Во источниот регион почнуваат средби за управувањето со отпадот и теми од животната средина
Здружението на граѓани „Медиа Плус“ од Штип организира серија на консултативни средби со граѓаните, граѓанските организации, неформалните граѓански организации и други засегнати страни и институции чија директна надлежност се прашања кои се опфатени со Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Целта на овие средби е запознавање со тековните состојби, плановите, заемно информирање и запознавање со потребите.
Првата средба се одржува денеска, во 11 часот во Мултифункионалниот центар во Делчево. Следните две се во Штип на 10-ти јули и во Виница на 11-ти.
Овие средби се информативна платформа на која ќе бидат презентирани досегашниот напредок во Поглавјето 27 изразено и преку текот на проектот за регионално управување со отпад, ЕУ директивите од оваа област, како и очекуваните промени што треба да ги донесе натамошниот тек на пристапниот процес.
Активноста е дел од проектот „Граѓаните и медиумите го озеленуваат Поглавјето 27“, финансиран од ЕУ преку Евротинк, Алда и Бирц во земјава, од проектот ,„Медиумите за ЕУ“.