Граѓанските организации во Валандово бараат поддршка и обуки за развој

На 9 јули 2025, тимот на Мобилниот ресурсен центар одржа средба со претставници на граѓанските организации и активистите во општина Валандово. Средбата отвори важна дискусија за предизвиците и потребите на локалниот граѓански сектор.
Според учесниците, граѓанските организации во Валандово сè појасно ја согледуваат потребата од основни обуки за подготовка на проектни апликации. Недостигот од капацитети за изработка на квалитетни предлог-проекти ги ограничува нивните можности за добивање финансиска поддршка од донатори и институции, што директно влијае врз нивната одржливост и развој. Средбата во Валандово ја потврди важноста од континуирана поддршка за граѓанскиот сектор, преку обуки, вмрежување и создавање услови за финансиска одржливост.
На средбата, младата граѓанска организација „Исчекор – Општество за сите“ ги сподели своите досегашни активности и постигнувања. Меѓу позначајните резултати, тие го истакнаа поставувањето на игралиште за деца – иницијатива што произлезе од потребите на локалната заедница и беше реализирана со ангажман на волонтери и поддржувачи. Тие истакнаа дека поддршката од Граѓанскиот ресурсен центар ќе биде од голема корист за нивниот понатамошен развој. Особено го нагласија значењето на вмрежувањето со други, поголеми организации, што би им овозможило размена на искуства, ресурси и заеднички настапи пред донатори.
Претставник од Црвениот крст во Валандово укажа на сериозната финансиска состојба со која се соочуваат. Како можен излез, предложи вклучување на бизнис-секторот преку донации и општествено одговорни активности, со цел зајакнување на локалната солидарност и поддршка, како и дека има потреба да се јакне културата на волонтирање, особено меѓу младите, бидејќи граѓанските организации често се потпираат на луѓето – волонтерите, особено кога се ограничени со други ресурси.
На средбата учествуваше и претставник од локалната самоуправа на Општина Валандово кој изразија подготвеност Општина Валандово да ги поддржи граѓанските иницијативи, особено доколку организациите навремено поднесат програми за акции, предлози и иницијативи до крајот на годината. Локалната самоуправа редовно учествува во поддршка на културни и спортски настани организирани од локалните организации, а во случаи кога постои конкретна иницијатива, обезбедува логистичка и институционална помош за нејзина реализација. Дополнително тој информираше дека во моментот е активен Локален младински совет, чиј мандат истекува во септември 2025 година. Во разговорот беше нагласено дека е предизвик да се обезбеди континуирано вклучување на млади лица постари од средношколска возраст, бидејќи голем дел од нив заминуваат на студии надвор од Валандово. Ова отвора прашања за одржливоста и активното учество на младите, особено во периодот по завршување на средното образование.
Посетата на Мобилниот ресурсен центар во Валандово беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.