Од отпадот може да се заработува, но засега е само трошок за граѓаните и општините

Во текот на неколкуте средби со заедницата што ги одржа Здружението Медиа плус, впечатокот е дека различен е степенот на подготовка на општините во Источниот регин за организирано справување со отпадот и можностите за тоа.  Различни се можностите и капацитетите на јавните претпријатија, во чија надлежност е изнесувањето на отпадот, во зависност од големината на општината. На пример, малата општина Зрновци изнесувањето на отпадот го организира преку јавно претпртијатие со само 5 вработени и еден камион додека најголемото комунално претпријатие – „Исар“ од Штип, кое само во секторот Комунална хигиена има 67 вработени.

Општина Штип

Претпртијатието има 14 специјализирани камиони и четири трактори за изнесување на отпад со кои опслужува 15.500 домаќинства и 1256 правни субјекти и јавни институции. Во штипски „Исар“ работат 285 вработени, а според Програмата за работа за 2025 година, секторот Комунална хигена кој ги врши дејностите собирање, транспортирање и депонирање на комуналниот отпад вработува 67 вработени. Од својата дејност заработува 73,4 милиони денари, но има и расходи од 71,9 милиони денари. Меѓутоа, над половина од општинските коминални претпријатија во источниот регион припаѓаат на групата на должници. Најалармантно е во ЈКП „Комуналец“ од Кочани, каде долгот е 3 милиони евра, а во две годни се сменија шест директори. Како е по одделни општини?

Општина Зрновци

Депонијата во општина Зрновци е затворена и санирана, отпадот се носи во Кочани, но општината има само едно компактно возило. Општината побарала уште едно специјализирано возило од Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање, но не им одговориле позитивно. По затворањето на депонијата, нема диви депонии, но има ѓубришта. Нема доволно комунални работници, а  комуналното претпријатие има само 5 вработени. Во соработка со колективните постапувачи,  се собира пластика, текстил и стакло.

Општина Чешиново – Облешево

Во другата мала општина во кочанскиот регион, Чешиново – Облешево, комуналното претпријатие има само едно возило, кое постојано се расипува,а комбинаран отпад се остава на една депонија. Од општината велат дека и покрај тоа што има ставено известување за граѓаните да не фрлаат, по делови од населените места има многу крупен отпад што не може да се собере. Останува навиката кај жителите да фрлаат по реката, па во водите и по коритото може да се најдат стари кревети, електроника и друга покуќнина. Понекогаш текстилот и мебелот се палат по дворовите.

Општина Кочани

За разлика од останатите градови, во Кочани  на неколку локации ставени подземни контејнери, од кои не се расфрла отпадот, но при дефект нема кој да ги сервисира. Од општината истакнуваат дека недостасува менаџирање на луѓе и механизација. Забележуваат на регионалното управување со отпад, дека регионот е жртва на избрзани решенија и планови по обратен ред. Наместо прво да се изгради регионалната депонија и потоа да се пристапи кон затворање на градските депонии, се случија фази по обратен ред.

Депонија Кочани

Општина Берово

Во Берово и понатаму постојат две депонии – една градска, која во летните месеци често се пали и предизвикува загадување, и една за градежен шут, која се користи и за друг вид отпад. Општината располага со 6  камиони, трактор и булдожер. Кабест отпад се собира два пати годишно, постои пункт за електричен отпад,а „Пакомак“ има поставено посебни садови за селекција на отпад. Постои склучен договор помеѓу комуналното претпријатие и „Пакомак“, додека за собраната количина отпад „Пакомак“ дава канти за ѓубре. Текстилниот отпад се враќа на царина, медицинскиот отпад е по посебен третман, а градежниот шут има локација која треба да се пополни па исто нема некој посебен проблем. Останува проблемот со гуми и други високо загаувачки материјали за кои е потребен лиценциран постапувач.

Сепак, од општината истануваат дека локалната самоуправа сериозно вложува во инфраструктурата и во подигнување на свеста на граѓаните. Ова е општина која извојува субвенции за собраните пластични шишиња, која е по 2,5 денари од шише, што е стимулативно дури и за жителите на другите општни кои ја носат пластиката за рециклирање. Сепак, електронскиот отпад често завршува во несоодветни садови.

Општина Македонска Каменица

Јавното претпријатие „Камена река“ е задолжено ја одржување на јавната чистотата, а се прават повеќе акции во текот на годината за отстранување на дивите депони што се создаваат. Проблем е градската депонија која се наоѓа на магистралниот пат Делчево Македонска Каменица, што според проектот за регионалната депонија, треба да се затвори. На овој простор се планира и претоварна станица меѓу двата града.

