Регионалната депонија во Мечкуевци – модерно решение со локални пречки
Иако изградбата на депонијата кај Мечкуевци се наоѓа во најнапредна фаза во споредба со останатите региони, процесот не минува без проблеми. Министерството за животна средина, кое е носител на проектот, се соочува со недоволен број квалификувани компании пријавени на тендерите за изградба, како и со отпор од страна на локалната власт и жителите на Свети Николе. Тие се противат на локацијата во Мечкуевци, стравувајќи дека отпадот нема да биде правилно третиран и дека проектот може да предизвика еколошки ризици за нивната околина.
Сепак, властите уверуваат дека сите активности ќе се спроведуваат во согласност со европските стандарди за заштита на животната средина, а во целиот процес ќе бидат вклучени и јавните комунални претпријатија од општините кои ќе имаат клучна улога во собирањето и транспортот на отпадот до регионалниот центар.
Во 2023 година беше формирано и Јавното претпријатие за регионално управување со отпад „Еко Исток-Североисток“ кое треба да треба опслужи околу 370.000 жители во овие два региона.
Според директорот на ова претпријатие Драган Чунгурски, сите општини ќе треба да депонираат отпад на оваа локација, старите депонии каде што сега моментално депонираат и одлагаат смет ќе бидат затворени, ќе останат шест претоварни станици и од таму тој смет од сите општини ќе се носи во фабриката за преработка.
„Ова е еден напреден, европски систем. Претпријатието заедно со уште една странска компанија работи на подигање на јавната свест. Периодов се одржуваат обуки за претставници од општини, во делот на животна средина и јавните комунилани претпријатија“, вели Чунгурски.
Тој додава дека луѓето не се доволно запознаени со тоа што значи стандардизирана регионална депонија и дека за нив зборот депонија значи дека на едно место се пали отпад на отворено и се загадува.
„Станува збор за еден модерен, затворен систем каде што воопшто и тој отпад што таму ќе се носи нема да се гледа и мислам дека луѓето точно не знаат за што се работи. Апелираме до невладините организации да ни помогнат во подигнување на јавната свест се со цел луѓето од двата региона да го видат бенефитот од регионалната депонија“, објаснува тој.

Се чека на избор на најповолен изведувач
Како што информира Емил Василев, координатор за регионален развој при Источниот плански регион, во моментов се работи на изготвување на нова тендерска документација за избор на изведувач.
„Изградбата на регионалната депонија е во фаза на подготовка на тендерска документација. Имаше еден тендер кој беше неуспешен, беше поништен, и сега се изготвува нова тендерска документација. Очекуваме во текот на следната година да биде завршена целата постапка и да се избере најповолниот изведувач кој ќе започне со изградба на депонијата и претоварните станици,“ изјави Василев.
Тој додава дека иако очекувале градежните активности веќе да започнат, процесот се одложил поради недостаток на соодветни понуди од заинтересирани компании.
„Очекувавме веќе да се работи на тоа, но бидејќи немаше поволни понудувачи, постапката се одложи. Имаше повеќе диви депонии во Источниот и Североисточниот плански регион, но сите тие веќе се затворени. Во однос на нестандардните депонии, има неколку кои се во фаза на затворање и кои до крајот на годината треба да бидат затворени. Такви се четири или пет. Потоа ќе останат уште неколку кои во текот на наредната година ќе бидат затворени, по прибавување на потребната документација,“ објаснува Василев.
Според него, преку новиот План за управување со отпадот, ќе бидат точно дефинирани задачите на јавните претпријатија и општините, кои ќе имаат клучна улога во собирањето и транспортот на отпадот кон регионалната фабрика во Мечкуевци.
Селекцијата на отпад ќе почне од домовите
Кога ќе биде изградена регионалната депонија во Мечкуевци и шесте претоварни станици што ќе ја опслужуваат, системот за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот плански регион целосно ќе се промени.
Во иднина, граѓаните ќе треба да го селектираат отпадот уште во своите домови, а јавните комунални претпријатија ќе имаат обврска да го собираат одделно и да го транспортираат до претоварните станици.

Како што објаснува Игор Спасовски, директор на Јавното претпријатие „Солидарност“ од Виница, новиот систем предвидува воведување две канти или контејнери за секое домаќинство — една за мешан, а друга за селектиран отпад.
„Кога ќе бидат изградени регионалната депонија и трансфер станиците, ние како јавни комунални претпријатија од овие два региона ќе добиеме по две канти од 120 литри или пак контејнери во зависност од потребите на општините. Во едната канта ќе биде мешан отпад, а во другата која ќе биде во боја, ќе се става селектираниот отпад. Ќе имаме примарна селекција уште во домовите на нашите корисници,“ вели Спасовски.
Отпадот ќе се собира според утврден распоред. Еден ден од неделата ќе се подига мешаниот отпад, а во друг ден — селектираниот.
„Ние како претпријатија во одреден ден од неделата ќе го собираме мешаниот отпад, додека во друг ден ќе поминува возило кое ќе го собира селектираниот отпад во посебен камион. Комуналниот отпад потоа ќе го носиме до претоварните станици. Отпадот од општините Виница, Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци ќе го носиме во претоварните станици, каде што ќе биде мерен, а потоа трансфериран во депонијата во Свети Николе. Таму ќе има секундарна селекција — мешаниот отпад повторно ќе се селектира додека граѓаните не се навикнат на правилно одвојување,“ додава Спасовски.
За услугата што ќе ја врши регионалното јавно претпријатие, локалните комунални претпријатија ќе плаќаат одреден надомест, кој ќе биде вклучен во цената на услугата што ја плаќаат граѓаните.
Освен инфраструктурните подготовки, се планира и едукација на населението за начинот на одвојување на отпадот.
„Планирано е да се изврши обука на населението на кој начин да се врши селекцијата на отпадот, бидејќи луѓето кај нас не се навикнати на тоа. Во Источниот регион веќе започнавме со собирање на одредени типови на отпад како електронски, стакло, амбалажа, пластика и хартија, а најново е и собирањето на отпаден текстил,“ истакнува Спасовски.

Според него, со поставување на новите садови пред секој дом, граѓаните конечно ќе добијат можност да селектираат, што ќе придонесе кон почиста средина и поефикасно управување со отпадот.
„Садовите кои сега ги имаме не се доволни за луѓето да почнат да вршат селекција. Кога пред секој дом ќе поставиме соодветен сад, тогаш верувам дека луѓето ќе почнат да селектираат отпад,“ додава Спасовски.
Сите споменати процеси одамна требаше да бидат започнати. Ова го нотира и најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија каде без заобикулување се оценува: „Не е постигнат опиплив напредок во североисточниот и источниот регион, и покрај обезбедената значителна финансиска помош. Процесот сè уште е засегнат од недостаток на посветеност од локалните власти, како и од слабите меѓуинституционални односи и донесување одлуки“, пишува во Извештајот.
Кристијан Трајчов
Проектот „Граѓаните и медиумите го „озеленуваат“ Поглавјето 27“ е финансиран од ЕУ, спроведуван од „Евротинк„ во партнерство со АЛДА и БИРЦ. Ставовите на Медиа Плус и партнерот Радио Канал 77 не се одговорност на донаторите. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на ЕУ, Евротинк, АЛДА и БИРЦ.
