Изградбата на депонијата во Свети Николе ќе чини 40 отсто повеќе од предвиденото, но дали ќе стартува догодина?

ЗГ Медиа плус започнува со објавување на серија текстови и прилози на теми од пристапниот процес и напредокот во Поглавјето 27, од аспект на потребите и истакнатиот интерес на граѓаните во текот на средбите со заедницата. Го анализираме регионалното управување со отпад и ЕУ директивите во областа, како и проблемите и предизвиците што произлегуваат за забавеното спроведување на проектот за регионално управување со отпад финансиран од европските фондови.

Додека Скопје гореше обвиткано со реата на несобраното ѓубре, сега постизборно оковано во смет, источно, се чека да завршат административните постапки пред да почне изграбата на регионалната депонија за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. Проектот стар 16 години, повеќе од една година стои на распишување и спроведување на јавната набавка за фирма која треба да ја гради постројката.

На почетокот од октомври пропадна уште еден меѓународен тендер поради мал интерес од компаниите. Тоа значи дека трошење на уште најмалку уште неколку месеци за нов тендер. За неодамна пропаднатата јавна набавка една година се чекаше само на одобрување на набавката да биде распишана.

Поеќе две години се лицитира со различни датуми кога ќе почнат градежните работи, додека во меѓувреме се полнат постоечките градски ѓубришта, кои според проектот финансиран од Европската Унија, одамна требаше да бидат затворените, уредени и  конзервирани. Најновиот датум за почеток на градежните работи на терен во светиниколското село Мечкуевци беше првата половина на 2026 година. Ова го потврдува Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање за Канал77.

Местото каде треба да се гради постројката за преработка на отпад кај Свети Николе

„Обезбедени се доволно финансиски средства и нема да има проблеми за реализација на проектот, бидејќи извршивме и пренамена на одредени средства каде што беше потребно,“ истакнува Каранфилова Мазневска.

За регионалната депонија која е најавена дека ќе работи според европските стандарди, обезбедени се 40 милиони евра, грант од Европската унија Програмата за акција за животна средина и клима (2014-2020). Оваа регионална депонија е планирано да опслужува 370.000 жители од 18 општини од Источниот и од Североисточниот регион со капацитети за селектирање и преработка на речиси 100.000 тони отпад годишно. Постројката ќе има посебни погони за рециклирање на метален отпад, отпад од хартија, пластика, стакло, додека градинарски отпад ќе се компостира и потоа ќе се користи како ѓубриво. Од целиот процес ќе се изолира и биогас како енергенс.

Постројка за преработка на отпад во Словенија

Проектот почна, но од обратна страна

Овој комплексен проект не го чини само постројката за преработка, туку во буџетот се предвидени активности за конзервирање на постоечките градски депонии, набавка на камиони и друга опрема за собирање на отпад. Опремата одамна е набавена, па дури и амортизирана, додека се чека почетокот на градежните работи на регионалната депонија. Ќе се работи и на изградба на претоварни станици.

Каранфилова Мазневска од МЖСПП вели дека во Источниот регион повеќето ѓубришта се затворени, а само неколку нестандардни локации се користат привремено.

„По изградбата на регионалната депонија, и тие ќе бидат целосно затворени. Во проектот се опфатени сите општини од Источниот и Североисточниот регион, како и Свети Николе. Паралелно, во тек се постапки и за другите регионални депонии,“ додаде Каранфилова Мазневска.

Депонијата во Кочани, каде во текот на ноември минатата година имаше 18 дневна блокада од граѓаните по повеќенеделно чадење, е прва на листата за конзервирање. Меѓутоа, доцнењето на работите ги поместува и овие планови. Трупањето на ѓубрето и палењето на депониите предизвика отпор и загриженост кај граѓаните, што според Каранфиловска Мазнева се должи на недоволната информираност.