Депонија Трештена скала – Штип

Општините реагираат на нерасчистени односи во депонирањето на отпад.Некои од градските депонии се преполни, а реакциите се дека во некои општински депонии не постои капацитет да се прифаќа отпадот и од другите општини. Општинарите не го знаат рокот за изградбата на регионалната депонија.

Многу малку или минимално општините издвојуваат средства за едукација за селектирање на отпад, компостација,и подршка на зелени идеи а воопшто не се објаснува процесот на граѓанството.

Од консултациите со граѓанските активисти и општинските претставници, ставот е дека општинските комунални претпртијатија немаат доволно ресурси да ги опслужуваат депониите, кои не се одржуваат соодветно и навремено поради немање на механизација и средства за нивно одржување. Нивниот став е дека од досегашното искуство депониите  не се палат сами, па често за да се заштеди на механизација, депониите се палат ноќе. Недостасува координација меѓу институциите во врска со отпадот, проблем е и што инертниот отпад во повеќето градови, завршува на депонијата.

Да се плаќа по депониран и преработен отпад

Најава од заедничкото јавно претпријатие е дека општините ќе плаќаат од депониран и преработен тон отпад, односно пред неговото прифаќање во региониот центар за преработка, отпадот прво ќе се мери. Општините ќе имаат интерес што повеќе да се селектира, бидејќи ќе има помалку отпад и помалку ќе плаќаат за неговата преработка. Исто така, неопходно е да има што повеќе постапувачи со колективен отпад, кои ќе имаат работна задача да одат по општините и да ги празнат кантите со селектиран отпад. Овие компании ќе имаат интерес да работат по општините, бидејќи ќе заработуваат од продажбата на тој отпад што ќе се рециклира. Во иднина цената на услугите за собирање на отпад ќе ја определува Регулаторната комисија за енергетика, а не општинските Совети, како до сега.

Факти од мониторингот на управување со отпад

Монтирингот на досегашните активности, имплементиран преку проектот на ЕУ, СЕНЕ 3, покажува дека во моментов, во Источниот регион, има 11 депонии кои не се во согласност со стандардите и 71 дива депонија (нивното затворање и рехабилитација е во подготовка), додека во Североисточниот регион има 5 депонии кои не се според стандардите и 36 диви депонии. Приближно 86% од вкупниот генериран комунален отпад се собира преку организирани служби за собирање.

Идентификувани се повеќе недостатоци: Значителен број граѓани, особено во руралните подрачја, остануваат без организирани служби за собирање отпад, што резултира со неконтролирано фрлање отпад; Собирањето на отпадот главно го вршат општински/комунални претпријатија, кои користат прилично стара и недоволна опрема; Нема организирано одделно собирање на отпад кој може да се рециклира, што би го олеснило рециклирањето и повторното користење; Нема систем за одделно собирање на посебни видови отпад, како што се гуми, текстил, отпадни возила, масла; Нема организирана мрежа на претоварни станици кои би го намалиле трошокот за транспорт на отпадот; Селективното собирање не е имплементирано, освен некои мали иницијативи (во Штип), што е спротивно на целите наметнати од законодавството и националните и регионалните планови за управување со отпад; Постоечката опрема и возила се стари и недоволни.

Рокови за управување со отпад (Извор: СЕНЕ 3)

Нема организиран систем за рециклирање на отпад, освен некои иницијативи на неформалниот сектор или спроведување на неколку мали проекти; Нема објекти чија дејност е селекција на отпад (објекти за рециклирање на материјали), а само неколку компании се активни во некаков вид на рециклирачки бизнис, главно за хартија и пластика. Тековната состојба на сите комунални депонии не ги исполнува меѓународните стандарди (пр., недостаток на објекти за третман на исцедок и биогас, недостаток на соодветна подлога и сл.); Отпадот се депонира и на места за отпад (постојат повеќе од 100 во двата региони); Постои висок ризик од загадување на површинските и подземните води и атмосферата поради распрснување на нетретиран исцедок и биогас, стои во мониторингот на СЕНЕ 3.

Во меѓувреме, течат роковите што државата ги има преземено преку усвоените директиви. Со оваа динамика на прилагодување, не само што нема да се достигнат роковите, туку ќе се доцни со години во преземените обврски.

В.К.

Проектот „Граѓаните и медиумите го „озеленуваат“ Поглавјето 27“ е финансиран од ЕУ, спроведуван од „Евротинк„ во партнерство со АЛДА и БИРЦ. Ставовите на Медиа Плус и партнерот Радио Канал 77 не се одговорност на донаторите. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на ЕУ, Евротинк, АЛДА и БИРЦ.