Мобилниот ресурсен центар во посета на Македонска Каменица – потребна е поголема поддршка за локалните организации и младите
На 6 април 2026 година, тимот на Ресурсниот Центар Штип ги посети локалните организации од Македонска Каменица со цел да ги претстави услугите, можностите и формите на поддршка што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, но и да отвори простор за дискусија за предизвиците, потребите и позитивните примери во развојот на граѓанското општество.
Во текот на средбата беше истакнато дека локалните и помалите организации најчесто функционираат со ограничени човечки, финансиски и организациски капацитети. Во такви услови, тие често гледаат кон поголемите организации, особено оние што имаат можност да делуваат регионално, како кон важни партнери, лидери и извор на поддршка, менторство и поврзување.
Посебно беше нагласена потребата од поголема видливост и промоција на локалните настани и манифестации, како интернационалниот фестивал „Јаков од Камена Река“ и „Бабина баница“, кои имаат значење и надвор од локалната заедница, но добиваат ограничена поддршка. Присутните укажаа дека медиумите ретко известуваат за вакви позитивни локални иницијативи, поради што активностите на граѓанските организации честопати остануваат недоволно видливи за пошироката јавност.
На средбата беше нагласена и потребата од посуштинска и стратешка поддршка од Општината, особено во областа на културата. Иако Општина Македонска Каменица располага со највисок буџет за култура по глава на жител, беше посочено дека средствата често се насочуваат кон краткорочни и комерцијално популарни содржини, наместо кон културни настани и иницијативи што носат долгорочна вредност, меѓународна препознатливост и одржлив развој на локалната културна сцена.
Дополнително, присутните ја истакнаа важноста од поголема поддршка за децата и младите, кои сè почесто ги бараат можностите за развој надвор од својата заедница. Вложувањето во млади таленти – музичари, уметници, креативци и други млади луѓе со потенцијал – може да придонесе не само за нивен личен развој, туку и за нивно задржување, активно вклучување и создавање поквалитетен живот во локалната средина.
Беше посочено дека Општината обезбедува фонд за поддршка на граѓанските организации, како и средства за кофинансирање при аплицирање на европски и други фондови. Сепак, процедурите за пристап до овие средства се доживуваат како долги, административно сложени и недоволно пристапни, што претставува сериозна пречка за помалите организации со ограничени капацитети.
Посетата на Мобилниот ресурсен центар во Македонска Каменица уште еднаш потврди дека локалните организации имаат силна волја и идеи да придонесуваат за развојот на заедницата, но им е потребна поголема институционална и медиумска поддршка. Со соодветна распределба на ресурсите и внимание кон младите и културните настани, може да се постигне значаен развој и поголема видливост на граѓанските организации.
Оваа активност се реализираше во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
