Нејасни и недоволни информации измените на ДУП-овите во Штип не им остава простор на граѓаните за позначајно учество во планирањето

Граѓаните немаат доволно информации за начинот и постапките за измените на Деталните урбанистички планови (ДУП) кои ги засегаат, а често не ни дознаваат кога на јавна расправа е ставен урбанистички план кој се однесува на нивниот реон.

Презентирањето на измените на ДУП-овите се нејасни за граѓаните, без доволно информации. Дури и советниците кои со кревање рака ги донесуваат овие измени немаат јасни и прецизни информации за тоа каде точно се измените и какви ќе изгледаат на терен. Поради тоа, граѓаните со кои разговараше тимот на ЗГ „Медиа плус“ предлага да се направат измени во областа, со попрецизно прикажување на податоците и информациите.

Вториот предлог е формирање на тело од граѓани во кои може да влезат претставници на граѓански организации, кои ќе присуствуваат на седниците на Советот на Општината Штип и на соодветните комисии, а по потреба ќе може да разговараат за појаснување со предлагачите и изготвувачите на материјалите. Потоа, овие информации на едноставен начин ќе ги претставуваат пред граѓаните. На тој начин, ќе се бидат достапни јасни и разбирливи информации за урбанистичките прашања, а граѓаните ќе може полесно да даваат свои предлози и сугестии.

Меѓу дадените предлози, кои се со адреса до централната власт, е законски измени во спроведувањето на јавни расправи за урбанистички измени. Предлогот е да се направи рамка за пошироко информирање со јавни повици, кои ќе имаат пристап до поголема група на граѓани. Задолжително да е споделување на информациите и повиците на социјалните медиуми и интернет страната на општината. Исто така се бара и подолго време за јавна расправа и поедноставен начин на презентирање на измените.

Од одговорите на онлајн прашалникот, доставен до граѓаните на Штип, 83,8% одговориле дека никогаш не биле поканети на јавна расправа или консултација. Доколку бидат поканети, би учествувале, одговорило мнозинството од учесниците.

Ова е и една од забелешките од Државниот завод за ревизија за урбанистичкото планирање во која беше опфатена и Општина Штип.

ДЗР забележува дека согласно законските одредби јавноста се вклучува во фазата пред усвојување на Нацрт планот со тоа што за урбанистичките планови за подрачја и градби од државно значење и генерален урбанистичкиот план се консултира и стручната јавност и се организира јавна презентација со јавна расправа која трае најмалку 30 до 90 дена.

„Повикот траба да се упати преку информацискиот систем е-урбанизам, на веб страната на Министерството за транспорт и врски и општината или општините на чии територии се простира планскиот опфат, електронски или печатни медиуми, како и на официјалните профили на социјалните мрежи на донесувачот на планот. Кај деталните урбанистички планови јавноста се вклучува преку организирање на јавна презентација и јавна анкета, а повикот до учесниците се упатува преку информацискиот систем е-урбанизам, на веб страната на општината, и се огласува на печатени плакати и соопштенија во и околу подрачјето на планскиот опфат. За јавната презентација, јавната расправа и јавната анкета треба да се изготви извештај со образложение за прифатените и не прифатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија, како составен дел на планот, а прифатените забелешки задолжително да се вградат во нацрт планот“.

Ревизорскиот извештај укажува и на изборот на урбанистички планови и проекти на општините кои ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистички планови, донесени од Владата во периодот 2020-2024 година, кој според ДЗР е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик, комисија и критериуми за избор, а средствата кои се предвидени не се доволни за финансирање на сите проекти.

„Од друга страна, недоволната информираност, заинтересираност и начинот на размислување на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни / физички лица со 48% во годишните програми на општините доведува до состојба на преовладување на приватниот над јавниот интерес“.

Во однос на финансирањето на урбанистичките планови, законските одредби предвидуваат заинтересираните физички и правни лица, граѓаните, здруженијата, организациите, институциите и органите на државната управа, да можат да поднесат иницијатива за изработка на нов односно изменување и дополнување на постоен урбанистички план.

Со извршената анализа на годишните програми за изработување на урбанистички планови на општините за периодот 2020-2024 година, ДЗР утврдил дека од вкупно 2.460 планирани детални урбанистички планови, 1.111 се финансирани од приватни лица додека 1.349 се финансирани од страна на општините.

„Ваквата состојба упатува на фактот дека општините немаат доволно финансиски средства за да финансираат изработка на урбанистички планови, а од друга страна законската можност приватни лица да финансираат урбанистички планови или измени на постојните го доведува во прашање јавниот интерес на граѓаните. Во просторот опфатен со урбанистичките планови, јавен интерес е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот. За јавниот интерес треба да се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови. Со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон“, забележуваат ревизорите.

Овие наоди на ДЗР се само поинаква артикулација на ставовите и размислувањата на граѓаните, кои беа опфатени со разговорите на средбите со граѓаните и онлајн прашалникот.

Граѓаните очекуваат локалната власт на Штип, која од неодaмна почна нов мандат, да ги земе во предвид нивните потреби, но и забелешките од извештајот на Државниот завод за ревизија.

Фотографија: ФБ Миле Кокотов