Текстилниот отпад ја гуши Македонија, системско решение сѐ уште нема
Текстилниот отпад станува едно од најбрзо растечките еколошки проблеми во Македонија. Илјадници тони негорливи и тешко разградувачки материјали годишно завршуваат на дивите депонии заедно со другиот отпад, покрај патишта и во коритата на реките, создавајќи сериозен ризик за животната средина и здравјето на граѓаните. Иако земјата е текстилен центар со силна индустриска традиција, системско решение за отпадот речиси и да нема – проблемот расте, а институциите молчат.
Позитивен пример за третирање на текстилниот отпад е Фондацијата за развој на локалната заедница Штип која работи на производство на различен вид на перници изработени од овој вид на отпад. Тие го земаат отпадот од конфекциите, го дробат, сушат и го користат како полнење за овие производи.
Според програмскиот директор на Фондацијата Борис Шарковски, текстилниот отпад подразбира две работи.
„Едната е индустриски отпад кој на конфекциите им останува од кроење, од нивното производство, а другата е отпадот од домаќинствата, тоа е оној од износена облека. Интересно е тоа што од вкупната количина на отпад, 43 проценти е од индустријата, а 57 проценти е отпад од домаќинствата. Тоа значи дека ние создаваме отпад со тоа што фрламе износена облека, отколку што индустријата создава отпад“, вели Шарковски.

Иако домаќинствата и индустријата по закон треба да го селектираат овој вид на отпад, за жал, тоа не се случува.
„Општините имаат многу голема улога бидејќи тие треба да имаат собирни центри за текстилен отпад. Секоја општина над 30 илјади жители мора да има место каде што секој ќе го однесе отпадот, истиот го зема колективен постапувач кој го рециклира или го извезува за рециклирање, или го земаат некои луѓе кои што мислат дека можат да направат производ од текстилниот отпад. Нашата идеја е тоа“, појаснува тој.
Ниту една општина нема отворено собирен центар за текстилен отпад, а во моментов само две се во процедура на отварање. Тоа значи дека целиот текстилен отпад оди заедно со комуналниот отпад и нема процес на селекција.
„Годишно кај нас се создаваат околу 35 илјади тони на текстилен отпад од кои само 6 и пол илјади се официјално евидентирани, тоа се колективните постапувачи. Загрижува фактот што само 5 проценти од отпадот не се фрла на депонија, останатиот се фрла заедно со другиот отпад во депониите. Тоа е проблем поради тоа што најчесто текстилот е синтетика, таа е пластика, а пластиката е нафта, тоа значи дека тој отпад многу лесно може да се запали, а тоа и се случува. Изградбата на регионалните депонии може да го реши проблемот, но најголемиот предизвик е немањето на селекција, а после неа, нема кој да постапува со текстилниот отпад“, рече Шарковски.
Тој е на став дека ова не е евтино решение, но во споредба со штетата што се прави, и не е толку скапо.

Имплементацијата бара пари кои ги немаме
Македонија формално ги има преземено речиси сите европски директиви во делот на управувањето со отпад, но практичната примена на овие обврски сериозно заостанува. Ова го истакнува Филип Иванов, стручно лице за управување со отпад и животна средина, кој предупредува дека државата нема сопствени финансиски капацитети да го изгради системот што Европската Унија го бара.
„Македонија ги има превземено сите европски директиви во делот на управување со отпад, освен новите регулативи од 2024 и 2025 година. Тоа е изразено во извештаите на Европската комисија. Проблем е имплементацијата бидејќи се бараат огромни инвестиции кои што за жал ние ги немаме и се потпираме на европски фондови или кредити од меѓународни финансиски институции и останати грантови што не е доволно се додека не поставиме здрава финансиска основа за да можеме да го развиваме системот, а тоа треба да се постави преку системот „загадувачот плаќа“ и системот „плаќај колку што одлагаш“, вели Иванов.
Во моментов, како што вели, таков систем не функционира.
„Во овој момент тоа не се случува и затоа ние се потпираме на европските фондови“, истакнува Иванов, додавајќи дека зависноста од странски извори го прави секторот нестабилен и развојот непредвидлив. Тој упати и важна порака до јавноста.
„Мора јавноста да разбере дека управувањето со отпад е економска категорија. Средствата со кои ние им го собираме отпадот на граѓаните од пред куќа чинат, и тој систем треба да се одржува и обновува“, рече Иванов.
Приватни компании се јавуваат како посредници
Лиценцирана компанија како „Еко Текс Груп“ се јавува како посредник во целата приказна, односно тие го земаат текстилниот отпад од производителите како што се текстилните компании или граѓаните.
Целта е комуналниот отпад од текстилните компании, бутиците, маркетите, аптеките да не се фрла, поточно да не се меша со другиот вид на отпад, вели Фирус Мемед, управител во колективниот постапувач „Еко Текс Груп“.
„Тоа што е еднобојно се трудиме да го одвоиме, полиестер, памук, синтетика и слично, а она што е различно од она што им треба на рециклаторите, се двои и оди на согорување како енергенс, за топлинска енергија, а другото оди на преработка за рециклажа. Ако истиот тој текстилен отпад се носи во депонијата во Штип, таму на истиот отпад би му требал три пати подолг период да се рециклира таму отколку на овој начин како што треба, како што е правилно. Чадот кој се јавува во депонијата во Штип најчесто се случува поради текстилниот отпад кој гори во депонијата“, изјави Мемед.

