Проектот Мечкуевци на пауза, отпадот во офанзива
Едни депонии се затвараат, други – диви, ги создаваат граѓаните со својот нееколошки однос. Ваква е констатацијата од институциите и претпртијатијата чија грижа е изнесувањето на отпад во Источниот регион. Граѓаните и граѓанските организации пак, сметаат дека нема доволно организирани напори во подигнувањето на јавната свест за отпадот, поради што ѓубре се фрла насекаде.
Во источниот регион бавното темпо на реализација на регионалната депонија кај Свети Николе ја влошуваат сликата за животната средина. Не се рециклира, ниту селектира, со мали индивидуални исклучоци. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија од 4 неомври, се забележува дека имплементацијата на циркуларната економија стагнира.
„Ограничената свест и знаење на засегнатите страни, недоволните финансиски средства и ограничувањата во инфраструктурата продолжуваат да бидат главни предизвици“. (Извештај на ЕК за С.Македонија).

Претставниците на граѓанските организации од регионот се сложуваат дека отпадот станува проблем. Организациите кои работат на еколошки теми истакнуваат дека регионалната депонија во Мечкуевци кај Свети Николе треба да биде современ центар за третман и рециклирање на отпад, кој ќе ги затвори сите постојни депонии и ќе го намали загадувањето. Но, проектот повеќе од десет години се влече поради политички несогласувања, слаба координација и законски пречки.
„Луѓето немаат претстава што значи регионална депонија. Мислат дека тоа е само куп ѓубре, а всушност се работи за контролирано и безбедно место каде отпадот се третира на еколошки начин,“ вели Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување.
Нема депонија која не чади
Според Деолска, проблем е што градските депонии често се палат, а со тоа и загадуваат. Иако беше најавено затворање на депониите и носење на отпадот, одлагањето на изградбата на современиот центар за третман на отпадот кај Свети Николе ја усложнува сликата во регионот.
„Имаме нестандардна градска депонија каде од страна на домаќинствата целиот отпад се депонира таму. За време на летниот период како што се случува и во многу други градови, депонијата се пали и претставува голем извор на загадување. Постои и друга депонија која што и од општината е одредена, тоа е депонија од градежен шут, не е дива депонија, туку е со намена за градежен отпад. Проблемот е што тука завршува и друг отпад, не само градежен. Тоа се наоѓа на патот кој води до туристичката населба Абланица и во близина на еден многу убав манастир каде луѓе пешачат и спортуваат, го објасни Деолска начинот на третман на отпадот во туристичко Берово.

Депонија во чад/ фото: Тони Ајтовски
Во Кочани состојбата не е ништо подобра – градската депонија го прима отпадот и од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево, што ги зголемува количините за речиси 50 отсто.
„Нивните депонии се затворени, а отпадот се префрли кај нас и се проценува дека количините на отпадот се зголемени за околу 50 отсто. Како трајно решение се гледа дислокација на оваа депонија и отворање на регионалната фабрика која треба да се отвори во Мечкуевци кај Свети Николе. Сепак, се наидува на отпор од страна на градоначалникот на Свети Николе Дејан Владев кој се изјасни против локацијата, а има незадоволство и од жителите на Мечкуевци кои не сакаат регионалната депонија, односно фабрика да биде таму, со што процесите се пролонгирани и тендерот веќе неколку пати е одложен поради тие причини“, изјави Ана Симонова од здружението „Грин Орг“.
Бавен напредок на регионалната депонија
Регионалната депонија, проект на кој се работи веќе 16 години се најавува како трајно решение, но во пракса се покажа дека е со бавен напредок.
Дополнителен проблем е и финансискиот товар – според извештајот на Државниот завод за ревизија, проектот веќе е поскапен за 40 отсто поради доцнење со изградбата. Наместо 85% европско финансирање, државата сега ќе мора да покрие дури 65% од трошоците.
Вкупната вредност на проектот изнесува 48,4 милиони евра, но доколку третата фаза не се реализира до 2026 година, постои ризик Македонија да ги изгуби европските грант средства.
„Треба да се работи на културата на народот и свеста за животната средина. Без тоа, и најсовремената депонија нема да помогне,“ заклучува Симонова.
Додека институциите и општините ги префрлаат одговорностите, отпадот се трупа, депониите во источниот регион растат – симбол на бавната транзиција од отпад кон одржливост.
Казните не се реално решение, велат активистите, туку на граѓаните прво треба да им се овозможи едукација. Оваа едукација треба да почне уште од градинка по пример на некои развиени земји како Јапонија, па потоа институциите нема да имаат проблем со отпадот. Како лош пример го истакнуваат виничкото село Градец, каде јавното претпртијатие ставило контејнер, но жителите пак го фрлаат отпадот во реката.
Дали високите казни можат да го прешат проблемот со отпадот?