Фото: Кочанчани на блокада пред депонијата кај Бели

„Сосема разбирливо е што постои отпор, но тоа се должи најмногу на недоволната информираност. Луѓето мора да веруваат дека депонијата ќе функционира по сите стандарди и истовремено ќе имаат право на контрола преку јавното регионално претпријатие кое ќе го управува системот. Прво ќе ја изградиме депонијата, а потоа кога ќе почне да работи, граѓаните ќе имаат право да реагираат, е ставот на Каранфилова Мазневска, која смета дека мора да се подигне свеста кај населението за животната средина.

Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад и треба да има кампања за начинот на кој домаќинствата ќе рецеклираат отпадот.

„Мора да се подигне свеста кај населението. Сите држави низ кои поминал ваков процес имале слични реакции на почетокот. Затоа е потребна континуирана едукација, вклучување во образованието и масовни кампањи. На крајот, граѓаните мора да сфатат дека се работи за нашиот отпад, ние го создаваме и наша обврска е да најдеме современо и одржливо решение,“ заклучи Каранфилова Мазневска.

Недоволна информираност

Сепак недоволната информираност не е проблем само за граѓаните, туку и за општините и јавните претпријатија кои се вклучени во процесот на изградбата на депонијата. Претставници на 17 општини и јавно-комуналните претпријатија се дел од редовните состаноци на  заедничкото претпртијатие, кое ќе управува со депонијата. Дел од општините се пожалија на селективност во добивање на информациите и ненавременото информирање од страна на проектот. Ѓорѓи Пејовски, кој раководител на Одделението за локален економски развој во Општина Берово укажува и на други недостатоци од двете страни и кај општините и кај Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање, кое го води проектот со регионалната депонија. 

-Делови од овој проект нецелосно се дефинирани. Во Берово е во фаза на затворање дивата депонија, има ангажирано компанија за тоа, но од друга страна се’ уште не го носиме отпадот во друга општ како што е дефинирано. Но, огромен е застојот. 10 години е преголем период да чекаме, 10 години значи дека некој се родил и пораснал за тоа време, вели Пејовски.

10 години одлагања

Раководителот Пејовски од општината Берово вели дека на терен се присутни повеќе проблеми. Пред се’ проблеми во општините и кај јавните претпријатија, кои се соочуваат со недостаток на кадар,  кои се финансиски оптоварени, поради политиката да не се зголемуваат цените за наплата.

-Од друга страна, како проект на национално ниво нема доволно информации, нема доволно кадар во Министерството, пречесто има промена на раководен кадар и сето тоа води до одлагања. Резултатот е тој – 10 години премногу долг период за еден регион од 100.000 луѓе да не може да го реши собирањето на отпад особено со современа технологија која може да се примени  за брза селекција и транспорт на отпад, вели Пејовски.

Се’ заедно со постојаното одлагање на активнстите за изградбата на регионалната депонија и затворањето на градските депонии направи и тензии меѓу граѓаните на одделни општини.

Фото: Депонија Кочани во чад

Носечкото Министерство на овој проек има објаснување за доцнењето. Одлагањето на процесот и забавувањето на проектот, Каранфилова Мазневска го објаснува со опсежниот процес на мониторирање од Европската унија, со чии пари се реализира.

„Ова се долги и макотрпни процедури кои се строго мониторирани од Европската банка, бидејќи финансирањето е преку кредит, а постапките мора да се водат според нивните правила. Дополнителна пречка е отпорот од јавноста, не затоа што е целосно неоправдан, туку затоа што граѓаните не се доволно информирани. Затоа ќе продолжиме со активности за информирање и едукација, бидејќи ова е систем кој е нов за нашата земја, но неопходен за иднината,“ нагласи Каранфилова Мазневска.

Овој комплексен проект чиј капитален дел е изградбата на фабриката за преработка на отпад во Мечкуевци, предвидува изградна на седум претоварните станици и тоа во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и Берово.

Студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) предвидува дека регионалната депонија ќе има системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот. Значаен дел е селкцијата на отпадот. Како што објаснува раководителката Ана Каранфилов Мазневска проектот предвидува воведување на систем за примарна селекција во домаќинствата.