Тој откри дека дел од бизнисмените знаат да бидат прилично одбивни по ова прашање.
„Кога на некој бизнисмен ќе му спомнете дека треба да плати за еколошки надоместок, тој веднаш одбива истиот да го плати правдајќи се дека и онака имаат многу трошоци. Преку тој еколошки надоместок што го плаќаат тие што го пуштат во промет, ние ги покриваме трошоците како едукација и амбалажа за отпад. Луѓето веќе треба да разберат дека тоа што не треба и не смее да се меша со комунален отпад треба да се двои, без разлика дали станува збор за батерија, акумулатор или пластика“, рече тој.
Од текстилен отпад до нова шанса: Младите како двигатели на промената
Во време кога текстилниот отпад претставува еден од најбрзорастечките еколошки проблеми во земјава, социјалното претпријатие „Заедно“ од Штип кое спаѓа под Фондацијата за развој на локалната заедница и кое покажува дека решението може да биде и одржливо и општествено корисно.
Креирано со јасна визија да му даде нов живот на отпадниот текстил и нова можност на младите, претпријатието гради модел кој ги спојува екологијата, иновациите и социјалната инклузија. Според Кире Јованов од „Заедно“, младите не се само сведоци на промените – тие се носители на нови идеи, креативност и одговорност кон заедницата.
„Нашето социјално претпријатие е создадено со една јасна визија, а тоа е да се даде нов живот на текстилниот отпад, но истовремено и да се даде нова можност на младите. Веруваме дека младите не се само корисници на промени, туку двигатели на иновации, одржливост и општествен развој. Затоа, преку овој модел им овозможуваме да се вклучат во вистински процес на работа, да учат, да создаваат и да градат чувство на одговорност кон заедницата“, вели Јованов.
Работата започнува со превземање на текстилниот отпад од компаниите што им дозволиле да постават контејнери за текстилен отпад околу нивните погони, тие материјали потоа се носат кај нив каде што следи првата клучна фаза, а тоа е селекцијата.
„Секој материјал се дели по вид, квалитет и состојба се со цел понатаму да може правилно да се употреби. По селекцијата, следи ситнењето. Токму во оваа фаза, текстилниот отпад се претвора во меко еднолично полнење што подоцна се користи за финалните производи. Потоа дизајнираме перници, lazy bags и кревети за миленичиња кои понатаму се полнат со текстилниот отпад. Младите учат како да комбинираат материјали, да планираат полнење, да создаваат производи кои се едновремено корисни, но убави и одржливи. Секој чекор е внимателно планиран, со посветеност на деталите и креативноста“, рече Јованов.

Нивните производи се полнат со текстилен отпад и имаат социјална и еколошка вредност. Тие помагаат на младите да стекнат искуство и да ја зачуваат животната средина.
„Секој производ што го трансформираме е доказ дека од отпад може да се создаде можност, а младите се тие што ја движат оваа промена“, објаснува Јованов.
Текстилниот отпад во Македонија останува сериозен и сѐ поголем еколошки предизвик, задлабочен од недоволната селекција, нефункционалниот систем за управување со отпад и ограничените финансиски ресурси. Иако правната рамка е усогласена со европските стандарди, имплементацијата речиси целосно зависи од странска поддршка, што го прави процесот бавен и нестабилен. Недостигот од собирни центри, ниската свест, бирократските пречки и економските интереси дополнително ја влошуваат состојбата. Македонија може значително да го подобри системот, но само ако институциите, граѓаните, бизнис секторот и локалните заедници работат заедно.
(К.Т.)
Активноста е дел од Проектот „Граѓаните и медиумите го „озеленуваат Поглавјето 27″ е финансиран од ЕУ, спроведуван од „Евротинк„ во партнерство со АЛДА и БИРЦ. Ставовите на Медиа Плус и партнерот Радио Канал 77 не се одговорност на донаторите. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на ЕУ, Евротинк, АЛДА и БИРЦ.