Има и такви граѓани, кои се самокритични и велат дека треба да поработи на еколошката свест, а во тоа најдобро помагаат казните. Ова е ставот на Горан Петровски, делчевчанец, кој укажува и на слабите капацитети на општинските инспекциски служби.
„Со локални инспектори нема да постигнеме ни со институциите на локално ниво. Колку помала општина, толку потешко се решаваат проблемите. Големите општини имаат и капацитети во луѓе, во финанси, во инфраструктура да ги решат. Малите општини… се’ тоа е заглавено.Постапките ни се долготрајни, сложени и кога се има пари, а пак кога се нема пари, е уште потешко. Ама во основа, инспекторатите треба да почнат да казнуваат. Нашиот поглед на Европска Унија е дека таму има чисти градови, има ред, има дисциплина, а пак не ни се допаѓа влезат во Европска Унија во смисла на тоа дека еве ќе ни става ред некој од Европска Унија или исполнување на Директивите. Мое размислување – ние ги прифативме целите и идејите на Европската Унија, но капацитетите наши и лични, и морални, и едукативни, и финансиски се многу ниски во однос на Европска Унија. Ниски се и на институциите, ниски се и на граѓаните, вели Петровски.
Затоа, ставот е дека некој ќе треба граѓаните да ги едуцира, особено во делот на рециклирањето и селекцијата. Сепак, некои од граѓаните нашле начин сами да се справуваат со отпадот. Еден од нив е Фиданчо Христов од Здружение „Аронија“ од Делчево, кој го практикува системот на пермакултура во производство на градинарски култури. Тоа е производство на биохрана преку целата година, базирано на искористување на растетениот отпад. Не се копа, не се ора, туку се сади во компост од отпад од храна.
„Опкружени сме со голем број на ресурси, природата ни дава се’, само треба да го искористиме тоа и да го ставиме во директно компостирање на пермо моделите, каде се распаѓа растителниот остаток. Има секакви хранивни материи, трева, во домашниот растителен отпад, без зејтин, без хемиски загадувачи, се’ е чисто. На пример, лубеница, корки од дињи, од пиперки. И го ставаш во пермамоделот, тој се распаѓа, Ставаш трева и после три години се ствара биохумус во земјата и после директно се сади. Ова е еден начин на производство на храна кој може секое семејство да го направи во дворот, да има 2-3 пермамодели околу 3 метри и така да го рециклират својот растителен отпад, кој ќе се да се намалува и се произведува храна“, објаснува Христов.
Неговото искуство засега ретко кој го следи. Младите од Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип, деновиве ги прават подготовките да го инсталираат првиот пермамодел за компостирање и потоа производство на храна. За таа намена општината Штип им отстапи старо напуштено училиште во околината на градот. Ќе учат од искуството на Христов, кој истакнува дека неопходна е соработка од институциите, пред се’ од комуналните претпријатија, кои ќе создадат предуслови да почне компостирањето.
„Тоа значи на секое семејство да се даде канта за растителен отпад и Комуналното претрпијатие да го собира со посебно возило, тоа да биде само наменено за таа цел, и истото да се носи во одредена локација, каде после година-две ќе се производува биохумус, кој има можност да се употреби во комунални претпријатија во одгледувањето на цвеќиња, и па можно е од тоа да се направи бизнес, да се вработат 20-30 луѓе, да се пакува и да се продава на други комунални претпријатија, каде што немаат или да се разменува за одредени услуги и да се продава и на граѓаните“, вели Христов.
Директиви и поминати рокови
Пред институциите и граѓаните се обврските преземени од Европската рамковна Директива за управување со отпад, која ги поставува основните начела за отпадот. Таа определува отпадот да се управува: без загрозување на здравјето на луѓето и оштетување на животната средина без ризик за водата, воздухот, почвата, растенијата или животните без да се предизвика непријатност преку бучава или мириси и без негативно влијание врз природата и заштитените подрачја. Со преземањето на обврските од оваа Директива пред земјата се неколку цели, чии рокови течат а за една рокот одамна е изминат.
Македонија се обврзала до 2020 година преработка од 70 отсто од отпадот по тежина, вклучувајќи подготовка за повторна употреба, рециклирање и друга преработка на материјали за сиот неопасен градежен отпад и шут.
Пред нас останува обврската са се фати рокот за подготовка за повторна употреба и рециклирањето на комуналниот отпад, што треба да се зголеми на минимум 55%, 60% и 65% по тежина до 2025, 2030 и 2035 година.
К.Т-В.К.
Проектот „Граѓаните и медиумите го „озеленуваат“ Поглавјето 27“ е финансиран од ЕУ, спроведуван од „Евротинк„ во партнерство со АЛДА и БИРЦ. Ставовите на Медиа Плус и партнерот Радио Канал 77 не се одговорност на донаторите. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на ЕУ, Евротинк, АЛДА
