Екосистемот на Пониква – училница на отворено што инспирира

На 31 мај 2025 година, на Пониква – Осоговските планини, се одржаа едукативни часови на отворено во рамки на проектот „И децата за почиста животна средина“, организиран од Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани и Здружението „Детелина“ – Виница.

Образованието базирано на лице место нуди ефикасен пристап во наставата, каде што природното опкружување и заедницата стануваат наставен материјал. Наместо да учат во затворена училница, учениците добија можност директно да истражуваат природата, да ги набљудуваат процесите во живиот свет и да станат дел од екосистемот што ги опкружува.

Наставниците кои го применуваат овој пристап сведочат за значителни позитивни промени кај учениците – поголема мотивација, концентрација и развој на критичко размислување.

Големо задоволство беше да застанам пред учениците во амфитеатарот – шумата и да зборувам за неа како еко систем. Да ги поттикнам да размислуваат за својата улога во природата и за важноста на нејзиното зачувување“, изјави Љубица Теодосиева, наставник и обучувач, која беше дел од овој проект.

Настанот беше интерактивен, овозможувајќи им на учениците активно да се вклучат во дискусиите со свои размислувања и идеи. Темите опфаќаа екосистеми, животни и растенија, како и нивната меѓусебна поврзаност.

Во време кога децата поминуваат повеќе од седум часа дневно пред екрани, наставата на отворено претставува свеж пристап, овозможувајќи им вистинска инспирација од природата. Сонцето, свежиот воздух и зеленилото покажаа дека можат да поттикнат креативност, релаксација и автентична љубопитност кај учениците.

Оваа иницијатива отвора нови перспективи во образованието, покажувајќи дека училиштето не е само зградата, клупите и таблите. Светот надвор од училницата е исто толку дел од него – и можеби е најважниот учител.

„И децата за почиста животна средина” е проект спроведуван од Здружението „Еко Тим Исток“ – Кочани во партнерство со Здружение „Детелина“ – Виница. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија. Содржината на документот не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.