Битката со корупцијата започнува уште од училишните клупи

Корупцијата е проблем кој длабоко се вкоренил во различни аспекти на македонското општество, а нејзиното присуство не останува незабележано ни од најмладите. Според професорот Марјан Николовски од Факултетот за безбедност во Скопје, младите не само што ја препознаваат корупцијата во својата средина, туку и сведочат за нејзиното постоење во образованието и секојдневниот живот. Ова се забележувањата на професорот по завршувањето на Работилницата за антикорупциски иницијативи, одржана на 16 мај 2025 г. со средношколците од СОУ „Димитар Мирасчиев“ од Штип.
Според искажаните ставови на младите, корупцијата веќе не се сведува само на класично поткупување, туку се јавуваат суптилни форми, како одредени услуги кои претставуваат нови модалитети на коруптивно однесување.
“Младите ја препознаваат, особено корупцијата која што е во нивните средини. Низ разговорите младите ни покажаа дека меѓу другите, ги препознаваат и новите модалитети на корупција во образованието, каде што на суптилен начин, кој не е класичен начин на земање и примање на поткуп, туку тоа се прави преку одредени услуги преку нивните родители – а, с# тоа е облик на корупција“ изјави професор Николовски.
Еден од случаите што ја разбуди свеста кај младите за сериозноста на корупцијата и нејзините последици беше пожарот во Кочани. Според Николовски, овој настан покажа дека секој може да биде жртва на корумпиран систем.
Со цел да им се помогне на младите да ја осознаат корупцијата и нејзините последици, организирани се работилници, како дел од овој проект, каде тие можат да ги споделат своите мислења и искуства, но и да бараат начини за борба против корупцијата.


Проектот: Младите во борба против корупција, има за цел да ги едуцира учениците за формите на корупција и да ги поттикне да пријавуваат коруптивни активности. Според проект координаторот Муарем Шакировски – Ганди, иницијативата е резултат на загрижувачките податоци од европските извештаи кои покажуваат пад на Македонија за повеќе од 20 места во рангирањето за корупција во последните четири години.
“Анкетите спроведени меѓу учениците покажуваат дека голем процент од нив корупцијата ја идентификуваат како мито, а дури 80% од учениците признаваат дека забележале коруптивни активности во нивните училишта. Сепак, голем дел од нив не знаат како да ја спречат или каде да ја пријават“ изјави Шакировски – Ганди.
Во рамките на деветмесечниот проект се планираат четири работилници во две средни училишта во Куманово и во едно средно училиште во Штип. Како резултат на работилниците, се очекува учениците да предложат антикорупциски иницијативи и да научат како да се борат против овој сериозен проблем.
Според експертите, крајот на корупцијата е можен доколку се изучуваат и применуваат успешни практики од странство. Со едукација и активна ангажираност на младите, борбата против корупцијата може да започне уште од училишните клупи, создавајќи основа за едно поправедно и транспарентно општество.
Како дел од проектните активности е и посетата на институции, чија надлежност е борба против корупцијата. По завршување на работилницата, средношколците од Штип ја посетија канцеларијата на Народниот правобранител од Штип, каде добија информации за тоа каква заштита како граѓани може да добијат од оваа институција. Во наредниот период, во рамки на проектот е планирана и посета на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Младите во борба против корупција”е проект спроведуван од Центарот за ромска заедница „ДРОМ“ во партнерство со Здружението на мултиетничко општество за човекови права Штип. Овој проект е субгрант добиен во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на работилницата не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.