала држава со два милиони жители, со просечен доход од само една третина од европскиот просек, поради што нашите претпријатија не можат да реализираат економија од обем и да бидат конкурентни без ориентација кон единствениот пазар на Европската унија. За ефикасно работење на претпријатијата и за искористување на економија од обем, потребен е пазар од најмалку 10-15 милиони потрошувачи со 2-3 пати поголема куповна моќ од македонската, проценува академик Таки Фити. [/box]
Реформите ја претвораат државата во градилиште
Пристапувањето кон ЕУ и НАТО нема да се случи автоматски, туку е тоа маса на реформи, а државата се претвора во градилиште во доменот на економијата, финасиите, владењето на правото, безбедносните сили, слобода на медиумите. Ваков е сликовиот опис на поранешниот македонски амбасадор во НАТО во Брисел, Нано Ружин. Но, за тоа да се случи, првиот чекор е успешен референдум и стапувањето на сила на Спогодбата со Грција.
-Процедурата на прием во НАТО не е како да ве примат во организација на филателисти или спортско друштво. Тоа е процес. Треба да се изгради систем на шифрирани пораки, разговори, контакти. Тоа е најсилната политичко – безбедносна институција во светот, треба форми на соработка, нови дипломати и во цивилниот и во воениот сектор. Треба многу работи, а тоа бара најмалку една година и затоа сметам дека тоа треба да го оцениме како брз прием, вели Ружин.
Поддршката за НАТО приемот кај македонските граѓани останува стандардно висока. Последните податоци на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од август 2018 година покажаа дека 77% од испитаниците се за влез на Македонија во НАТО.
Евроатланскиот сојуз обединува 29 земји членки со 900 милиони жители. Во овие 69 години од постоењето на сојузот немало војна меѓу земјите членки, сумира професорот Горан Коевски.
-Ниту една земја членка на НАТО се нема распаднато, или во спортски жаргон, ниту една земја не испаднала од прва лига и покрај тоа што понекогаш играла лошо. Има тековна дебата во рамки на НАТО – за проширување и против проширување. Тие што се за проширување, велат дека и малите земји можат да придонесат кон глобалната безбедност, што поради географската локација како Црна Гора, што поради регионалното искуство во справување со безбедносните ситуации, вели Коевски.
Македонија е пред стратешка одлука
Македонија е пред значајни одлуки, детерминирани од една голема, граѓанска, со референдумското изјаснување. Екс амбасадорот Нано Ружин оценува дека од тоа дали ќе биде спроведена спогодбата со Грција, зависи позитивното или негативното сценарио за Македонија.
Негативното сценарио, според него, ќе донесе изолирана Македонија.
-Не само изолирана, туку ќе бидеме третирани како посебна држава, која едноставно нема капацитет. Не го сака НАТО, не ја сака ЕУ. Држава која што ќе ја заборават. Тогаш можни се разни политички манипулации, авторитарни режими, забрана, апсења, политички процеси, медиумски мрак, влијание на странски сили. Со нечленеството во НАТО се отвора простор за други сили кои имаат геополитички и геоекономски интереси, оценува Ружин.
Ова се и пораките на бројни државници, кои изминатите денови ја посетија Македонија, но сепак на крај, крајниот збор ќе го имаат граѓаните, на референдумот.