Младите имаат идеи, но како да ги претворат во локални иницијативи

На 16 мај 2025 година во Радовиш се одржа обука за младински активизам и учество, во рамки на проектот „Регионален младински парламент“. Настанот собра млади активисти, претставници на граѓански организации и службеници за млади, кои заедно дискутираа за младинските политики, предизвиците за учество и можностите за промени.

Преку интерактивни сесии и групна работа, учесниците имаа можност да се информираат за мисијата и концептот на проектот, како и за начините на нивно активно вклучување во планираните активности. Важен аспект на обуката беше вмрежувањето со различни чинители, што придонесе за подобра соработка меѓу младите, институциите и граѓанскиот сектор.

Во рамки на обуката се отвори важна дискусија за ниското младинско учество, каде што учесниците заеднички размислуваа за конкретни решенија што ќе ги мотивираат младите да се активираат.

„Заеднички разговаравме за причините за младинското неучество, и што се треба да промениме за да имаме мотивирани млади, кои нивните идеи ќе ги претворат во локални иницијативи, организации кои имаат капацитет и ресурси да работат со млади и да имаме отворени институции во кои младите ќе имаат доверба. Сметам дека обуката беше одлична затоа што беше корисна, сеопфатна, забавна и ги исполни моите очекувања„- изјави Дејан Андов, претседател на здружението „Џастин Дефендерс“ – Радовиш.

Обуката беше корисна, интерактивна и инспиративна, а младите учесници понесоа нови пријателства и надеж. Очекувањата се дека преку оваа иницијатива ќе бидат обезбедени подобри услови за младите, што ќе се реализира преку oсновање локални младински совети, кои ќе овозможат структурирано учество на младите во донесувањето одлуки и отворање младински центри, како простор за развој, вмрежување и нови иницијативи.

Со оваа обука се прави конкретен чекор кон зајакнување на младинскиот активизам, поттикнувајќи иновативни и одржливи решенија што ќе овозможат младите да ја оформат својата иднина и да создаваат трајни вредности.

Проектот „Регионален младински парламент„ има за цел да создаде платформа и обуки за вмрежување и обединување на младите од Југоисточниот регион и да им овозможи простор за глас, идеи и активизам, а со тоа и зајакнување на комуникацијата помеѓу младите и локалните власти за спроведување на младинските иницијативи.

Проектот „Регионален младински парламент„ се спроведува од Здружението Граѓански креативен центар „Креа“- Радовиш во партнерство со ЦЕЛОР- Цнетар за локален развој од Радовиш.  Овој проект е субгрант добиен во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на работилницата не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.