„Ќе се користат две канти – едната за сува фракција, односно рециклабилен отпад како пакувања и хартија, а другата за мокра фракција, односно органски отпад и остатоци. Мешаниот отпад ќе оди на депонија каде ќе се применува механичко-биолошки третман со цел метанот да не се испушта во атмосферата. Ќе биде изградена депонија согласно сите стандарди, со заштита на почвата, пречистителна станица и систем на цевководи,“ нагласи таа.

Општините само започнаа со селекција на отпад

Некои од општините како Берово веќе почнаа со селекција на отпадот. Како што објаснува Пејовски, Општината Берово многу вложила во набавка на опрема за изнесување на отпад, во селекцијата на отпад, заедно со неколку овластени компании за селекција на отпад.

-Работиме едукативно со граѓаните и настојуваме да ги зголемиме цените за селекција (на предадена пластика) на отпад во соработка со општинскиот Советот. Следна фаза е продлабочување на процесот на селекцијата на отпад на пластика. Хартијата и стаклото потешко се собираат, додека можноста за селекција електронскиот отпад граѓаните не ја користат на соодветен начин и ставаат и друг отпад во садовите за електронски отпад објаснува Пејовски.

Извештајот на ДЗР покажа многу слабости

Во меѓувреме, извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) покажа дека регионалната депонија во Мечкуевци ќе чини 40 отсто повеќе од планираното поради пролонгирање на роковите и доцнење со третата фаза од проектот.

Во оваа фаза, која опфаќа изградба на самата депонија и трансфер станици, се менува и структурата на финансирањето. Наместо првично планираните 85 отсто средства од ЕУ фондови и 15 отсто од буџетот, сега државата ќе мора да обезбеди 65 отсто, а европските фондови ќе покријат само 35 отсто.

„И покрај подготвителните активности, реализацијата на третата фаза за изградба на регионална депонија и трансфер станици се одвива со значително доцнење, што доведува до фискален ризик од губење на доделените грант средства од ЕУ,“ стои во анализата на ДЗР.

Вкупната вредност на центарот за третман на отпад е 48,4 милиони евра, а во оваа сума се вклучени и првите две фази – набавка на инфраструктура и затворање на дивите депонии. Втората фаза сè уште е во тек, а тендерот за третата беше веќе одложен.

Ревизорите предупредуваат дека доколку третата фаза не заврши до 2026 година, постои ризик од целосно губење на средствата од ЕУ.

Дополнително, ДЗР укажува на сериозни слабости во планирањето и евалуацијата на проектите за управување со отпад.

„Новите анализи предлагаат рационализација преку спојување на региони, но без целосна економска анализа на еколошките и социјалните придобивки, па нема реална проценка на исплатливоста на проектот,“ се наведува во извештајот.

Иако проектот опфаќа пет плански региони и 45 општини, ревизорите нотираат дека Скопскиот регион – најнаселен и со најголем потенцијал за ефекти – е целосно изоставен од плановите, и покрај тоа што има изработена студија за изводливост и cost-benefit анализа.

Освен конкретниот проект, ДЗР укажува и на пошироки слабости во јавните инвестиции за рамномерен регионален развој.

„Преземените мерки и активности за распределба на средствата во износ од најмалку 1 отсто од БДП не се постигнати, изборот на проекти не е ефективен, а отсуствува систем за оценка на одржливост на проектите,“ пишува во извештајот.

Иако Министерството за финансии известува дека во 2023 година за регионален развој биле издвоени 2,91 отсто од БДП, според системот СиРеРа реалната бројка е 0,74 отсто од БДП. Од тие средства, само 5 до 10 отсто се доделени преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот преку други министерства – без јасна проценка на ефектот.

К.Т./В.К.

Проектот „Граѓаните и медиумите го „озеленуваат“ Поглавјето 27“ е финансиран од ЕУ, спроведуван од „Евротинк„ во партнерство со АЛДА и БИРЦ. Ставовите на Медиа Плус и партнерот Радио Канал 77 не се одговорност на донаторите. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на ЕУ, Евротинк, АЛДА и БИРЦ.